Ниту Австралија, ниту Нов Зеланд некогаш планирале пуштање вакцини против ковид-19 во водата за пиење

Фотографијата што се споделува не претставува вистинска објава на весник од Нов Зеланд, туку графички изменета фотографија со цел да се промовираат антивакцинални невистинити тврдења. Ниту Австралија, ниту Нов Зеланд некогаш планирале вакцините против ковид-19 да ги стават во водата за пиење, ниту, пак, таквата евентуална и апсурдна операција би дала резултат, бидејќи, како што велат експертите за вакцинација, вакцините веднаш би се раствориле уште пред да стигнат до чешмите во домаќинствата

Фотографијата што се споделува не претставува вистинска објава на весник од Нов Зеланд, туку графички изменета фотографија со цел да се промовираат антивакцинални невистинити тврдења. Ниту Австралија, ниту Нов Зеланд некогаш планирале вакцините против ковид-19 да ги стават во водата за пиење, ниту, пак, таквата евентуална и апсурдна операција би дала резултат, бидејќи, како што велат експертите за вакцинација, вакцините веднаш би се раствориле уште пред да стигнат до чешмите во домаќинствата

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека во Австралија имало план да се пуштат ковид вакцините во водата за пиење.

Австралија
Имало план да се пуштат ковид вакцините во водата за пиење, пишува во објавата.

Во обид да се поткрепи ваквото невистинито и апсурдно тврдење, споделена е фотографија на која се гледа наводна објава во весникот „Њу Зиланд Хералд“ каде на англиски пишува:

Пробиени мејлови го откриваат прикриениот план на владата за вакцините. Мејловите меѓу владата и повеќе локални совети се чини дека ја дискутираат можноста да се внесе вакцината против ковид-19 во градската водоводна мрежа во области каде стапката на вакцинација не достигнала 90 проценти.

Споделувачот на објавата на Фејсбук, освен што објавува невистина дека вакцините ќе се пуштаат низ водоводната мрежа, ја има згрешено и државата, па наместо во Нов Зеланд, пишува дека, всушност, тоа се случува во Австралија. Тој од една страна тврди дека во Австралија „имало план да се пуштат ковид вакцините во водата за пиење“, а од друга, споделува принтскрин, кој наводно е од медиумот Њу Зиланд Хералд, со фотографија од премиерката на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн. Во споделениот принтскрин од пост (кој е исто така, неточен) никаде не се спомнува Австралија, а тоа не е случај ниту со рецензиите на колегите проверувачи на факти ширум светот, кои во своите проверки на овој (непостоечки и измислен) пост од Њу Зиланд Хералд никаде не ја спомнуваат Австралија. Едноставно, ништо од содржините споделени во постот што го рецензираме нема никаква врска со Австралија, па дури ни лагите во нив.

Портпаролот на медиумот Њу Зиланд Хералд за проверувачите на факти на Франс Прес вели дека весникот никогаш немал објавено таква приказна каква што има на фотографијата од постот што го рецензираме, ниту, пак, била споделена на социјалните мрежи или било каде на Интернет од страна на медиумот.

Никогаш не сме продуцирале таков пост или приказна, изјавила за Франс Прес уредничката на Њу Зиланд Хералд Шајн Кури.

Кога ќе се пребара официјалната страница на Фејсбук на Њу Зиланд Хералд, не може да се пронајде споменатиот наводен пост кој се споделува во објавата што е предмет на нашата рецензија.

Претставник на Министерството за здравство на Нов Зеланд вели дека е комплетна невистина оти вакцини биле додавани во водата за пиење.

Ги охрабруваме граѓаните да се информираат само од веродостојни извори кога сакаат да дознаат повеќе за вирусот и вакцините, велат оттаму за Франс Прес.

Експертката за вакцини Хелен Петоусис Херис, која работи на Универзитетот Оукленд во Нов Зеланд вели дека е едноставно смешно и бесмислено да се каже дека вакцините може да се додадат во водоводниот систем за граѓаните да бидат вакцинирани.

Веднаш штом ќе дојде во контакт со водата, вакцината би се разложила прилично брзо исто како и мРНК во неа. Ништо не би останало. Идејата дека може масовно да вакцинирате со овој пристап е апсолутно бесмислена и смешна, вели таа.

Оваа дезинформација, дека Нов Зеланд се обидел да ги вметне вакцините во водата за пиење, првпат  се појави на пост на Твитер уште на 27 јануари 2022.

Министерството за здравство на Нов Зеланд за Асошиејтед Прес посочи дека тврдењата дека ковид вакцината ќе биде внесена во водата за пиење се апсурдни, неодговорни и опасни и дека доаѓаат од корисници кои очигледно имаат антивакцинална агенда за пропаганда.

Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Фотографијата што се споделува во постот не претставува вистинска објава на весник од Нов Зеланд, туку графички изменета фотографија со цел да се промовираат антивакцинални невистинити тврдења. Нов Зеланд ниту некогаш планирал вакцините против ковид-19 да ги стави во водата за пиење, ниту, пак, таквата евентуална и апсурдна операција би дала резултат, бидејќи, како што велат експертите за вакцинација, вакцините веднаш би се раствориле уште пред да стигнат до чешмите во домаќинствата.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција