Ниту „Нептун“, ниту „Техномаркет“ не доделуваат лаптопи за 123 денари
Објавата е измамничка и има за цел да ги преземе личните и банкарски податоци на граѓаните, коишто се прелажани дека „добиле лаптоп и плаќаат само за неговата испорака“. Веб-страницата на која се пренасочени корисниците на социјалната мрежа Фејсбук е невистинито поврзана со логоа на ланецот маркети „Техномаркет“
Објавата е измамничка и има за цел да ги преземе личните и банкарски податоци на граѓаните, коишто се прелажани дека „добиле лаптоп и плаќаат само за неговата испорака“. Веб-страницата на која се пренасочени корисниците на социјалната мрежа Фејсбук е невистинито поврзана со логоа на ланецот маркети „Техномаркет“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Neptun нуди Lenovo лаптоп за сите над 21 година за да се ослободи од вишокот залиха. Земете го вашиот одговарајќи на 3 прашања.
Во склоп на објавата се поставени фотографии од залихи со лаптопи марка „Леново“ а под нив граѓаните се упатени да кликнат на копче „ликвидација на лаптопи, аплицирај сега“.
Веб-страницата на која се пренасочени корисниците на социјалната мрежа Фејсбук е невистинито поврзана со логоа на ланецот маркети „Техномаркет“. Меѓутоа, таа страница не му припаѓа на „Техномаркет“ туку претставува невистинита кампања со која се манипулираат граѓаните дека наводно ќе добијат бесплатни лаптопи доколку одговорат на неколку прашања. Прашањата се „дали си од Македонија“, „дали купивте нешто од Техномаркет“, и „Дали би сакале да учествувате во наградната игра на Lenovo IdeaPad 3i“.
Откако граѓанинот ќе одговори на овие прашања добива потврда дека „е вистинска личност“ и е пренасочен кон екран на кој се гледаат повеќе кутии за подароци од кои треба да избира.
Откако ќе одбере еден од подароците, тој е невистинито информиран дека „е добитник на лаптопот“ и дека треба да плати за испорака на истиот.
Дополнително, тој е невистинито информиран дека „испораката ќе му биде извршена за 5 до 7 дена“. Крајниот екран кој се отвора, е таков во кој се бара од корисникот на социјалната мрежа Фејсбук да ги остави сите свои лични и банкарски информации, со што тој станува жртва на фишинг, односно ги остава своите информации отворени за злоупотреба и празнење на неговата трансакциска сметка од страна на измамници. Сето ова се прави со дезинформирање дека на ваков начин плаќа 123 денари за испорака.
Бројни се црвените аларми кои сугерираат дека станува збор за измама во конкретната објава што ја рецензираме. Најнапред, кога ќе се пристапи на веб-страницата за наводното учество во наградна игра, евидентно е дека нејзината адреса не е поврзана со „Техномаркет“, туку напротив нема никаква врска со оваа компанија. Исто така, текстот од објавата изобилува со печатни и граматички грешки кои сугерираат на тоа дека станува збор за лош превод и образец со кој се настапува пред граѓаните. Во најавата на објавата се споменува ланецот за бела техника „Нептун“, а во самиот линк за „доделување“ се споменува „Техномаркет“. Оваа дисонанца е исто така показател за измамничко поведение.
Секогаш кога при учество во таканаречена наградна игра, нема официјални услови за организација од организаторот и кога таа се споделува од сајтови што не се официјални, тоа е црвен аларм дека станува збор за измама. Најголемиот показател дека се работи за измама, е тоа кога се бараат макар и мали суми на пари за некаква испорака на наградата што сте ја добиле. Вистиниските наградни игри немаат вакво обележје, туку на добитниците наградите им се доделуваат или јавно или бесплатно.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар