Уште од 2008 година за ВМРО-ДПМНЕ успешен референдум е мнозинство од излезените граѓани

Фото: vlada.mk

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров на Фејсбук  објави неколку конкретни ставови околу референдумското изјаснување кои ги оценуваме како вистинити.

Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров  деновиве (03.10.2018)  преку објава на својот Фејсбук профил,  насловена  „Факти за референдумот“, акцентираше неколку точки за референдумот, меѓу кои, и следните:

Дали е факт дека во програмата на ДПМНЕ на страна 295 пишува дека референдумот ќе биде успешен доколку го поддржат мнозинство од граѓаните кои ќе ИЗЛЕЗАТ да гласаат, а не мнозинство од запишаните на избирачкиот список? Да. Еве цитат:
“ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со можното решение.”

Дали е е факт дека референдумот беше консултативен, односно незадолжителен? Да.

Дали е факт дека прашањето за референдумско консултирање на граѓаните за прашањето за името беше воведено од сегашната опозиција за сега да апстинираат”? Да.

[Извор: Фејсбук профил на министерот Никола Димитров; Тиме.мк,  датум: 03.10.2018]

 

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров на Фејсбук  објави неколку конкретни ставови околу референдумското изјаснување кои ги оценуваме како вистинити.

Димитров во својат ФБ статус посочува дека во програмата на ВМРО- ДПМНЕ на страница 295 е запишано дека: „ референдумот ќе биде успешен доколку го поддржат мнозинство од граѓаните кои ќе ИЗЛЕЗАТ да гласаат, а не мнозинство од запишаните на избирачкиот список. Како доказ тој го посочува и следниот цитат:


ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со можното решение.

Ја проверивме програмата со која ВМРО-ДПМНЕ излезе на последните парламентарни избори 2016 година, „Реално“, и таму  во поглавјето „Надворешни работи и европски интеграцииима посебен пасус со наслов:Политички спор кој го наметнa Грција за нашето уставно име Република Македонија“ (стр.295), каде навистина го има овој цитат.

Но, исто така, во овој пасус најпрво е децидно  наведено дека:

ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот, со цел промена на уставното име на Република Македонија.

А потоа, наспроти ваквиот цврст став,  се вели дека ВМРО-ДПМНЕ  нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум…“, што е некако контрадикторно. Прво вели нема промена на Уставот, со цел промена на уставното име, значи воопшто нема никакво менување на името, за подолу да каже дека  кое било решение за името најнапред мора да биде прифатено од мнозинството граѓани кои ќе излезат на референдумот организиран за таа цел. Што делува некако збунувачки, нејсно е дали партијата прифаќа, или не прифаќа промена на уставното име.

Вистина е и тоа, како што вели Димитров,  дека прашањето за референдумско консултирање на граѓаните за името  беше промовирано од сегашната опозиција. ВМРО-ДПМНЕ првпат го стави референдумот уште во 2008 година. Во изборната програма  Перодба во 100 чекори надградена и проширена,  во делот „Приоритети на надворешната политика за 2008 – 2012 година“ (стр.146) исто така е наведено дека за можното решение треба да се согласат „мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на тој референдум“.

Во програмата од 2008 година , фактички го има речиси истиот пасус како оној  во последната изборна програма „Реално“ (2016):

ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи какво било решение и каков било компромис за спорот кој го наметна Грција, да бидат прифатени од страна на поединци политичари, влада или парламентот, без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните преку референдум, и мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на тој референдум да се согласи за тоа решение.

Дури потоа, пред предвремените парламентарни избори 2011 година, референдумот за името стана дел од политичката реторика на  СДСМ за решавање на спорот со Грција.

Исто така, точно е и тоа  дека  референдумот беше распишан  како консултативен, а Одлуката за неговото одржување Собранието ја донесе на 30 јули 2018 година.

Принтскрин  од Одлуката за распишување на референдум

Па, имајќи го сето ова предвид горенаведените ставови на министерот Димитров ги оценуваме како вистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција