Нина Ангеловска: „Тесна кожа“ за младата министерка

Фото: ФинМин

 

 

Ако говорите пребрзо во јавни настапи за економски или финансиски прашања, ги правите истите посложени отколку што се тие вообичаено. Деновиве јавноста очекува едноставни и разбирливи објаснувања да доаѓаат од Министерството за финансии. Ангеловска, како и целата земја, е во исклучително тешка ситуација, ама мора да се бори да ги придобие граѓаните за тешките одлуки, да изнудува солидарност и при тоа да го доживее своето „калење на челикот“

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

„Вирусот не е дојден во земјава за брзо да си замине“ – изјави шефот на државата Стево Пендаровски кога го свика неодамна Советот за бебедност, каде падна идејата за воведување на вонредна состојба во државата заради епидемијата на корона вирусот. Ова ни се случи во време кога ние веќе имавме закажани избори за 12 април годинава. Владата функционираше по т.н. пржински концепт, што во вакви околности посебно ги усложнува работите. Според практиката со тој модел, Министерството за финансии остана во рацете на дотогашниот функционер, поставен од СДСМ, кој добиваше заменик од опозициските редови со цел да се воведе систем на т.н. врзани потписи, еден вид поделена одговорност за состојбата со државната каса, со цел во предизборието да не дојде до злоупотреба на буџетските средства.

 

ПРЖИНСКИОТ МОДЕЛ КАКО КОМПЛИКАЦИЈА

На чело на Министерството и тогаш и сега се наоѓа Нина Ангеловска (31) докторирана на Економскиот факултет и таа, како и нејзината заменичка, независно што се политички опопненти, се наоѓаат пред огромната дупка во касата, согласно на потребите кои постојат сега и во наредните месеци во земја сочена со корона вирусот, но и гледана низ визирот на перспективата за приливот на пари во држава која речиси се стопи.

Министерката, ако можеме да споредуваме, е како дел од семејството од филмот „Тесна кожа“ од југословенските времиња кои ја отсликуваа немаштијата во 80-години од минатиот век.

Семејство од тој филм сме сите ние сега и треба, како што вели експремиерот Заев во неодамнешното интервју за „Утрински брифинг,“ да очекуваме одговорните функционери да пополнат дупка во висина од 2,2 милијарди, што се создаде во касата на државата во околности кои на сите им се познати. Можеби ќе најдеме кредитори за позајмица од една милијарда евра, вели тој, ама остатокот треба да се бара во внатрешни прераспределни и штедења и во државниот и во приватниот џеб.

Ни фали милијарда евра за да ги покриеме штетите. Баравме милијарда и 200 милиони евра, а најдовме само 600 милиони. Големите држави ги зедоа парите и сега нема евтини кредити. Затоа треба да кратиме од трошоците. Колку побрзо ги скратиме непродуктивните трошоци, толку побрзо ќе излеземе од тешката криза. Се надевам дека ќе бидеме мудри и храбри зошто, не дај боже да треба да кратиме од здравствените трошоци. Тоа ќе значи дека нема да се лечиме. Треба да функционира и полицијата, војската, порача Заев, во интервју за „Утрински брифинг“.

Министерката за финансии е навистина опкружена со невозможни барања, со неопходни и итни трошења, воедно со намалени примања по сите основи, но решенијата мора да се брзи. Што ѝ се случи на функционерката која беше одличен студент, пример во зоната на старт-ап бизнисите? Ова, секако, никој не можел да го предвиди и во најкошмарните соништа, а не е пријатно и некој кој веројатно и нема многу елементи во своето искуство, кои би се подразбирале во вакви ситуации, кога е нужно „снаоѓање“. Тој кусок кај младите функционери веројатно ќе се надгради со самото постоење на еден колективистички манир на раководење во дадената ситуација и релативно поблага меѓународна волја за солидарност кон нас, особено од пред некој ден.

За волја на вистината, таа не е најмладиот функционер во нашата Влада. Да не заборавиме дека кога Бранко Црвенковски стана премиер во 1991 година имаше 29 години, што беше безмалку за Гинис. Будимпештанскиот бегалец Никола Груевски стана министер во Владата на Љубчо Георгиевски кога имаше 28 години, а конкретно министер за финансии стана со 30 години. Ангеловска само ја продолжува таа „традиција“ со своите 31 година на така висока функција, „најважна после премиерскатакако што толкува ексминистертот за финансии Трајко Славевски.

 

УСПЕШНА ВО СТАРТ-АП БИЗНИСОТ

Таа во шестата генерација на новата студиска група на Економскиот факултет (е-бизнис) имаше резултат на соништата (просек 9,94), а таму лесно магистрираше и докторираше. Основаше приватна компанија (Групер) и во работата со неа, како соосновач, со двајца колеги и вработувајќи десетмина вработени, стигна до тоа во 2016 година германскиот магазин The Hundert да ја вброи во 100 успешни жени основачи на старт-апи во Европа, а во 2018 година магазинот Форбс ја наградува со престижното признание „30 под 30“ за Европа во категоријата малопродажба и е-трговија. Дека таа имала и политички амбиции покажа фактот дека учествувала во Школата за млади лидери, која во минатото постоеше под покровителство на експретседателот Ѓорѓи Иванов, како предавач во група од каде произлезе и контраверзната сега ексминистерка Рашела Мизрахи (!).

Навистина, во мигот кога беше предложена на оваа функција, Зоран Заев ги имаше пред себе нејзините успеси со „Групер“. Како што кажа Заев, „ова треба да биде показател дека младите треба да останат во Северна Македонија и да се трудат и да работат, па ништо не е недостижно, па така и највисоките функции“. Опонентите потсетуваа дека таа.како раководителка со фирма од годишен обрт од 360 илјади евра одеднаш ќе треба да раководи со каса во која има 3,9 милијарди евра?

 

СУДИРОТ ВО ВРВОТ НА ВЛАСТА Ѝ ДАДЕ ПРОСТОР

Тука мораме да се осврнеме на тоа дека Ангеловска дојде на таа функција во мигот кога конфликтот меѓу заменикот премиер за економски прашања Кочо Анѓушев, како претставник на интересите на крупниот капитал и оној доктринарниот поглед на економијата и социјалата, граден претходно со години во СДСМ, предводен најпрвин од професор Ванчо Узунов, кој даде отставка, а потоа од Драган Тевдовски. Ангеловска требаше да го изведе тој прекин со пропорционалниот и да означи премин на рамниот данок, желба на најбогатите поединци во земјава и тоа, секако, беше доволно, бидејќи таа седна на жешкото сотлче среде мандатот на владата, па и тој преечен со најавата за вонедни парламентарни избори.

И во такви околности, да се потсетиме дека Заев најпрвин рече дека тој самиот ќе го покрива ресорот на финансии, што значи министерката ја добивме од „втора рака“, откако премиерот доби доста критики за таа своја амбициозност.

Во оваа ситуација сигурно дека може да се забележи оти одредени реторички недоизградености на министерката ја прават да делува како класичен бирократ. Нејзините ретки јавни настапи, веројатно заради нејзината навика да биде „брзозборка“, ја прават економијата посложена отколку што е таа вообичаено, а спротивно од тоа сознание некои чекори во нејзината работа е нужно да се објаснат и прифатат. Таков е случајот и сега.- она што таа го говори мора внимателно да се прочита потоа и „ситуацијата да биде почиста“.

 

ПАТОТ ДО ЕВРООБВРЗНИЦАТА

„Потребно е да обезбедиме средства веднаш! Ги разгледавме сите можности и опции што ни стојат на располагање, ги оценивме сите ризици и го одбравме најоптималниот план… Имајќи предвид дека издавањето еврообврзница е подолг процес кој трае повеќе од 2 месеца, дека непредвидливоста е голема и кај пазарите на капитал, како и дека до вчера бевме во предизборие и не можевме порано да го почнеме тој процес, Министерството за финансии предложи за финансирањето сега да се искористи специјален инструмент заем-до-обврзница (bridge to bond facility) во износ 400 милиони евра со рок на доспевање до 12 месеци, кој ќе ја поддржи ликвидноста на државата во време на пандемијата, како и намалувањето на економската активност, потребите во секторот здравство и на стопанството. Овој заем, како што имплицира и самото име заем-до-еврообврзница, ќе биде целосно отплатен со средства кога ќе се издаде еврообврзницата. Станува збор за заем од странски банки под поволни услови. Очекуваме поволна каматна стапка за овој инструмент, дури и пониска од претходно издадената еврообврзница од 2018 година, која имаше историски најниска каматна стапка од 2,75%. – изјави министерката и одеднаш планот за спасот станува појасен.

Некогаш луѓето комплетно созреваат кога треба да решаваат тешки проблеми. Па, често тоа е и можеби единствениот начин на кој и функционерите треба да се „исковаат“.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција