Ништо од ветениот градски плоштад во Гевгелија
По изборот на идејниот проект за плоштадот во Гевгелија, во тек е изработка на основен проект, по што ќе следува реализација на изградбата. Со овој плоштад на градот ќе му се овозможи нов лик и место на кое граѓаните на Гевгелија и посетителите ќе минуваат многу пријатни мигови и ќе уживаат во културните манифестации (рок на реализација: 2013–2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Проектот за изградба на градски плоштад во Гевгелија е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (локални избори 2013-2017 година во Гевгелија, дел „Комунални работи“, стр.40) чиј кандидат и актуелен градоначалник е Иван Франгов. Проектот во програмата е назначен како приоритетен и истиот бил предвиден да се реализирав во периодот 2013 – 2015. Досега, ова ветување не е исполнето.
Во 2012 година, односно во текот на претходниот мандат на градоначалникот Иван Франгов бил објавен конкурс за изработка на идејно решение за изградба на нов градски плоштад. Според избраното идејно решение предвидено е изградба на пешачка зона, нов плоштад на површина од 5000 квадратни метри како и решавање на сообраќајните проблеми во централното градско подрачје преку изградба на подземна гаража под самиот плоштад и катна гаража во негова близина. Иако логичен следен чекор би бил подготовка на основен проект, нема информации за спроведување на друга активност која би довела до започнување со изградба на плоштадот во Гевгелија, иако подготовката на основен проект за плоштадот во Гевгелија е спомената и во ветувањето од самата програма.
Во извештајот на Општината за реализирани проекти во текот на 2014 година нема информации дека се спроведени активности за исполнување на ова ветување. Проектот не се спомнеува ниту во завршната сметка на Општината за 2014, ниту пак во буџетот во Општината за 2015 година. Дури во 2016 година, во годишниот план за јавни набавки за истата година предвидена е ставка за подготовка на идеен и основен проект за уредување на градскиот плоштад во центарот на Гевгелија. Имајќи ја предвид оваа анализа, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот Иван Франгов за изградба на градски плоштад во Гевгелија, не е исполнето.
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2013 – 2017 (Комунални работи, стр.4о)(Иван Франгов) [Пристапено на: 24.03.2016]
- Југоинфо (02.07.2012): Гевгелија ќе гради нов плоштад [Пристапено на: 24.03.2016]
- Build.mk (30.06.2012): Гевгелија ќе добие репрезентативен градски плоштад во 2013 година [Пристапено на: 24.03.2016]
- Оглас за изработка на идејно архитектонско решение за уредување на градскиот плоштад во центарот на Гевгелија, со подземни гаражи (17.12.2012) [Пристапено на: 24.03.2016]
- Општина Гевгелија: Извештај за 2014 година на Општина Гевгелија [Пристапено на: 24.03.2016]
- Општина Гевгелија: Завршна сметка на Општина Гевгелија за 2014 година [Пристапено на: 24.03.2016]
- Општина Гевгелија: Буџет на Општина Гевгелија за 2015 година [Пристапено на: 24.03.2016]
- Општина Гевгелија: Годишен план за јавни набавки на Општина Гевгелија за 2016 година [Пристапено на: 24.03.2016]
Оценето од: Mилена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар