Ниту има обвинение против Јанева, ниту на фотографијата е Камчев

Албанскиот портал „Balkanweb.com“ објави напис за последните случувања во Северна Македонија каде специјалната обвинителка во заминување Катица Јанева во јавноста се поврзува со предметот на Јавното обвинителство „Рекет“, во кој, како осомничени, беа приведени и им беше одредена мерка притвор на Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец за наводно рекетирање на бизнисмени.

Во насловот на објавениот напис се вели:Фото/Eве кој е бизнисменот кој бил рекетиран од македонската обвинителка, а во содржината на објавениот напис се објаснува случајот „Рекет” и како осомничените вршеле рекетирање на бизнисменот Јордан Камчев и други, а според медиумот, во име на обвинителката Катица Јанева.

Но, во содржината не се објаснува тоа што се алудира во насловот, како медиумот стигнал до информацијата дека зад рекетот стои обвинителката Катица Јанева. Во написот нема информации дека за специјалната обвинителка, Катица Јанева, нема сè уште покренато ниту истрага, а камоли обвинение за овој случај, ниту, пак, таа е приведена или повикана на информативен разговор, а нема ни официјални информации дека осомничените собирале рекет во нејзино име.

За ова се огласи и Јавното обвинителство од каде се вели дека на Јанева и е одземен само телефонот и тоа за да се лоцираат нејзините телефонски контакти со Бојан Јовановски. Од обвинителството се децидни дека засега истрага се води за две лица за кои се обезбедени видео и аудио-материјали и дека таа сè уште не е проширена, но дека тоа може да се случи ако се обезбедат цврсти докази.

Медиумот, освен контрадикторниот наслов и содржина, ја промашил и фотографијата за која се алудира дека е на бизнисменот Камчев, а објавена е фотографија на прво осомничениот во случајот, Бојан Јовановски.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција