Ниту може да се предвиди Ковид-2021, ниту може плански да се предвиди цитокинска бура

Фото: freepik.com

Објава на Фејсбук шири дезинформации за вакцините и е опасна за колективното и индивидуалното здравје, поради тоа што немедицински и ненаучно, но со манипулација на медицинска терминологија може да повлијае граѓаните да се одвратат од примањето на вакцината која ја очекува целиот свет

Објава на Фејсбук шири дезинформации за вакцините и е опасна за колективното и индивидуалното здравје, поради тоа што немедицински и ненаучно, но со манипулација на медицинска терминологија може да повлијае граѓаните да се одвратат од примањето на вакцината која ја очекува целиот свет

 

Постот што го рецензираме и го оценуваме како комплетно невистинит, паушален, хипотетички, недокажано и медицински неиздржано нафрла конспиративна теза која заговара граѓаните да не се вакцинираат. Сето ова се прави со ,,предупредување” дека откако ќе ја примат вакцината, граѓаните во 2021 година ќе бидат изложени на некој нов вирус, кој во комбинација со вакцината што веќе ја примиле ќе предизвика масовна смртност?!

„Вистиномер“ се обрати до неколку еминентни лекари и професори на Медицинскиот факултет да ја коментираат вистинитоста на изнесеното тврдење.

Според доктор Александар Митов постот влегува во доменот на научната фантастика.

Самото предвидување дека ќе се појави вирус Ковид-2021 една година однапред е крајно неосновано. Не се нуди никаков извор на информации и никој не е видовит. Второ, тоа тврдење нема никаква биолошка логика и со мала доза на познавање од физиологијата. Јасно е дека тоа што е напишано нема допирна точка со реалната наука за имунологија. Никој не може плански да создаде цитокинска бура која што претставува пребурна реакција на имунитетот, односно бура од цитокини. Тоа се молекулите со кои комуницираат имунитет клетките. Тоа досега не е изведено. Не знаеме кој и е вистинскиот механизам на цитокинската бура. Мислам дека ако некој го открие тој механизам ќе му дадат Нобелова награда, објаснува доктор Митов.

Професорот Никола Пановски вели дека од медицински аспект ова тврдење е толку невистинито, што не заслужува коментар.

Нема врска со реалноста. Зошто некој би уништувал 75 проценти од населението!!! И тоа без селекција, сите во цел свет(!), ни рече тој.

Исто така, медицинската наука сè уште го нема финализирано создавањето вакцина против Ковид-19 и оттука воопшто не може да се тврди што таа содржи. Медицински непоткрепено е и тврдењето дека само еден процент од вакцините се доволни да доведат до тоа граѓаните да бидат масовно истребени. Нејасно е како и врз основа на кои анализи се дошло до овој процент?

Ваквиот пост е опасен за колективното и индивидуалното здравје поради тоа што немедицински и ненаучно, но со манипулација на медицинска терминологија може да повлијае граѓаните да се одвратат од примањето на вакцината која ја очекува целиот свет.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција