Ниту науката потврдила негативни ефекти од вакцините, ниту имало Трет самит за Ковид

Фото: скриншот од дел од постот

Ниту е вистина дека науката ги потврдила негативните ефекти од вакцините против ковид, ниту е вистина дека бил одржан Трет меѓународен самит за ковид 19 во Брисел. Она што се случило е собир од неколку пратеници на Европскиот парламент на кој меѓу другите присуствувал и д-р Роберт Мелоун, чии ставови за вакцините и коронавирусот се повеќе пати демантирани од најголемиот дел од науката.

Ниту е вистина дека науката ги потврдила негативните ефекти од вакцините против ковид, ниту е вистина дека бил одржан Трет меѓународен самит за ковид 19 во Брисел. Она што се случило е собир од неколку пратеници на Европскиот парламент, на кој, меѓу другите, присуствувал и д-р Роберт Мелоун, чии ставови за вакцините и корона вирусот се повеќе пати демантирани од најголемиот дел од научната јавноста

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук, во кој авторот тврди дека на Третиот Интернационален Ковид Самит во Брисел се потврдиле несаканите ефекти од вакцините, меѓу кои и смртноста.

Ова е дезинформација.

Во постот стои:

ВО БРИСЕЛ ИЗНЕСЕНИ ФАКТИ ЗА К-19 ПАНДЕМИЈАТА

Минатата недела во Брисел се одржа Третиот Интернационален Ковид Самит (ICS – International Covid Summit), на кој познати медицински лица и експерти, меѓу кои и докторот кој ја смисли mRNA вакцината, д-р Роберт Мелоун зборуваа за она, што официјалните медиуми ширум светот не смееја да го обзнанат – за несаканите ефекти од примените вакцините, (меѓу кои и смртноста).

На 15 мај годинава се оджра таканаречениот Трет Меѓународен ковид самит, кој беше организиран од страна на неколку пратенички групи конзервативци и воопшто не наликуваше на официлајните  Глобални Ковид самити 1 и 2.

Оваа конференција беше наречена Меѓународен самит за КОВИД III, но не можев да најдам референца за двете претходни две конференции – првиот Меѓународен самит за КОВИД и Меѓународниот самит 2 за КОВИД кои очигледно  не постојат, пишува д-р Адријан Вонк проверувач на факти.

Она што, всушност, постои се Глобалниот самит COVID-19, кој се одржа на 22 септември 2021 година; и вториот глобален самит COVID-19 кој се одржа на 12 мај 2022 година. И двата овие настани вклучуваа шефови на држави и влади, како и шефови на меѓународни организации, невладини организации и научници ширум светот. Се чини дека сè уште нема трет Глобален самит COVID-19.

Со самото име Трет ковид самит некој се обидува да ги манипулира луѓето да помислат дека тоа е третата верзија на официјалниот Глобалниот самит COVID-19.

 

Собирот не бил дел од официјалната агенда на Европскиот парламент

Понатаму, настанот за кој се зборува во објавата не беше официјален настан на Европскиот парламент.

Лесно е да се види зошто луѓето би поверувале во тврдењето дека Меѓународниот самит КОВИД III бил официјален настан на Европскиот парламент. Видеата и сликите покажуваат употреба на логото на Европскиот парламент. Меѓутоа, ако ја проверите веб-страницата на Европскиот парламент, воопшто нема да го најдете на списокот овој т.н. Меѓународен самит за КОВИД III.

Се чини дека Меѓународниот самит за КОВИД III е спонзориран и организиран од неколку членови на Европскиот парламент односно од европските конзервативци и реформисти. Тоа објаснува како овој „самит“ или „конференција“ се одржа во зградата на Европскиот парламент, иако тоа не беше официјален настан.

Од настанот, може да се види дека само пет членови на Европскиот парламент присуствуваа на Третиот меѓународен КОВИД самит и тоа:

Иван Вилибор Синнчиќ, самостоен пратеник во Европскиот парламент – ХРВАТСКА

Франческа Донато, самостоен пратеник во Европскиот парламент – ИТАЛИЈА

Мислав Колакушиќ, самостоен пратеник во Европскиот парламент – ХРВАТСКА

Кристин Андерсон, Идентитет и демократија – ГЕРМАНИЈА

Кристијан Терхес, Европски конзервативци и реформисти – РОМАНИЈА

Очигледно, разговорот со тие пет европратеници не значи да се зборува пред Европскиот парламент, бидејќи 700 други европратеници не беа во просторијата, а тоа не беше ниту официјален настан, појаснуваат проверувачите на факти.

На прес конференцијата говореше д-р Роберт Мелоун, кој себеси се смета дека имал клучна улога во создавањето на вакцините mRNA, но во текот на пандемијата се појави како еден од најконтроверзните гласови на движењето против вакцините, против мејнстрим сознанијата за коронавирус и здравствената наука.

Неговите тези беа честопати рецензирани во медиумите.

Неговите тврдења и сугестии беа дискредитирани и осудени и од медицинските работници и од науката, не само како погрешни, туку и опасни. Твитер му изрече забрана за кршење на политиката за дезинформација за коронавирусот на платформата, но тој најде други платформи.

Пандемијата на коронавирус „роди класа на влијателни лица кои градат теории на заговор и регрутираат што е можно повеќе луѓе во нив“, пишуваа медиумите.

Д-р Мелоун беше вклучен во некои рани истражувања на технологијата на новите вакцини, но неговата улога во нејзиното создавање во најдобар случај беше минимална, велат половина дузина експерти и истражувачи на вакцините за ковид , вклучително и тројца кои тесно соработуваа со д-р Мелоун.

За неговите дезинформации често реагираа научниците и пренесуваа медиумите. Но, дури и три години по пандемијата, се создаваат нови дезинформации.

На третиот т.н. Меѓународен ковид самит, Роберт Мелоун повторно говореше против вакцините, велејќи дека нанеле штети врз здравјето на луѓето.

 

СЗО – се справуваме со пандемијата преку вакцини и вистински информации

Но, ова, исто така не е вистина. Сите анализи на науката покажаа дека вакцините придонесоа во борбата со Ковид 19. Експертите, на последната конференција на СЗО зборуваа токму за значењето и придобивките од ковид вакцините. Науката тврди дека вакцините спасиле многу човечки животи.

Овој вирус е тука да остане. Сè уште убива и сè уште се менува. Останува ризикот од појава на нови варијанти кои предизвикуваат нови бранови на случаи и смртни случаи. Моите колеги работеа неуморно за побрзо да добијат вакцини и други материјали за да се спасат што повеќе луѓе, и се спротивставија на погрешните и дезинформациите со точни и веродостојни информации. Немам зборови да ја изразам мојата благодарност до сите ширум светот кои, како мене, се горди што се СЗО, подвлече Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО, на онлајн прес конференцијата во Женева на почетокот на мај.

Првиот човек на СЗО се заблагодари на науката што во толку краток рок се направија вакцините кои помогнаа за смирување на пандемијата.

На едно ниво, ова е момент за славење. Стигнавме во овој момент благодарение на неверојатната вештина и несебичната посветеност на здравствените работници ширум светот, иновациите на истражувачите и развивачите на вакцини, тешките одлуки што владите мораа да ги донесат во услови на променливи докази и жртвите што сите ние направивме како поединци, семејства и заедници да се чуваме себеси и едни со други безбедни, рече Гебрејесус.

И професорот Дидие Хусин, кој го водеше Комитетот за итни случаи, на конференцијата на СЗО на 05 мај годинава, рече ситуацијата е подобрена благодарение на вакцините.

Сепак, ситуацијата е значително подобрена со помала смртност и зголемен имунитет против вирусот, имунитет кој е индуциран или природно индуциран од вакцина и подобар пристап до дијагностика, вакцини и третман, истакна професорот Дидие Хусин на конференцијата на СЗО.

 

Антиваксерството најчесто се базира врз дезинформации

Понатаму авторот на постот се повикува на романските членови на Европскиот парламент, кои вакцинацијата ја нарекувале зло против човештвото. Романија е една од земјите каде антиваксерството беше забележително,а беа организирани и протести.

За 42-годишниот романски конзервативен европратеник Кристијан Терхес, (еден од организаторите на таканаречениот Меѓународен ковид самит), постојат обвинувања од европратеници и за говор на омраза.

Терхес студирал теологија, новинарство и комуникација во Романија и САД, нема допирни точки со медицина, а често зборува против вакцинација и спори со научниците.

Европскиот парламент уште во 2020 година повика на борба со дезинформациите поврзани со ковид 19, кои за жал се уште се актуелни.

Институциите на ЕУ постојано предупредуваа на ризиците поврзани со обидите за дезинформација и измамите. За поддршка на фактички и веродостојни информации, формирана е заедничка страница на ЕУ за одговорот на Европа на вирусот. Ги разбива и најчестите митови поврзани со појавата на Ковид-19,

Терхес е познат по честото ширење лаги поврзани со вакцините и Ковид 19.

Европскиот суд за човекови права пресуди против Кристијан Терхес, кој тврдеше дека седумнеделното заклучување во Романија за време на пандемијата, е еднакво на „административен притвор“.

Седумте судии на Европскиот суд за човекови права едногласно го отфрлија случајот на Терхес.

 

Потврдена е важноста на вакцините против ковид пандемијата

Наспроти тврдењето на авторот на постот, Светската здравствена организација истакна дека продолжува важноста на вакцинацијата, која и натаму ќе продолжи особено со третата доза засилувач.

Она што е од исклучителна важност е да се знае, пред се, дека продолжува овластувањето на вакцините. Треба да се работи за преместување на овластувањата на вакцините во поредовната форма на овластување, но сите вакцини кои се овластени и понатаму го имаат тој статус засега. Втората работа е дека постои целосна посветеност да продолжиме да ги поддржуваме земјите во нивната амбиција да го прошират опфатот со вакцинација, особено за оние групи на кои најмногу им требаат вакцини…Покриеноста на оние лица кои се изложени на висок ризик од сериозни болести и смрт е сè уште премногу ниска во толку многу земји низ Африка и во други делови на светот, а особено со засилената доза, која е навистина важна за заштита. Мислам дека третата работа што треба да се каже е дека има посветеност. COVAX продолжува да работи до крајот на оваа година и ќе бидат донесени одлуки за продолжување на обезбедувањето вакцина за земјите кои имаат корист од снабдувањето со вакцина преку COVAX, истакна професорката Кејт О Брајан на конференцијата на СЗО.

Научниците кажаа дека вакцините одиграа клучна улога за ставањето на пандемијата во мирување.

И мислам дека она што толку многу сакаме да го нагласиме е дека вакцините делуваат и во голем дел не се само вакцините, туку сите напори и мерки што се преземени, но вакцините одиграа навистина важна улога во заштитата на населението. така што дури и кога луѓето се инфицираат, сериозноста на болеста, ризикот од смрт навистина е решена преку вакцинација на поединци, додаде професорката О Брајан.

Дека нема докази за поврзаност на зголемената смртност со вакцинацијата против Ковид 19 може да се види и од анализата на официјалната страница на Националната канцеларија за статистика (ONS).

Вакцините не предизвикуваат смрт , имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

И официјалните податоци на Центарот за контрола и превенција на болести на САД велат дека смрт по вакцинирањето против ковид-19 ретко се случува.

И Вистиномер, изминатите години многу пати пишувал за лагите поврзани со вакцинацијата.

Токму поради наведените факти овој пост го оценуваме како дезинформација.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција