Никој не бара од Јакимовски да прими 5.000 бегалци

С. Јакимовски. Фото: META

Кој, кога и каде побарал од Општина Карпош да прими 5.000 бегалци од Сирија? Очигледно е дека со одговорот на ова прашање ќе се види дека станува збор за манипулативен исказ, базиран врз невистинито имплицитно тврдење, дека некој тоа го побарал од Општината

 

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски на својата фан страница на Фејсбук даде изјава во врска со политиката на Владата на Република Македонија кон бегалците, а како дел од негова поддршка за Иницијатива за референдум против изградба на бегалски кампови во општините во Македонија, при што во изјавата има повеќе невистинити елементи:

Македонија не е држава која ја бомбардирала или учествувала во бомбардирањето на Сирија, и затоа нема обврска да ги прими бегалците. Кој ги бомбардирал, тој нека ги носи кај него, а во случајов тоа се САД и Русија…

Македонија треба да прими бегалци, и таков е редот, доколку има воени дејствија во регионот, како што тоа беше случајот со бегалците од Босна и Херцеговина и Косово.

Во Стратегијата за бегалци, најголемиот дел од обврските се префрлаат врз локалната самоуправа и тоа преку барањето да им обезбедиме домување, да ги вклучиме во образовниот процес, односно во нашите училишта, да им обезбедиме стимулативни мерки за вработување, додека Владата презема мерка само да им обезбеди државјанство.

Општина Карпош не е подготвена да прими 5.000 бегалци од Сирија и да го загрозува животот на останатиот дел од граѓаните. Токму затоа ја потпишувам оваа иницијатива…

[Извор: Фејсбук, фан страница на Стевчо Јакимовски/Макфакс, датум: 23.08.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот Јакимовски образложувајќи ги аргументите зошто е потписник и ја помога иницијативата против изградба на бегалски кампови во општините во Република Македонија, искажа аргументи кои се невистинити.

Во неговата изјава – образложение, има мешаница на политички ставови и на невистинити факти за обврските на РМ, за локалната самоуправа и за намерите на Владата, која преку Министерството за труд и социјална политика (МТСП) треба да усвои документ – стратегија за ова прашање за периодот 2017-2027 година.

Македонија не е држава која ја бомбардирала или учествувала во
бомбардирањето на Сирија, и затоа нема обврска да ги прими бегалците

Оваа изјава на Јакимовски не соодветствува со вистината од аспект на обврските што ги има преземено РМ кон меѓународните институции, а кои потоа се вградени и во домашното законодавство (од Универзалната декларација за правата на човекот, Преку Конвенцијата за статусот на бегалците, до Законот за азил и Законот за државјанство, кој предвидува право на остварување на државјанство на РМ и на лице со стекнат статус бегалец).

Факт е дека Македонија има обврски кон бегалците, како загрозени лица кои се третираат под системот на меѓународна заштита.

Невистинито е и дека Македонија треба да прими бегалци само доколку има војни во регионот и дека таков е редот, како што тоа било со војните во БиХ, Косово. Македонија има обврска да прими на своја територија лица кои се водат како бегалци од каде било, а не само од регионот.

Сосема друго е прашањето колкави се капацитетите на РМ да се справи со огромни бранови бегалци и тоа особено се виде со бегалската и мигрантска криза во изминатите две години. Притоа беше остварувана и нужна соработка со меѓународната заедница, а имаше и јасно декларирање на капацитетите на земјата.

Во Стратегијата за бегалци најголем дел од обврските се префрлаат на локалната самоуправа

Станува збор за уште една изјава која може да се оцени како невистинита. Во Предлог-стратегијата на МТСП само се акцентира дека една од слабостите на претходната стратегија и воопшто на праксата, било ниското учество на локалната самоуправа во во сферата на домувањето, како и прашањето за олеснување на процедурите за стекнување државјанство.

Општина Карпош не е подготвена да прими 5.000 бегалци од Сирија….и токму затоа ја потпишувам иницијативата за референдум.

Кој, кога и каде побарал од Општина Карпош да прими 5.000 бегалци од Сирија?  Очигледно е дека со одговорот на ова прашање ќе се види дека станува збор за манипулативен исказ, базиран врз невистинито имплицитно тврдење, дека некој тоа го побарал од Општината.

Конечно и Владата, односно МТСП, уште пред две-три недели излегоа со јасни ставови во врска со ваквите тврдења, објаснувајќи прецизно дека Македонија била и ќе остане генерално,  земја – транзит за бегалците:

Лажна вест е дека  државата ќе гради станови за бегалците и дека тие ќе останувале во Македонија. Во Република Македонија нема да се градат кампови за бегалци, нема да се даваат државјанства за бегалци, ниту пак ќе се активираат некои други мерки во таа насока.

Секоја информација во поинаква насока е лага, неточна и невистинита… (Извор: Влада на РМ)

Поради погоре наведените аргументи, делови од изјавата на Стевче Јакимовски ги оценуваме за невистинити односно невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција