Охрид сè уште не доби затворен базен

Бакрачески вети во 2013 година, а изградбата на базенот почна во 2015 година Фото: Принтскрин

 

 

Проект: Изградба на еден затворен пливачки базен

Опис: Преку овој проект ќе изградиме еден затворен пливачки базен со меѓународни стандарди за ватерполо, односно со димензии 33 м – 25 м. Тој ќе биде пристапен за задоволување на потребите на пливачките клубови и ќе се користи за обука на училишната младина за пливачките спортови, како и за спортска рекреација на граѓаните на општина Охрид. (Извори на финансирање: Буџет на Република Македонија Рок: 2013- 2017 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот  на Охрид Никола Бакрачески за локалните избори во 2013 година, вети „изградба на затворен пливачки базен“. Во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Охрид“  (во делот Спорт и млади, стр. 25) , е наведено дека ваков базен ќе биде направен во периодот(2013-2017 година). Затворениот базен за пливање  се споменува меѓу приоритените проекти во изборната програма на Бакрачески (стр.11) и притоа се вели дека „За развој на спортот веднаш ќе преминеме кон изградба на затворен пливачки базен во Охрид“, (извадок од воведот во изборната програма стр.10).Сепак, базенот почна  да се гради со задоцнување од две години (во ноември 2015 година) и неговата изградба е во тек, така што ова изборно ветување го сметаме за „делумно исполнето“

Инаку, станува збор за проект кој ВМРО-ДПМНЕ го ветува неколку пати. Пред шест години, во ноември 2011 година, Владата донесе одлука за изградба на затворен базен во Охрид. Базенот требаше да го гради Агенцијата за млади и спорт. Како што тогаш беше соопоштено , затворениот базен требаше да се гради во рамки на Спортско рекреативниот центар „Атина Бојаџи“, со средства од државниот буџет.

Но, до локалните избори 2013 година базенот не беше изграден  и ова ветување на ВМРО ДПМНЕ беше префрлено во изборната програма на Бакрачески, во тоа време кандидат на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид. Покриениот базен беше едно од главните ветувања на Баркарчески во неговата предизборна кампања, во која децидно изјавуваше дека веднаш по изборот за градоначалник ќе пристапи кон „реализацијата на изградбата на долговетуваниот затворен олимписки базен во Охрид“.

Веднаш по моето доаѓање на местото градоначалник, ќе пристапиме кон реализација на изградбата на долго ветуваниот затворен олимписки базен, изграден според сите меѓународни стандарди, со димензии 33 со 25 метри, што ќе овозможи реинкарнација на спортовите по кои некогаш Охрид беше препознатлив- пливањето и ватерполото. Ќе ја продолжиме традицијата на нашите предци во овие спортови и ќе овозможиме развој и унапредување на талентираните млади луѓе. Ќе придонесеме кон развој на спортскиот дух во градот, здравите навики, а истовремено базенот ќе биде местото каде ќе се рекреираат и дружат граѓаните ( Бакрачески – 06.03.2013)

Но, и покрај тоа што „затворен пливачки базен“, беше прогласен за приоритетен,  овој проект  не стаса на ред за реализација до предвремените парламентарни избори во 2014 година . Во тоа време (април 2014) „Вистиномер“ направи анализа на исполнетоста на ова изборно ветување и го оцени како „неисполнето“.

Изградбата на затворениот базен во спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ во Охрид започна  дури на крајот од 2015 година.  На отпочнувањето на градежните работи присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски (во тоа време и премиер), градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески. Како што пренесоа медиумите Груевски тогаш изјави:

Изградбата на затворениот базен во Охрид е едно од децениските барања на жителите на Охрид кое низ годините беше тема на разни политички манипулации и шпекулации. Многумина ветуваа, многумина ќе го градеа овој базен, но реалноста е таа. Нашиот најголем град кој излегува на Охридското Езеро, градот со огромен број пливачи и љубители на водните спортови никогаш во минатото не добил затворен пливачки базен. Таквата реалност конечно се менува. Ние ветивме и за разлика од другите не заборавивме на ветеното. Зборот си е збор и ние држиме до зборот. По тоа сме и препознатливи кај народот

На 23 јули 2016, за време на посетата на Охрид на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Спасески информираше дека изградбата на затворениот базен е во „напредна фаза на реализација“ и дека се очекува да биде готов до средината на 2018 година.

 Интензивно се работи на тој проект. Се тамопонира горниот слој на подлогата. Имавме некои проблеми, непредвидени градежни зафати,  проблеми со подземни води, но тие се надминати и интензивно се работи. Очекуваме согласно сегашната динамика за две години, односно кон средината на 2018 година Охрид да добие капитално спортско здание што ќе значи многу не само за градот, туку и за целата држава. Се работи за прв затворен базен изграден во земјата по 30 години, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт (Спасески)

На каналот Youtube пред нешто повеќе од еден месец (18.02.2017) беше поставен видео-материјал  ( на кој стои адресата на веб-страницата на охридскиот градоначалник Бакрачески) на кој се гледа дека се во тек градежните работи на покриениот базен.

Така што, иако завршува градоначалничкиот мандат на Бакрачески, со оглед на тоа што се направени конкретни чекори за реализацијата на проектот – почната е изградбата на базенот и веќе се издига трибината, според методологијата на „Вистиномер“ова изборно ветување добива оценка „делумно исполнето“.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција