Никој не бил во притвор поради мерките за справување со корона вирусот

Фото: META

Ниту едно лице во државата не завршило во притвор поради непочитување на мерките за справување со корона вирусот. Исто така, никогаш не може да се утврдат 100 отсто од контактите на заразените, а најмалку кога бројот на новозаразени е голем на дневно ниво, како што се денешните бројки. Но, тоа не спречува „весела математика“ каква што гледаме во постот што го рецензиравме

Ниту едно лице во државата не завршило во притвор поради непочитување на мерките за справување со корона вирусот. Исто така, никогаш не може да се утврдат 100 отсто од контактите на заразените, а најмалку кога бројот на новозаразени е голем на дневно ниво, како што се денешните бројки. Но, тоа не спречува „весела математика“ каква што гледаме во постот што го рецензиравме

 

Пост со неколку невистинити содржини на Фејсбук, манипулира со јавноста околу мерките на државата против корона вирусот, особено за мерката задолжителна самоизолација, односно карантин.

Во постот се наведуваат следните „математики“ фрлени „од ракав“:

Кога ги пукаа карантините, кркавме по 3 до 4 дена притвор , реакции и негодување имаше колку сакаш. Сега преминуваат на друга стратегија . Енормно го зголемуваат бројот на заболени , а секој од потврдените случаи бил во контакт со најмалку 10 луѓе , кои ќе кркнат 14 дена самоизолација т.е. притвор . Оној момент кога се регистрираат 300 заболени , автоматски уште 3000 одат карантин 14 дена . Значи за едно недела дена , пола држава ќе биде во самоизолација од 14 дена . Подобро и од карантин им се погоди ова.

Првата невистина во овој пост е таа дека „кркавме по 3 до 4 дена притвор“. Во државата и во моментот на најригорозно спроведување на мерките за справување со корона вирусот немаше притвори поради непочитување на карантините, а особено не поради непочитување на самоизолацијата. Има примери за приведување поради непочитување на ограниченоста на слободата на движење (полициски час), но тие секогаш биле приведување (а не притвор), во полициска станица поради земање податоци и поднесување прекршочна или кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик. Тоа може да се утврди преку пребарување по интернет на вестите според клучни зборови, за што можат да се видат примери ТУКА и ТУКА и ТУКА. А, за непочитување на решение за изолација поради можност од зараза со корона вирусот, биле изрекувани присилни мерки за државна изолација, за што може да се види преку примерот наведен ТУКА.

Втората невистина е дека (властите) „Сега преминуваат на друга стратегија. Енормно го зголемуваат бројот на заболени…“. Не постои ниту најмал сомнеж или полуфакт и полуаргумент, кој покажува дека власта го зголемува или намалува или си игра со бројките на заразени, односно заболени од корона вирусот. Ова прашање, што се покажа актуелно кај некои соседи, особено во Србија, кај нас никогаш не било прашање. Јавноста, т.е. новинарите повеќе пати го имаат поставено пред одговорните лица, било да е министерот за здравство Венко Филипче, било кај членови на Здравствената комисија и секогаш добивале негативен одговор, а од друга страна, во медиумите никогш не се пројавил аргументиран сомнеж дека се манипулирало со овие бројки. Впрочем, секој читател со здрава логика би можел да си го постави логичното прашање – кој би бил мотивот или користа на власта „енормно да го зголемува бројот на заболени“? Таква, нема.

И конечно, третата невистина во постот е  „секој од потврдените случаи бил во контакт со најмалку 10 луѓе , кои ќе кркнат 14 дена самоизолација т.е. притвор . Оној момент кога се регистрираат 300 заболени , автоматски уште 3000 одат карантин 14 дена.“

Претпоставката на епидемилозите врз основа на наука дека еден потврден случај на заразен со овој вирус може да зарази и до 10 лица, тука е употребена како факт дека биле во контакт со 10 лица, кои веднаш „ќе кркнат 14 дена замоизолација“.

Дека тоа воопшто нема врска со реалноста покажуваат и аргументите што ги дава првиот човек на Центарот за јавно здравје Скопје, Александар Стојановски. Тој вели дека поради зголемен број на нови случаи во Скопје, невозможно е епидемиолозите да ги испитаат и мапираат сите контакти со граѓаните (гледај од 34 минута), како и вториот проблем, што многу од граѓаните не ги пријавуваат контактите, со цел да ги заштитат своите познаници или пријатели од мерката – решение за самоизолација (гледај од 36 минута).

Конечно, не секој контакт оди во изолација. Тие се делат на контакти од низок, среден и висок ризик и според тоа се носи решеније за изолација, односно самоизолација. Види ТУКА.

Според тоа, целиот пост е фикција, т.е. невистина, а таа невистина предизвикува коментари дека „посебно рипаат бројките кога ќе се најави некој протест…“ или коментари од типот „сатани, ќе им дојде брзо крај“ и „ковидтероризам“.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција