Ниту Трамп ја „издаде“ Украина, ниту Марк Руте ги брка САД од НАТО, ниту САД се закани на БРИКС да не се шири на Запад
Неколку вистински (гео)политички настани периодов беа инспирација за разни дезинформации, како кај нас, така и во регионот
Неколку вистински (гео)политички настани периодов беа инспирација за разни дезинформации, како кај нас, така и во регионот. Прво, фабрикувано соопштение тврди дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се заканил дека ќе ги исфрли САД од НАТО ако Трамп направи зделка со Путин и ја „продаде“ Украина. Нема никакви докази за ваква изјава. Второ, се дезинформираше дека секретарот на одбрана на САД, Лојд Остин, се заканил на БРИКС да се не проширува на Запад. Повторно, нема никакви докази за ова, а од Белата Куќа велат дека „не гледаат како БРИКС прераснува во ривал.“ Последно, во објава на Х (поранешен Твитер) се тврди дека Хутите го имаат погодено носачот на авиони „Абрахам Линколн“. Не само што снимката е од друг брод од 2020 г., туку „Абрахам Линколн“ моментално успешно плови во Јужното Кинеско Море
Пишува: Матеј Тројачанец
Изминатиов месец се случија неколку клучни настани на глобалната (гео)политичка сцена. Доналд Трамп победи на претседателските избори со САД, освојувајќи го својот втор мандат. Русија склучи одбранбен договор со Северна Кореја, што овозможи севернокорејски војници да се приклучат кон бојното поле во Курскиот регион. Како одговор, претседателот Џо Бајден и другите сојузници им дозволија на украинските воени сили да ги употребуваат нивни ракети на територијата на Русија. За возврат, Русија употреби проетили испукани од интерконтинентална ракета.
Киев првично ја обвини Москва дека за првпат во историјата испукала интерконтинентална ракета во борба. Меѓутоа, Вашингтон подоцна појасни дека не станува збор за интерконтинентална ракета, туку за „експериментална балистичка ракета со среден дострел,“ пишуваат колегите од Дојче Веле.
Заради сите овие настани, на македонските социјални мрежи имаше повеќе дезинформации поврзани САД, Бајден, Русија и Украина, БРИКС, Европскиот парламент, итн. Но, покрај какофонијата на домашните дезинформации, изминатиов период во регионот се појавија неколку теми што се повторуваа во повеќе земји.
Дали Марк Руте навистина се закани дека ќе ги исфрли САД од НАТО?
Одговорот е не. Откако беше потврдено дека Доналд Трамп победи на изборите во САД, почнаа да се шират дезинформации дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се заканил оти ќе ги исфрли САД од НАТО. Односно дека Руте би направил таков чекор доколку во преговорите со Владимир Путин Трамп ја „предаде“ Украина на Русија.
Оваа дезинформација ја имаат проверено колегите од Ројтерс, Делфи, Дојче Веле, Јуро Њуз, Еленика Хоукс, Фактчек Кипар. Накратко, не може да се најде кредибилен извор за оваа изјава на Руте на ниту еден достапен медиум, соопштение, прес-конференција или социјална мрежа. Во ијзава за Ројтерс, од НАТО потврдија дека „наративот не е точен“. Не само тоа, туку неодамна Трамп и Руте имаа официјална средба кадешто тие разговарале за „голем број глобални безбедносни прашања со кои се соочува Алијансата.“
A, иако според членот 13 од договорот за НАТО дозволува повлекување на земјите членки, нема одредби за „протерување“; прекршувањата се решаваат со ограничување или суспендирање на соработката преку заеднички одлуки на членовите.
Дали секретарот за одбрана Лојд Остин се закани на БРИКС да не се проширува на запад?
Одговорот е не. Неодамнешниот самит на земјите од БРИКС, одржан во Казан, Русија, беше инспирација на еден куп содржини која претставуваа микс од вести, пропаганда и дезинформации. Без разлика за фактичкиот исход од самитот и дали ќе се направат некакви поголеми промени, уште пред почетокот ставот на Белата Куќа беше дека „не гледаат како БРИКС прераснува во геополитички ривал“, ама тоа не спречи да се шират разни шпекулации.
Конкретно, оваа дезинформација потекнува од Х (поранешен Твитер). Во ојбавата има слика од секретарот за одбрана Лојд Остин и во сликата пишува: „ние бараме пишана гаранција дека БРИКС нема да се шири на запад“. Таа понатаму се споделува на социјалните мрежи, како и на познати руски дезинформациски сајтови. Оваа „вест“ ја проверија колегите од Фактчек.бг, Раскринкавање и Делфи. А, ваква изјава не може да се најде никаде на веб-страницаата на Министерството за одбрана на САД, ниту пак, во други официјални соопштенија на Остин.
Дали американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ беше погоден од Хутите?
Одговорот повторно е не. Заради зголемените тензии во Блискиот Исток и особено заради нападите на Хутите од Јемен врз сите бродови кои сообраќаа низ Аденскиот залив кон Црвеното Море и Суецкиот канал, САД со своите сојузници ја започнаа специјалната поморска операција „Prosperity Guardian“. Целта беше да ги заштитат сите транспортни бродови од нападите на Хутите со тоа што ќе паркираат дел од својата морнарица во Црвеното Море, вклучително и носачот на авиони „Абрахам Линколн“.
Дезинформацијата првпат е објавена на Х, каде што се гледа видео како некој воен брод е видливо оштетен и од него излегува чад. Тоа е, всушност, бродот „USS Bonhomme Richard“ на којшто во 2020 година се случи експлозија и последователен оган. Штетата беше голема и американската морнарица го исклучи бродот од употреба.
Од друга страна, иако повеќе медиуми пренесоа дека Хутите извршиле напад врз американската морнарица и била направена штета на неколку од бродовите, носачот на авиони не бил дел од нив – факт што го потврдија од Пентагон. Ова може да се потврди и со моменталната локација (28.11.2024) на „Абрахан Линколн“, односно дека плови во Јужното Кинеско Море. Оваа дезинформација ја разобличија колегите од Факт Чекер – Грција.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар