Димитров: Со договорот со Грција идентитетот е заштитен, а јазикот признат и од ЕУ

Никола Димитров. Фото: Скриншот

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, во интервју за ТВ Сител даде изјава/оценка за договорот со Грција во делот за заштитата на идентитетските прашања за Македонија и граѓаните на земјава, што ја оценуваме како вистина. Димитров во интервјуто се повика на самиот договор, отфрлајќи ги шпекулациите дека со тек на времето придавката изведена од името Република Северна Македонија може да доведе до тоа македонскиот јазик и националност да биде означена со северно македонска. Никаде во договорот не стои дека придавката може да се користи така – дециден е тој

 

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за ТВ Сител даде изјава која ја оценуваме како вистина:

…Во три одредби (од Договорот) главно се дефинираат идентитетските прашања. Првата е во член еден, државјанство, каде што се вели „македонско“, а никаде не се вели северномакедонско, или „на Република Северна Македонија“ со коса црта. Јазикот е „македонски јазик“. И во членот седум се прави дистинкција, како ние го разбираме поимот Македонија, македонско, а како тие, таму се вели во однос на нашата страна, нашиот народ, нашите атрибути, нашата традиција, нашиот историско-култерен контекст, културно наследство…(во догворот-н.з.) е македонско и поимот Македонија…(од 2.13 минута во видеото)

[Извор: ТВ Сител – Разговор со Никола Димитровдатум: 25.06.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, во интервју за ТВ Сител даде изјава/оценка за договорот со Грција во делот за заштитата на идентитетските прашања за Македонија и граѓаните на земјава, што ја оценуваме како вистина.

Димитров во интервјуто се повика на самиот договор, отфрлајќи ги шпекулациите дека со тек на времето придавката изведена од името Република Северна Македонија може да доведе до тоа македонскиот јазик и националност да биде означена со северно македонска. Никаде во договорот не стои дека придавката може да се користи така – дециден е Димитров.

Со проста проверка на Договорот, кој е објавен на веб страницата на Владата на РМ може да се уврди вистинитоста на изјавата на Димитров:

Точка 1, став 3, алинеа (б):

Државјанството на Втората страна (Република Македонија – н.з.) ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи...

Исто така, во истата точка, алинеја (в), за употребата на македонскиот јазик се нагласува:

Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“, како што е признаено на Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во членот 7, став (3) и став (4) од оваа Спогодба.

Во истата точка, алинеја (г),  е дефинирано како ќе се разбираат поимите „Македонија“ и „македонско“, кои се дефинирани во Точка 7, во која се наведува следното во ставовите 1, 3 и 4:

Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

Во однос на Втората страна (Р.Македонија – н.з.), овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во членот 7, став (2).

Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на Јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.

Впрочем, Димитров уште на почетокот на емисијата, одговарајќи на забелешката на новинарката дека според опозицијата јазикот бил признат во ООН уште од порано, го вели следното:

…Mеѓутоа не беше прифатен од Грција, а бидејќи Грција е членка на на Европската унија, не беше прифатен ниту во ЕУ. И затоа РМ нема ниту еден договор со Европската унија каде што се споменува (македонскиот јазик – н.з.) или кој е потпишан на македонски јазик со ЕУ. Многу е важно да се стави точка на тој предизвик околу македонскиот јазик. Околу фактот дека ние сме Македонци. И затоа е обвинувана грчката влада од нивната опозиција – Грција прифаќа дека ние имаме право на самоопределување, тоа е неспорно право, меѓутоа чекорот на прифаќање на тоа право е предмет на критика. И затоа, од двете страни имаме една „рашомонска“ ситуација – како што велиме дека (договорот) е крај на една ера на предизвици на идентитетот, а истовремено опозициите велат дека сме „капитулирале“, дека е „ден на срамот“ …И јас секогаш велам, нека седнат опозициите од двете земји, нека се договорат, со отворено срце ќе го разгледаме и тој договор (0.46 до 1,50 минута во интервјуто).

Покрај увид во Договорот направивме проверка и на овие тврдења на Димитров. Навистина, нема ниту еден документ потпишан со ЕУ на македонски јазик. Договорите се парафираат и потпишуваат на англиски со ознаката ФИРОМ за Република Македонија, а ако треба да сe ратификува тој документ во Собранието, само тогаш се преведува на македонски и на албански јазик, како составен дел од соодветниот закон за ратификација, вели претставник на македонскот МНР со кого се консултиравме.

Ако се оди и на веб страницата на ЕУ делегацијата во Македонија, исто така, може да се види дека само основните инфорmации се напишани на македонски и албански, а сè останато е објавувано на англиски јазик.

Покрај тоа, навистина, грчката Влада, односно премиерот Алексис Ципрас и министерот за надворешни Никос Коѕијас, неколку пати повторија дека правото на самоопределување е природно право и признато со Повелбата на ООН и дека тие во преговорите не можеле да го оспорат тоа право на РМ и на граѓаните на РМ. Впрочем и кртичарите на договорот во Грција го велат токму тоа. Во последното интервју на лидерот на најголемата грчка опозициска партија Мицотакис, тој изјави дека ако во договорот имало термини северномакедонски јазик и северномакедонци ќе бил позадоволен.

Нашиот главен приговор за договорот е фактот што господинот Ципрас отстапи нешто за што ниту една претходна влада не сакаше да разговара, за јазикот и за националноста. Односно за суштината на иредентизмот – вели Мицотакис.

Од друга страна, вистина е дека главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не само што го смета договорот за капитулантски и предавнички, туку од неодамна му го менува името на премиерот Зоран Заев, нарекувајќи го во официјалните обраќања на партијата Зоран Коте Заев, со јасна алузија на Коте Христов од Руља, кој што важи за предавник на македонските интереси и национална борба за слобода и признавање, бидејќи во последната фаза од својот живот преминал на страната на грчките андрти и работел за епископот Германос Каравангелис, со цел искоренување на Македонците од Егејска Македонија и освојување на териториите кои подоцна беа признати по Балканските војни.

Според горенаведените аргументи, тврдењата на Никола Димитров дека со договорот со Грција се признава македонскиот идентитет и тој сега ќе биде потврден и од ЕУ, бидејќи Грција не се против на нашиот јазик, ги оценуваме како вистинити.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција