Никаков јапонски „челник“ не им се извинил на невакцинираните, туку осамен анти-ваксерски пратеник
Станува збор за приватно мислење на еден јапонски пратеник, познат по своите приватни антиваксерски ставови поради кои се соочи и со милионски судски тужби од фармацевтски компании во Јапонија за ширење клевети и неосновани тврдења
Тврдењето дека „јапонски лидер признал дека вакцините убиваат милиони“ е целосна дезинформација. Станува збор за мислење на еден јапонски пратеник, познат по своите антиваксерски ставови поради кои се соочи и со милионски судски тужби од фармацевтски компании во Јапонија за ширење клевети и неосновани тврдења
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Додека светот јавно говори за смртноста од вакцините , Македонскиот Менгеле- Филипче сеуште молчи за тоа
Објавата споделува и фотографија со текст на хрватски јазик во кој се тврди: „Јапонски лидер се извини на невакцинираните: ‘Бевте во право, вакцините убиваат милиони наши ценети луѓе’“. Како визуелен доказ, прикажана е фотографија од политичар во костум и илустрација со медицински шприцови.
Ваквото тврдење е целосно невистинито и претставува класична манипулација на изјава, извлечена од контекст со цел ширење паника и антиваксерски наративи.
Човекот на фотографијата е Казухиро Харагучи (Kazuhiro Haraguchi). Тој е пратеник во Долниот дом на јапонскиот Парламент и поранешен министер за внатрешни работи (од пред повеќе од десет години) .
Харагучи не е лидер на Јапонија како што тоа сака да го прикаже објавата, ниту пак, ја претставува актуелната јапонска влада или официјалните здравствени институции. Тој е само опозициски пратеник познат по своите антиваксерски ставови поради кои дури се соочи и со милионски судски тужби од фармацевтски компании во Јапонија за ширење клевети и неосновани тврдења.
Контекстот зад оваа лажна вест потекнува од неговото обраќање на приватен протест во Токио (одржан на 31 мај 2024 година), каде тој лично им се извинил на граѓаните за смртните случаи во земјата, субјективно поврзувајќи ги со вакцините.
Неговата лична изјава на политички митинг брзо беше преземена од познатиот странски дезинформациски медиум The People’s Voice Science Feedback, кој ја спакува во сензационалистички лажен наслов: „Јапонскиот лидер се извини…“. Оттаму, манипулативната веста беше преведена на десетици јазици, вклучително и на јазиците од Балканот.
Официјалниот став на Јапонија и нејзиното Министерство за здравство е непроменет – тие цврсто стојат зад ставот дека одобрените вакцини против ковид-19 се безбедни и ефикасни. Јапонските власти никогаш немаат упатено никакво официјално државно извинување до невакцинираните лица.
Дополнително, тврдењето дека вакцините „убиваат милиони луѓе“ е статистички невозможно и медицински демантирано. Релевантните светски здравствени организации, како Светската здравствена организација (СЗО), потврдуваат дека со над 13 милијарди аплицирани дози ширум светот, вакцините спасија милиони животи, а сериозните несакани ефекти остануваат екстремно ретки.
Тврдењето дека „јапонски лидер признал дека вакцините убиваат милиони“ е целосна дезинформација. Станува збор за мислење на еден единствен контроверзен пратеник, лажно претставено како официјален државен став на Јапонија.
Поради тоа објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар