Никој не „пушта“ комарци за ширење вируси и бактерии како дел од „агенда“

Тигрест комарец Фото: Sixto Emmanuel Picones Puebla, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Како што наведува Центарот за контрола и превенција на болести на САД, прскањето против комарци е со цел намалување на инсектите што шират вируси, а не за зголемување на нивниот број.

Како што наведува Центарот за контрола и превенција на болести на САД, прскањето против комарци е со цел намалување на инсектите што шират вируси. Оттаму додаваат дека прскањето е безбедно и се одвива на начин што авиони и хеликоптери прскаат производи кои брзо ги убиваат или возрасните комарци или ларвите за да се намали бројот на комарци во една област. Иако прскањето привремено го намалува бројот на комарците во областа, сепак со него не може трајно да се ослободиме од нив, додаваат од Центарот

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ве прскаат секој ден, само што не против комарци туку за комарци и плус отрови кои ги дишеме и разболуваме! Комарците се биолошко оружје и ги пуштаат за ширење вируси и бактерии и се дел од агендата 2030.

Објавата содржи елементи на теорија на заговор, односно содржи невистини. Не е точно дека „секој ден“ се прска за комарци и со отрови. За 2026 година, според надлежните, се планирани по пет авионски и терестични прскања против ларви и против возрасни комарци.

За авионското прскање против ларви од комарци се користи средството Биопрен 50 ЛМЛ, додека за прскањето против возрасни комарци се користи средството Аква К Отрин. Во рамки на јавната набавка за авионска дезинсекција е предвидена единствена вредност која ги опфаќа и услугата за прскање и набавката на средствата, во вкупен износ од 36, 6 милиони денари, велат од Градот Скопје.

Прскањето против комарци не ги „создава“ или намерно не ги привлекува комарците. Прскањето обично се прави затоа што веќе има многу комарци или постои зголемен ризик од болести. По прскањето, понекогаш може привремено да се забележи поголема активност, бидејќи вознемирените комарци почнуваат да летаат пред да угинат. Многу програми за прскање ги намалуваат само возрасните комарци за краток период, а нови комарци можат да се појават неколку дена подоцна од стоечка вода. Ако не се третираат местата каде што се размножуваат (олуци, кофи, одводи, бари), популацијата брзо повторно расте. Програмите за контрола на комарци главно имаат цел да го намалат ширењето на болести како западно нилски вирус, маларија и зика.

Постојат теории на заговор дека прскањето тајно служи за зголемување на бројот на комарци, но нема веродостојни научни докази за тоа. Напротив, повеќето прскања во општините во С. Македонија користат инсектициди чија цел е да ги уништат возрасните комарци или нивните ларви.

Комарците не се биолошко оружје, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Во природата, комарците шират болести затоа што се хранат со крв и можат да пренесуваат вируси или паразити меѓу луѓе и животни. Затоа здравствените служби се обидуваат да ја намалат нивната популација.

Контрадикторно е тоа што се тврди во објавата – комарците истовремено, ем се биолошко оружје за ширење вируси и бактерии, ем се дел од агендата 2030. Ако се погледне што значи тоа „Агенда 2030“ во поглед на комарците, тогаш ќе се дојде до заклучокот дека интернационалната иницијатива е дизајнирана за драстично да ги намали или да ги елиминира болестите предизвикани од комарци до 2030 година, особено маларија и зика. Нема веродостојни докази дека комарците се пуштени како дел од некаква „Агенда 2030“ за создавање вируси, бактерии или депопулација зашто таква не постои.

ОН има програма наречена Агенда за одржлив развој 2030, но таа официјално се состои од цели како намалување сиромаштијата, подобро здравство, образование, чиста вода и одржлив развој, а не биолошко оружје или тајни планови за населението.

Како што наведува Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ), прскањето против комарци е со цел намалување на инсектите што шират вируси. Оттаму додаваат дека прскањето е безбедно и се одвива на начин што авиони и хеликоптери прскаат производи кои брзо ги убиваат или возрасните комарци или ларвите за да се намали бројот на комарци во една област. Иако прскањето привремено го намалува бројот на комарците во областа, сепак, со него не може трајно да се ослободиме од нив, додаваат од Центарот.

Никој не ги „пушта комарците“ за да шират вируси и бактерии, тие природно пренесуваат болести затоа што некои видови можат да шират вируси или паразити по каснување на заразени животни или луѓе.

Постојат генетски модифицирани комарци, првенствено Aedes aegypti, кои се создадени за борба против болести како што се денга, зика и маларија со намалување на дивите популации или инхибирање на преносот на паразити. Машките генетски модифицирани комарци, кои не касаат, носат самоограничувачки ген кој ги убива женските потомци, намалувајќи ја популацијата со текот на времето. Над една милијарда од овој вид комарци се пуштени низ областите во Бразил, Азија и САД од 2019 година.

Вистиномер веќе ја има дебанкирано невистината дека „не прскаат со отрови од небото“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција