Ниту Георгиевски ниту Груевски, не се повлекоа од лидерската позиција после првиот изборен пораз
Поранешниот портпарол на Министерството за надворешни работи и ексградоначалник на Дојран, Борче Стамов, кој сега е дел од иницијативата за промени во ВМРО-ДПМНЕ, аргументирајќи зошто треба да дојде до промена во раководството на неговата матична партија изнесе и едно неточно тврдење:
Долгогодишна пракса во западните демократии, но и во светот е после пораз на избори лидерот на партијата да поднесе или во најмала рака да понуди оставка од позицијата. Овој чин претставува практикување и почитување на демократијата и демократските вредности. Се бориме за запазување на веќе воспоставениот стандард за оставки. Јас не сум среќен што во мојата партија во која сум пораснал мора со ваков активизам да се бориме за запазување на веќе воспоставениот европски стандард за понесување одговорност после изгубени избори. Да потсетам, претходните претседатели Георгиевски и Груевски, кои што ја раководеа партија по повеќе од 10 години двајцата, и ја водеа низ повеќе победи и успеси, при првиот свој пораз го запазија овој стандард. Актуелниот претседател не донесе ниту една победа или успех, и нема никаква рационална причина тој да биде привилегиран пред Георгиевски и Груевски.
[Извор: А1 ОН: „Стамов: Нема причина Мицкоски да биде привилегиран пред Георгиевски и Груевски“, датум: 24.08.2020]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Откако предизборната коалиција „За обнова на Македонија“, предводена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои два пратеника помалку од конкурентската коалиција на СДСМ, поранешни јавни и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ покренаа иницијатива за свикување на вонреден конгрес на партијата, со цел промена на партиското раководство на чело со Христијан Мицкоски. Според нив, Мицкоски и неговите соработници треба се повлечат поради неуспехот на референдумот за Преспанскиот договор во 2018, на претседателските избори и предвремените локални избори во Охрид и Ново Село во 2019, како и на овогодинешните парламентарни избори.
Притоа, еден од попрепознатливите лица кои се појавија како иницијатори за промени во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, е поранешниот градоначалник на Дојран од редовите на оваа партија, Борче Стамов, кој побара Мицкоски самиот да свика вонреден конгрес со цел да се избегнат понатамошни поделби во партијата. Воедно, Стамов посочи дека Мицкоски треба да го следи воспоставениот стандард од поранешните партиски лидери Љубчо Георгиевски и Никола Груевски, кои, како што рече тој, при првиот свој изборен пораз го запазиле стандардот за понесување на одговорност, односно поднесување оставка.
Но, дали е така како што тврди Стамов? Првиот партиски лидер Георгиевски ја водеше партијата од основањето во 1990 година и партијата освои најмногу гласови на првите парламентарни избори во плурална Македонија истата година. На овие избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 38 пратенички мандати, додека СКМ-ПДП, подоцна преименувана во СДСМ, освои 31 мандат.
Четири години подоцна се одржаа нови парламентарни избори заедно со претседателски избори, кои впрочем беа први избори по прогласувањето на независноста на Македонија. Имено, парламентарните избори во 1994 година тогаш се одржуваат според мнозински модел и во првиот круг коалицијата на СДСМ освои 29 отсто од гласовите (291.695), додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 14 отсто од гласовите (141.494), по што следуваат Демократската партија и ПДП.
Арно ама, опозициските ВМРО-ДПМНЕ и ДП изразија сомнеж во регуларноста на првиот круг и решија да го бојкотираат вториот изборен круг. Како и да е, вториот круг се одржа и коалицијата на СДСМ освои 87 места во парламентот, а опозицијата остана надвор од законодавниот дом. Сепак, овие изборни резултати беа конечни и Собранието функционираше согласно според нив цели 4 години.
На претседателските избори истата година разликата беше уште поизразена. Тогашниот претседател Киро Глигоров како кандидат на СДСМ освои 715.087 гласови (78 отсто), а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Љубиша Георгиевски освои 197.109 гласови (21 отсто), со што победникот беше решен уште во првиот изборен круг.
Сепак, и покрај поразите на ВМРО-ДПМНЕ и на парламентарните и на претседателските избори, партискиот лидер Георгиевски не поднесе оставка и ја предводеше партијата на локалните избори во 1996 година, кога партијата освои 30 општини, или 24 помалку во споредба со СДСМ. Но, партијата освои неколку значајни големи општини, што беше најава за победата на парламентарните избори во 1998 година, на кои ВМРО-ДПМНЕ и Демократската алтернатива освоија 49 мандати, а СДСМ освои 27 мандати.
Како што е познато, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Трајковски го победи конкурентот од СДСМ, Тито Петковски на претседателските избори во 1999 година, откако во првиот круг загуби со повеќе од 100.000 гласови разлика. Но, веќе на парламентарните избори во 2002 година, ВМРО-ДПМНЕ катастрофално загуби од СДСМ со разлика од околу 200.000 гласови – 27 пратеници.
Дури после изборниот пораз во 2002 година, откако претходно загуби на едни парламентарни, едни локални и едни претседателски избори, Георгиевски си поднесе оставка и за негов наследник беше избран Груевски. Всушност, лидерската смена се случи на вонредниот партиски конгрес во Охрид во 2003 година, на кој Груевски, со отворена помош и поддршка од Георгиевски, го победи противкандидатот Марјан Ѓорчев и стана нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Па, првиот изборен предизвик на Груевски беа претседателските избори во 2004 година, на кои тој и ВМРО-ДПМНЕ загубија. Поточно, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Сашко Кедев во првиот круг освои 309.132 гласови, додека неговиот противкандидат од СДСМ Бранко Црвенковски освои 385.347 гласови. Во вториот круг разликата беше уште поголема во корист на Црвенковски.
Веќе следната 2005 година се одржаа локални избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ со Трифун Костовски победи во Скопје, меѓутоа загуби според вкупниот број на освоени општини и советнички места. Конкретно, на овие избори СДСМ доби 436 советници и 37 градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ 323 советници и 21 градоначалник.
Но, Груевски не поднесе оставка ниту по неуспехот на претседателските и локалните избори (а во 2004 година имаше и неуспешен референдум за територијалната поделба), па така остана на чело на партијата до парламентарните избори во 2006 година, на кои го победи СДСМ со 13 пратеници разлика. Оттогаш, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски победи на сите изборни циклуси сè до локалните избори во 2017 година, кога СДСМ освои 57 општини а ВМРО-ДПМНЕ само 5.
Од сето тоа произлегува дека ниту Георгиевски, ниту Груевски не си поднеле оставка од лидерската позиција после првиот изборен неуспех туку напротив – изгубиле на неколку изборни циклуси пред да ја постигнат првата победа. Впрочем, така беше и со лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој откако стана прв човек на партијата загуби на парламентарните избори во 2014 година, но загуби и на изборите во 2016 година, после кои, сепак, успеа да формира влада.
Што се однесува до Мицкоски, факт е дека ВМРО-ДПМНЕ под негово водство загуби на претседателските избори и предвремените локални избори во Охрид и Ново Село во 2019 година, како и на парламентарните избори оваа 2020 година. Но, исто така, факт е дека и неговите претходници, па дури и лидерот на ривалската СДСМ, губеле неколку изборни циклуси без да се повлечат.
Така што, имајќи ја предвид горенаведената аргументација, изјавата на Стамов, во која тврди дека Георгиевски и Груевски при првиот изборен пораз си поднеле оставка, ја оценуваме како невистина.
ИЗВОРИ:
- 360 Степени (21.08.2020): „Членови на ВМРО-ДПМНЕ со иницијатива за вонреден конгрес на партијата и оставка од Мицкоски“ [Пристапено на 26.08.2020]
- Слободен печат (24.08.2020): Стамов: „Мицкоски да покаже демократски капацитет и уште утре да свика и закаже вонреден конгрес“ [Пристапено на 26.08.2020]
- Википедија: „Избори во Македонија“ [Пристапено на 26.08.2020]
Оцени: Влатко Стојановски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар