Нова aмбулантата во населба Лисиче, засега, нема

Дел од постојната амбуланта во Лисиче. Фото: скриншот

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин во предизборната програма за локалните избори во  2017 г., меѓу клучните проекти вети и изградба на нова амбулантата во населбата Лисиче, наместо постојната која е сместена во дотраени бараки. Досега, 28.05.2021 г., не е изградена нова зграда на амбулантата во Лисиче. До крајот на мандатот на Марин има уште  пет месеци,  а првични најави дека работата може да мрдне околу реализација на ова ветување дојдоа дури пролетва

ВЕТУВАЊЕ: НОВА АМБУЛАНТА ВО НАСЕЛБА ЛИСИЧЕ – ЗДРАВСТВЕНА И СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТA

Без здрава популација, нема напредок во државата. Добрата организација на здравствената дејност е онаа што и` дава предност на превентивната и на примарната здравствена заштита. Согласно со ингеренциите што ги има општината, а во соработка со Владата на РМ, во мандатниот период ќе изградиме нова амбуланта во населба Лисиче наместо руинираниот објект. што воопшто не личи на здравствен објект и е срам за Општина Аеродром…( Рок: 2018 – 2020 година)

[Извор: Предизборна програма на Златко Марин (стр.23) – датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин во својата предизборна програма за локалните избори во 2017 г. (стр.23),  меѓу клучните проекти вети и изградба на нова амбулантата во населбата Лисиче, наместо постојната која е сместена во дотраени бараки.

Следејќи ги и проверувајќи ги јавно достапните извори, ова ветување до моментот кога го оценуваме (28.05.2021) не е исполнето, иако има некое почетно придвижување кое се случува од март оваа година па наваму.

Предизборното ветување е влезено и како програмско делување на Општина Аеродром веднаш по нејзиното конституирање во ноември 2017 година. Ова може да се види од општинскиот весник број 79 за номеври-декември 2017 г, каде се информира за конституирањето на новата општинска власт, како и за капиталните проекти за наредните 4 години, каде на стр. 4 е наведена изградбата на нова амбуланта, како еден од десетината проекти.

На 18-тата седница на Советот на Општината, под точката советнички прашања, било поставено прашање до градоначалникот што е со судбината со овој проект, на што одговорил советникот Горан Стојковиќ:

Во однос на амбулантата треба да се координираме со Мин. за здравство околу Буџетот, знам дека градинката во нас Лисиче е во план за 2019 година, додека за амбулантата не зависи само од нас.

Дискусијата за ова се одвивала на самиот крај од 2018 година, при што советничката што го поставила прашањето, инсистирала на одговор од градоначалникот Марин.

Во меѓувреме, во 2019 и 2020 година не може да се најде никаков податок дека има развој околу ова прашање, освен што е спомената во критиките од опозицијата на нивните ФБ профили.

Во 2021 година во март, министерот за здравство Венко Филипче ја споменува и амбулантата во Лисиче, како институција која ќе биде сместена во нови простории во периодот пред нас. При увидот во градежните работи на новата Поликлиника во Општина Сарај, во изјавата за медиумите Филипче, меѓу другото, изјави:

Годинава ќе започне и реновирање на 10 амбуланти, а освен поликлиника во Сарај, изградба ќе започне и во општина Кисела Вода. Во следниот период планираме целосно да се заменат амбулантите во останатите скопски општини: Аеродром, во Лисиче, во Бутел, во Ѓорче Петров, понатаму во Карпош, сето тоа се амбуланти коишто се навистина дотраени.

Конечно, пред една недела и градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, потврди дека има придвижување на ова прашање. Во интервју за Слободен Печат, во кое наведува дека ќе побара нов мандат ако дозволи партијата, за да ги заврши проектите што ги започнал, Марин наведува:

Постигнавме и договор со Министерство за здравство за изградба на нова амбуланта во населба Лисиче. За да можам да ги реализирам проектите кои се отпочнати, ќе побарам доверба од граѓаните за уште еден мандат, но пред тоа за моето евентуално кандидирање на локалните избори, ќе одлучи мојата политичка партија. Сепак, проектите кои се веќе започнати, секако ќе бидат завршени, но убаво би било ако јас сум ги започнал, јас и да ги завршам, вели Златко Марин.

Факт е, дека и во предизборното ветување и во програмата на Општината, секаде се наведува дека Општината, т.е. Марин ќе го реализира проектот во соработка со Владата. Но, исто така, е факт, дека досега нова амбуланта нема, а има придвиижување во смисла дека ќе ја има, можеби и до крај на годинава. Воедно, амбулантата ја нема ниту во тековни проекти, ниту во идни проекти што наскоро треба да почнат со реализација во истоимената графа на порталот на Општината.

Па, со оглед на тоа што до крај на мандатот на градоначалникот Марин има нешто повеќе од 5 месеци.  ова негово изборно ветување  го сметаме како неисполнето. Секако, „Вистиномер“ ќе го следи развојот на настаните, па ако дојде до драстично менување на ситуацијата ќе биде направена и нова оценка на предизборното ветување.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција