Новата пирамидална шема „Грок“ – наследникот на „Конти“, згасна по неполни три недели
Оваа апликација беше лансирана од страна на 24-годишниот Мартин Стојанов од Радовиш, кој претходно стоеше и ја промовираше апликацијата „Конти“, од која пари заработија, но и изгубија илјадници луѓе од Кавадарци, Радовиш, Велес..
Новата пирамидална шема „Грок“ во која што се вклучија повеќе од две илјади граѓани, згасна за нецели три недели. Оваа апликација беше лансирана од страна на 24-годишниот Мартин Стојанов од Радовиш, кој претходно стоеше и ја промовираше апликацијата „Конти“, од која пари заработија, но и изгубија илјадници луѓе од Кавадарци, Радовиш, Велес…
Се вложуваа стотици, па и илјадници евра, а оние кои влегоа последни, со високи влогови, изгубија многу, за што Мета.мк веќе пишуваше.
Со надеж дека ќе си ги вратат изгубените пари, дел од граѓаните се вклучија на новата апликација „Грок“.
„Ем изгорен од Конти, ем сакам да вложам на пакетот од 800 долари со надеж да вратам нешто“, напиша на групата на Телеграм еден од корисниците.
Пред да се отвори „Грок“, корисниците беа запознаени за начинот на кој функционира шемата која беше речиси идентична со оној на „Конти“. Се инсталира апликацијата и се вложува одредена сума пари – за вложени 100 долари се заработуваат 5 долари на ден, за вложени 300 се заработуваат 15 долари итн.
Корисниците треба да кликаат лајкови на одредени реклами за филмови (нешто што нема никаква врска со заработката), но најважно од сè е тие да најдат што повеќе луѓе кои ќе бидат „под нив“. Всушност, така и се гради целата „пирамида“, а исплатата и уплатата на средствата се врши преку платформата за тргување со крипто валути Бајненс (Binance). Сè додека пирамидата не се „сруши“, а тоа најчесто се случува кога ќе се пушти пакет од неколку илјади евра, корисниците ќе се залетаат да вложат, а потоа исплатата наеднаш згаснува. Некој излегува побогат, некој е со салдо нула, а некој посиромашен за илјадници евра. Но, едно е јасно – сите во шемата влегуваат доброволно.
Мартин Стојанов пред неполни три недели за Мета.мк изјави дека бизнисот ќе се шири, а канцелариите на „Конти“ ќе се ребрендираат во „Грок“, но сепак, како што рече, не може да им гарантира на луѓето до кога ќе функционира.
Јас ги предупредив луѓето дека Конти ќе паѓа, од 14.000 луѓе, само 2.000 ме послушаа. Тие сега чекаат нова шанса од мене“, изјави Стојанов на 7 октомври, додавајќи дека „сè е на нивни ризик, бидејќи утре може да падне и новата апликација.
Како што веќе објави „Призма“, во петокот престана со работа и апликацијата ДГПТ, односно ја запре исплатата на клиентите.
Кој е на врвот на пирамидата тешко може да се дознае, но според истражувањето, едни исти ликови можат да се забележат и зад Конти и зад ДГПТ.
Кога по интернет веќе почнаа предупредувањата дека се работи за можна измама, Конти објави прес-конференција за која тврдеа дека е во Лондон, иако словенечките медиуми, анализирајќи ги деталите од хотелот, утврдија дека се одржала во Богота, Колумбија. Пребарувањата на интернет, пак, покажаа дека еден од говорниците на конференцијата е актер најмен да глуми задоволен вложувач, а лажно се претставуваат и „директорите“ што говорат на неа.
Две недели подоцна, како што пишува Призма, многу слична конференција објавиле и ДГПТ. Истата висока млада жена со долга кафеава коса, која била презентерка на пресот на Конти, кај ДГПТ се појавува потпишана како Сара Томсон, извршна директорка на компанијата.
Начин да се запрат овие пирамидални шеми речиси и да нема. Управата за финансиско разузнавање ги предупреди граѓаните да бидат внимателни со сопствените парични средства и навремено да препознаат фиктивни измамничко-инвестициски платформи, односно да не инвестираат во ваквите платформи и апликации. Преку соопштение, оттаму велат дека неопходно е да се внимава во период на зголемени рекламни активности на социјалните мрежи поврзани со т.н. платформи за остварување на брза заработка преку Интернет.
Управата за финансиско разузнавање како надлежна институција основана за целите на прибирање и анализа на извештаи за сомнителни трансакции и други информации од значење за спречување и откривање перење пари и финансирање на тероризам, се придружува на апелите од страна на останатите надлежни органи и ги предупредува граѓаните да бидат внимателни со сопствените парични средства и навремено да препознаат фиктивни измамничко- инвестициски платформи, односно да не инвестираат во ваквите платформи и апликации, наведено е во соопштението.
Имајќи предвид дека голем дел од граѓаните се стекнале со крипто-средства преку давателите на услуги поврзани со виртуелни средства во нашата држава (најчесто локални менувачници во државата кои се задолжени да применуваат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање на тероризам), Управата ги повика истите да не ги поттикнуваат и да не им помагаат на граѓаните во вршењето на трансакции, односно депонирање на крипто-средства кон ваквите потенцијално измамнички апликации.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар