Ниту има смртоносни серии од ковид вакцините, ниту ЦДЦ намерно ги испратиле  во „црвените држави“

Фото: pixabay.com

Вакви произволни тврдења пронајдовме само на конспиративниот сајт Експозе кој во текот на целата пандемија ширеше дезинформациски наративи. Нивниот заклучок за смртоносни серии на вакцини е базиран на пријави во ВАЕРС системот за рано сигнализирање на сомнежи за можни несакани ефекти. Досега повеќепати  се дебанкирани неточните тврдења за смртоносни серии вакцини. Според американски медицински експерти, во САД ковид-19 стана политичко прашање и политичките ставови на луѓето силно го детерминираат нивното однесување, вклучително и односот кон вакцинацијата. Оттаму, постои голема разлика во стапката и на вакцинација, и на смртност, меѓу „црвените“ и „сините“ држави во САД

Вакви произволни тврдења пронајдовме само на конспиративниот сајт Експозе кој во текот на целата пандемија ширеше дезинформациски наративи. Нивниот заклучок за смртоносни серии на вакцини е базиран на пријави во ВАЕРС системот за рано сигнализирање на сомнежи за можни несакани ефекти. Досега повеќепати се дебанкирани неточните тврдења за смртоносни серии вакцини. Според американски медицински експерти, во САД ковид-19 стана политичко прашање и политичките ставови на луѓето силно го детерминираат нивното однесување, вклучително и односот кон вакцинацијата. Оттаму, постои голема разлика во стапката и на вакцинација, и на смртност, меѓу „црвените“ и „сините“ држави во САД

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

01.03.2023

Само што протекоа информации од ЦДЦ дека тие намерно испратиле повеќе смртоносни серии од вакцините на Ковид во Црвените држави.

Во постот всушност се тврди дека информации од Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ), наводно укажуваат дека „ЦДЦ намерно испратил повеќе смртоносни серии од ковид вакцините во државите во САД каде мнозинството гласачи гласале за Републиканската партија („црвените држави“ н.з)“. 

Меѓутоа, не само што не е точно ваквото тврдење, туку не е точно ни дека постојат извесни „смртоносни серии“ на вакцините.

На 28 март 2022 година, Еј Би Си Њуз објави дека постои голема разлика во смртноста меѓу државите во САД во кои гласачите се „црвени“ или „сини“, односно метафора за тоа дали гласачите гласаат за Републиканската или за Демократската партија.

Истражување од Пју истражувачкиот центар лани најде дека во почетните месеци на пандемијата околу 6 во 10 демократи верувале дека вирусот е голема закана за здравјето на американската популација, споредено со само третина од Републиканците кои го делеле истото мислење. Таа разлика од 26 поени ќе порасне во идните месеци, пишува Еј Би Си Њуз.

Од сите фактори во превенцијата на сериозен ковид и смртност, вакцинацијата беше клучна, велат експертите за Еј Би Си Њуз. Невакцинираните Американци имаат ризик да бидат хоспитализирани и да имаат смртен исход, а тие што живеат во рурални места и коишто се Републиканци и конзервативни, најмногу се двоумеа да се вакцинираат, според истражување од септември 2021 спроведено од Вашингтон Пост.

Експертите во прилогот на Еј Би Си Њуз се децидни дека невакцинираните Американци најчесто решавале и да не носат маска, па трансмисијата се зголемила што резултирало со полоши исходи.

Крајниот резултат е разлика меѓу смртноста предизвикана од ковид-19 меѓу црвените и сините држави на САД, којашто е лесно воочлива кога ќе се испитаат најмногу и најслабо вакцинираните држави.

Во САД ковид-19 стана политичко прашање и политичките ставови на луѓето силно го детерминираат нивното однесување. Политичкиот раздор во нашето размислување за ковид-19 е посилно отколку во другите држави, изјави Дејвид Дауи епидемиолог од Џонс Хопкинс Блумберг школата за јавно здравје за Еј Би Си Њуз.

Во текстот на Еј Би Си, објавен во март минатата година, се посочува  и следново:

Помина речиси една година откако вакцините против ковид-19 станаа достапни за секој возрасен Американец. Но, стапката на вакцинација се разликува меѓу државите кои гласале за Трамп споредено со тие кои гласале за Бајден. Податоците од Центарот за контрола и превенција на болести на САД, покажуваат дека десетте држави во САД кои имаат највисоки стапки на вакцинација сите гласале за Бајден во 2020 година, додека 9 од десетте држави со најниски стапки за вакцинација гласале за Трамп. Единствениот исклучок е Џорџија.

Она што е наведено во постот што го рецензираме, дека наводно инсајдерски информации од Центарот за контрола и превенција на болести на САД откриваат дека има смртоносни серии вакцини кои биле испраќани само во црвените држави, односно само во државите каде мноштвото гласачи ја поддржуваат Републиканската партија, го пронајдовме само во еден извор на интернет, озлогласениот и секогаш конспиративен сајт Експозе.

Оттука, претпоставуваме дека постот што го рецензираме е инспириран од текстот на Експозе.

Значи, не Центарот за контрола и превенција на болести на САД, туку медиумот Експозе кој во текот на целата пандемија со ковид-19 ширеше дезинформациски наративи, е тој којшто кажува дека „намерно биле испратени повеќе серии од смртоносни вакцини во црвените држави“. Кога ќе се погледне текстот на Експозе (кој Вистиномер веќе го дебанкираше), веднаш е забележливо дека нивниот заклучок за смртоносни серии на вакцини е базиран на пријави во ВАЕРС системот, којшто е американски систем за рано сигнализирање на сомнежи за можни несaкани ефекти. Значи не станува збор за потврдени докажани случаи, туку само за сомнежи кои може секој да ги пријави.

Следствено, пријавите во ВАЕРС не може да се сметаат за пријави од Центарот за контрола и превенција на болестите, како што невистинито се прави во овој пост. Повеќепати досега  се дебанкирани неточните тврдења дека вакцините се поделени во серии од кои некои се посмртоносни и поврзани со поголем број на несакани ефекти и смртни случаи.

Фајзеровата вакцина е одобрена и од СЗО и од ЕМА и од американските регулатори за лекови. Таа во сите држави е со ист состав. Во клинички испитувања, 23 илјади луѓе на возраст над 12 години ја примија оваа вакцина и клиничките испитувања покажаа дека таа треба да се одобри, што и се случи во САД, по што „Фајзер“ доби дозвола за трајна употреба. Од 11 декември 2020 година досега милиони луѓе ја примија оваа вакцина.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција