Нови 135 услуги наскоро ќе го збогатат Националниот портал за електронски услуги
Дигитализацијата на услугите тековно и динамично се остварува иако севкупниот број на услуги засега е нешто помалку од една третина од сите услуги што се каталогизирани уште пред две години. Наскоро ќе бидат воведени нови услуги на националниот портал
Дигитализацијата на услугите тековно и динамично се остварува иако севкупниот број на услуги засега е нешто помалку од една третина од сите услуги што се каталогизирани уште пред две години. Наскоро ќе бидат воведени нови услуги на националниот портал
Пишува: Мирослава Бурнс
Националниот портал за електронски услуги наскоро ќе добие нови 135 нови услуги, кои ќе им бидат достапни на граѓаните, велат од Владата за „Вистиномер“. Ова ќе се реализира преку ИПА проект, а за таа цел се врши и дигитализација на сите регистри потребни да се развијат овие услуги. Од пред извесно време Националниот портал се надгради, па освен за граѓаните сега има можност електронски услуги да добиваат и компаниите. Наскоро се очекува да бидат промовирани две нови услуги од Агенцијата за вработување, кои ќе можат да ги користат компаниите.
- Првата категорија се услугите кои се целосно електронски, односно граѓаните можат да ја реализираат услугата од поднесување барање па до подигање на потребниот документ електронски.
- Втората категорија се услугите кои се делумно електронски односно се поднесува барање електронски, а документот кој се бара треба да се подигне во институцијата по одредено време.
- Третата категорија се услугите за кои граѓаните можат да се информираат, но истите сѐ уште не се реализирани целосно електронски.
За секоја услуга на Националниот портал јасно е наведено на кој начин може истата да се реализира, електронските услуги се јасно означени и пишано и визуелно. Дали една услуга ќе биде целосно или делумно реализирана електронски, зависи пред сѐ од природата на самата услуга, но и од подготвеноста на институцијата да обезбеди целосно електронски услуги.
Динамичен процес
Како и да е, системот беше пуштен на крајот од 2019 година, и од централниот портал Услуги.гов.мк, владата па и граѓаните очекуваат значително подобрување на брзината и квалитетот на услугите што ги нуди администрацијата како една од главните причини за нејзиното постоење, се вели во анализата.
На 7 октомври годинава, меѓу последните услуги кои што Министерството за правда овозможи да бидат електронски, односно за нив граѓаните да може да аплицираат дури и преку мобилен телефон, а да плататат со картичка – е услугата за издавање уверение од казнена евиденција од основните судови ширум државата. Граѓаните од внатрешноста, веќе нема да има потреба да патуваат до судот во местото каде што се родени, само за да поднесат барање за оваа потврда. Наместо тоа, за потврдата за неосудуваност, барателот оди на веб страницата uslugi.gov.mk, во полето „правосудство“, а потоа на „издавање потврда од казнена евиденција за физички лица“.
Најавувањето на порталот за е услуги е со корисничкото име на граѓанинот од УЈП. Кога потврдата ќе е готова, тој ќе ја добие на електронски уред со кју ар код, слично како што може да се симнат и сертификатите за вакцинација. На оваа потврда има и печат од судот, таа е веродостојна и валидна на ист начин како што би била кога граѓанинот со физичко присуство би одел во судот, да поднесува хартиени барања.
Натамошен напредок во интероперабилноста во 2022
Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, пак, навести дека од 1 јули 2022 година, институциите нема на граѓаните да им бараат толку многу документи, туку автоматски и по службена должност ќе ги проверуваат овие документи од своите системи, за да се олесни постапката. Сите институции, ќе ги повлекуваат овие податоци автоматски и вмрежено, преку национална платформа за интероперабилност.
Еден пример како ова би функционирало во праксата е закажувањето на венчавки во Управата за водење матични книги. Наместо досегашниот начин, со кој се оди во Управата за вадење извод од родени, па за закажување термин, и на крајот за склучување на бракот, во иднина ќе се оди само еднаш, само за склучување на бракот.
Според најавите, термин за склучување брак ќе се закажува на интернет, па службеникот од Управата за водење матични книги ќе ги види податоците на двајцата идни сопружници автоматски во системот, ќе провери дали се во слободна брачна состојба и ќе им закаже термин, без потреба од физичко присуство, освен за склучувањето на бракот.
Од 2019 година постои и систем – Централен регистар на население и во него во реално време се обработуваат и поврзуваат податоците од системот на МВР, државјанствата, пасошите и трите книги од Управата за водење матични книги. Во Централниот регистар на населението веднаш ќе се слеваат сите информации од направени промени во лични карти, промена на брачна состојба, промена на живеалиште и така сите институции ќе имаат пристап до најпоследните и најточни информации за граѓанинот. Моментално граѓанинот може да пристапи до својот извод од Регистарот на население, ама од 2022 година, владата најавува дека до него ќе може да пристапат 1304 институции.
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар