Ниту Заев, ниту Ангеловска не говорат лаги, изјавите се дадени различни денови

Фото: Принтскрин колаж

 

Легитимно е прашањето поставено од извесен „Независен експерт“ на Твитер за изјавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и министерката за финансии, Нина Ангеловска, дадени во врска со одлагањето на плаќањето на ратите на кредитите на компаниите и населението погодени од состојбата со коронавирсот во земјава и преземените мерки на Владата. Но, авторот на прашањето манипулира со содржината на изјавите и времето кога тие се дадени. Имено твитерџијата споредува наслови, а не ја споредува содржината на изјавите дадени со два дена разлика  и во услови во кои состојбата се менува молскавично, а Владата  мерките ги донесува на дневна основа.

 

Пишува: Рада Исовска-Маневска

 

Изјавата на министерката за финансии Ангеловска е дадена како одговор на новинарско прашање на прес-конференција од 18.03.2020 година, на која беше презентиран првиот пакет економски мерки на Владата, а која ја пренесе телевизија Алсат -М со наслов: „Нема одложено плаќање на кредитите по примерот на другите земји погодени од корона вирусот“.

Изјавата на Заев, пак, е дадена два дена подоцна  – на 20.03.2020г.  во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, а пренесена од „Фокус“ со наслов: „Во следните три месеци нема да се плаќаат рати за кредити и нема да работат извршителите“, и е дополнение на изјавата на министерката Ангеловска. Заев во изјавата го најавува она што Владата планира да го донесе во консултација со Народната банка и банките кои во овој период активно работат на подготовка на мерката.

Ако се погледа содржината на изјавите ќе се види дека и министерката Ангеловска и лидерот на СДСМ Заев, велат дека ослободувањето од ратите на кредитите зависи од одлуката на Советот на Народната Банка. Односно ако централната банка ги олесни условите за реструктурирање на кредитите, банките ќе можат да го реализираат одлагањето на ратите. И во двете изјави се почитува членот 5 од Законот за Народна банка со кој се обезбедува независноста на Централната банка од влијанието на извршната власт.

Ова е нешто за кое што треба волја и од Народната банка, волја и од останатите комерцијални банки, затоа што комерцијалните банки, ако ви дозволат реструктуирање, одлагање на кредитите, ако тука нема промена на одлуката на Народната банка тие кредити ќе го зголемат процентот на нефукционални кредити во портфолиото, рече Ангеловска.

Лидерот на СДСМ, Заев говорејќи на тема: „Барањата на бизнисот поврзани со загубите во работењето поради мерките преземени од власта за справување со коронавирусот“, покрај тоа што вели дека мерката зависи од олеснувањата што треба да ги донесе Народната банка, открива и дека ќе има тримесечно одложување на ратите на кредитите. Тоа го потврдува оригиналниот дел од изјавата кој не е презентиран целосно во текстот на „Фокус“.

Она што треба да се знае сметам дека е голема поддршка која верувам дека и Советот на Народната банка ќе ја потврди за конечна, а тоа е одложувањето на резервациите кое што комерцијалните банки треба да ги прават спрема Народната банка доколку ги одложат ратите во кои што спаѓаат каматите и главнината на кредитите за граѓаните и компаниите погодени од короноавирусот со директен инпакт да ги одложат за април мај јуни, односно ратите кои треба да ги платат за април да ги платат во јуни. Значи за три месеци имаме комплетен мораториум којшто од страна на банките ќе биде понуден. Разгледуваме во мерките до крајот на јули да се запрат сите извршни дејствија по сите основи и да се забранат сите стечаи, вели Заев ( 22,38 минута).

Кога Заев ја дава изјавата веќе е познато дека Народната банка во соработка со банките работи на решение за олеснување на финансискиот товар на компаниите и населението. Тоа го најави гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на прес-конференцијата од 18.03.2020 година кога заедно со министерката за финансии Ангеловска и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска го соопштија првиот пакет економски мерки.

Имаме подготвено и предлог Одлука за управување со кредитниот ризик чија цел е олеснување на условите за реструктурирање на кредитите на најпогодените сектори. Тековно се прават консултации со банките и очекуваме наскоро да биде донесена од Советот на Народната банка, најави Ангеловска-Бежоска.

Тоа го потврди и претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова – Штериева.

Предлог иницијативата беше испратена до сите банки да ја разгледаат. Сите банки имаат различни портфолија, некои имаат повеќе компании, некои повеќе население и да видат што од тоа може да се примени, како ќе се примени и врз основа на комуникацијата со реалниот сектор проблемите што ги слушаме ние можеме да предложиме кон централната банка во смисла на оваа одлука да се интервенира и да се направи така што да биде прифатлива и за централната банка и за нас и да им излеземе во пресрет на компаниите и населението, изјави Стевкова Штериева.

Советот на Народната банка на 21 март одржа вонредна седница на која донесе регулаторни измени кои им даваат „поголема флексибилност на банките и штедилниците при промена на договорните услови за отплата на кредитите во поповолна насока за клиентите, во зависност од процената на потребата и финансиската способност на секој поединечен кредитокорисник. Поповолните услови може да значат привремено одлагање на обврската за плаќање (грејс период), пролонгирање на рокот на достасување, пониска каматна стапка, одобрување на нов поповолен кредит за затворање на постоечкиот и сл., со што се овозможува намалување на тековниот товар на граѓаните и компаниите во справувањето со негативните притисоци од пандемијата“, појаснија од Народната банка.

Ова од страна на гувернерката Ангеловска-Бежоска, беше оценето дека е многу поповолно од мерката за замрзнување на кредитните обврски, но треба ефективно да се примени.

 Банките и штедилниците се мотивирани на засегнатите кредитокорисници да им ги понудат поволните можности за промена на постојните договорни услови. Очекуваме банките и штедилниците активно да ги користат можностите дадени со одлуката што ја донесовме вчера, бидејќи и во нивен интерес е да помогнат компаниите да го пребродат овој шок и да можат да опстанат на долг рок и да имаат капацитет за да можат понатаму да ги сервисираат обврските, рече Ангеловска-Бежоска.

Министерската за финансии, Нина Ангеловска на 22 март соопшти дека е подготвена Уредбата со законска сила со која се овозможува одложување на плаќањето на ратите за кредити на граѓаните и фирмите.

Она што се уредува во оваа уредба е начинот на одлагање на ратите на долговите на граѓаните и на фирмите односно истото ќе може да се направи без да се оди на шалтер во банка, без да се потпишува анекс итн. Како тоа е уредено и како ќе функционира? Уредбата моментално вели дека секоја банка ќе објави на својата веб страна или ќе го извести секој клиент за поповолната понуда. Ако физичкото лице во рок од 10 дена не се произнесе односно не каже дека ја одбива понудата ќе се смета дека поповолната понуда (замрзнување на ратите за три месеци) е прифатена, појасни министерката.

Според, тоа, нема лага ниту во изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ниту, пак , во онаа на министерката за финансии Нина Ангеловска. И двете се во иста насока, но се дадени со разлика два дена, во услови кога мерките на Владата се менуваат дневно поради брзината на ширењето на коронавирусот, а кои директно се одразуваат и на работењето на компаниите и на населението.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.