Ништо од ветеното пробивање на „Илинденска“ кон Ѓорче Петров
Ветувањето на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за пробивање на булеварот „Илинден“, со мост над реката Вардар кон „Ѓорче Петров“ и поврзување со обиколницата, е неисполнето. Ова ветување на Шилегов е дел од неговата изборна програма, „Живот во Скопје за сите!“ (стр.20), со којашто излезе пред грѓаните на локалните избори во 2017 година
Ветување: Ја пробиваме „Илинденска“! Нов мост кон „Ѓорче“!
Обиколницата на градот Скопје е изградена за да го релаксира сообраќајот во градот, но до ден денес не се постигнати очекуваните резултати. Една од основните причини е нејзината оддалеченост и нејзината непристапност од повеќе локации на градот. Пробивањето на булеварот „Илинденска“, со мост над реката Вардар, кон „Ѓорче Петров“, и поврзувањето со обиколницата, ќе обезбеди нејзина поголема искористеност. Жителите на населбите „Даме Груев“, „Ново село“, „Кисела Јабука“ и Волково, во рамките на општината „Ѓорче Петров“, ќе се поврзат со општината Карпош и полесно сообраќајно ќе комуницираат со центарот на градот и со неговите содржини. Сите граѓани имаат право да бидат поврзани.
[Извор: Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.37 – датум: октомври 2017 г. ]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за пробивање на булеварот „Илинден“, со мост над реката Вардар кон „Ѓорче Петров“ и поврзување со обиколницата, е неисполнето. Ова ветување на Шилегов е дел од неговата изборна програма, „Живот во Скопје за сите!“ (стр.20), со којашто излезе пред грѓаните на локалните избори во 2017 година.
Според тогашните планови на Шилегов, овој значаен сообраќаен проект требаше да им обезбеди полесна сообраќајна комуникација со центарот на Скопје на жителите на населбите „Даме Груев“, „Ново Село“, „Кисела Јабука“ и Волково, а истовремено да овозможи и поврзување на овој дел од градот со обиколницата.
Во овој дел од Скопје предвидуваме многу важни инфраструктурни решенија. Овде кај Лепенец ќе ја споиме Илинденска со Ѓорче Петров и Волково..., говореше Шилегов на средбите со граѓаните на Горче Петров за време на кампањата за локалните избори пред четири години.
Но, наспроти ваквите најавите, сепак тоа не се случи. Две години по доаѓањето на градоначалничката функција Шилегов се откажа од пробивањето на „Илинденска“. Тој во декември 2019 година изјави дека „пробивањето на „Илинденска“ е возможно само ако Градот најде пари – што е многу тешко, да се направи висечки мост долг 350 метри, а тоа пак, нема економска логика поради постоењето на бунарите на Лепенец“.
Таму не можеме ни фундаментите да ги поставиме, зашто тоа е прва заштитена зона, дел од водоснабдувањето – рече Шилегов за „Слободен Печат“ и најави дека ќе има „некаков вид на бај пас за овој проект“.
Деновиве и опозициската ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше Шилегов дека не го исполнил ветувњето за пробивање на „Илинденска“ кон Ѓорче Петров.
Овде требаше да поминува продолжувањето на булевар Илинден, и да завршува кај обиколница, тука нема ништо, реагираше советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова во изјава дадена во населбата Даме Груев во Ѓорче Петров. (06.06.2021)
.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Петре Шилегов – „Живот во Скопје за сите!“ стр.20 ( октомври 2017) [Проверено: 07.07.2021]
- Веб-страница на СДСМ (19.09.2017): Шилегов вчера во Волково и Ѓорче, денес во Центар [Проверено: 07.07.2021]
- Слободен печат (10.12.2019): Пробивањето на „Илинденска“ и кружниот тек кај Мавровка се сѐ понеизвесни [Проверено: 07.07.2021]
- Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ (06.06.2021) Попова од Ѓорче Петров до Шилегов [Проверено: 07.07.2021]
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар