Ниту Џо Бајден е педофил, ниту неговиот син Хантер – станува збор за дезинформации
Дезинформации околу наводното педофилство на идниот американски претседател Џо Бајден почнале да се шират преку теориите на заговор уште во првата половина на 2020 г, а завршуваат со предизборната кампања, но овој пат насочени кон неговито син Хантер. Во септември овие дезинформации, кои се сите до една разбиени од сервисите за проверка на факти, ги потпалува Доналд Трамп, преку твит кој стига до над 80 милиони следбеници
Пост објава на Фејсбук на македонски јазик лажно тврди дека идниот американски претседател Џо Бајден е педофил.
Локацијата на постот е „Бандитска јазбина“, а во него е споделена монтирана слика од наводен пдф фајл со фотографијата од Бајден, во кој би требало да се претпостави дека има докази за тврдењето.
„Вистиномер“ го провери ваквото тврдење на интернет и еве ги резултатите: Не постои ниту еден релевантен пост, текст, навод, во кој може да се потврди дека Бајден некогаш (или сега) е поврзан со педофилија. Освен тоа, не можевме да пронајдеме и слична или иста фотографија, со што и фотографијата е лажна.
Трамп ѝ даде „гориво“ на дезинформацијата
Приказната се забрзува со обвинувањето на Доналд Трамп, сè уште актуелен американски претседател, во предизборната кампања. Тој на средината на септември објавува твит со кој, де факто, го обвинува Бајден за педофилство, користејќи фотографија од 2015 година (види ТУКА и ТУКА).
Познати американски медиуми со свои сервиси за проверка на факти, како „ЈУ-ЕС-ЕЈ Тудеј“, го истражувале ова тврдење на Трамп и дошле до заклучок дека тврдењето е лажно, а појаснуваат дека таквите обинувања се протнале во официјалниот политички живот во САД (кај дел од Републиканците и кај Трамп конкретно), преку разните теории на заговор кои имаат извесна популарност во САД (види ТУКА). Приказната оди дотаму што кандидатка на Републиканците за Сенатот ги обвинува сите оние кои ќе гласаат за Бајден, дека „се поддржувачи на педофилијата, на дилерите на дрога и на ИСИС“ (види ТУКА).
Обвинувањата за наводното педофилство на Бајден во меѓувреме е разобличено и од други сервиси за проверка на факти (види ТУКА и ТУКА), а забележливо е дека еден од најпосветните проверувачи на факти „Политифакт“ на Институтот „Поинтер“, таквите обвинувања што се појавиле на Фејсбук уште во првата половина на 2020 година, ги разобличил уште во јули (види ТУКА).
Не успеаја против Џо, се насочија кон синот Хантер
Приказната преку социјалните мрежи продолжува да се шири, а сега фокусот од Џо Бајден е поместен врз неговиот син Хантер Бајден, чија афера со лаптоп заборавен во некој сервис, исто така, ја одбележа кампањата. „Фокс Њус“ објавува сторија за тоа дека во хард дискот на Хантер Бајден можеби биле пронадени илјадници фотографии што укажуваат на педофилство, што се шири на Твитер и на Фејсбук, поради што сервисите за проверка на факти ја разобличуваат и оваа невистина (види ТУКА и ТУКА).
И длабоката претрага по интернет што ја спроведе „Вистиномер“, покажа дека нема ниту еден релевантен податок кој би укажувал дека Џо Бајден за време на својата над 40 години долга политичка кариера, кога било се соочил со проблеми од типот на трговија со деца или со педофилија.
Поради горенаведените аргументи и факти, постот што го рецензираме може да се оцени како дезинформација.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар