Нови дезинформации за луксузирањето на Зеленски – стан од 3.2 милиони долари во Дубаи за мајка му

Фото: колаж направен во Канва,President Of Ukraine from Україна од Wikimedia Commons

Иако инсертите од прилогот во видеото се автентични, односно се преземени од саудиската новинска агенција, аудиото е вештачки создадено. Дополнително, договорот не само што не е соодветен за типот на имот што се купува, туку катастарскиот број што е наведен е за објект во сосема друга населба, и нема никакви податоци дека сопствениците на станот некогаш биле поврзани со Володомир Зеленски

Иако инсертите од прилогот во видеото се автентични, односно се преземени од саудиската новинска агенција, аудиото е вештачки создадено. Дополнително, договорот не само што не е соодветен за типот на имот што се купува, туку катастарскиот број што е наведен е за објект во сосема друга населба, и нема никакви податоци дека сопствениците на станот некогаш биле поврзани со Володомир Зеленски

 

Дезинформациите против украинскиот претседател Володомир Зеленски за неговото наводно корумпирано управување со средствата наменети за воена помош, никако да запрат. Најновиот обид да се оцрни неговиот имиџ е  измислицата дека купил стан вреден 3.2 милиони долари во Дубаи, во моментално највисокиот облакодер во светот, Бурџ Халифа, како роденденски подарок за неговата мајка. Како „доказ“ се споделува фрагмент од објава на националната информативна агенција на Саудиска Арабија, каде божем се известува за оваа трансакција и наводниот „документ“ со којшто се „потврдува“ истото. 

Но, како и во речиси сите претходни случаи, оваа вест не е точна. Иако видеото е базирано на вистинска емисија емитувана пред половина година, во истата се зборува за сосема друга тема, а не за купувањето на недвижнината. Гласот кој може да се слушне на англиски е создаден со помош на алатки базирани на вештачка интелигенција.  Договорот, пак, споделен во ова видео е непостоечки, а проверката на датабазите за недвижнини во Дубаи ја прикажува адресата на станот на сосема друга локација наместо на Бурџ Халифа. Исто така, договорот од типот каков што е прикажан се користи исклучиво за потврда на сопственоста сè додека недвижнината не е готова т.е. изградена. Оваа вест ја проверија колегите од Фактограф и АФП (Хрватска), Фактчекер (Грција), Гварамедија (Украина), Истиномер (Србија), АФП (Чешка) и АФП (Словачка). 

Оваа дезинформација се шири преку следново видео:

Логото што може да се види во левиот горен агол припаѓа на Ал-Арабија, Арапска државна меѓународна информативна телевизија. Може да се забележи дека водителот ги започнува вестите на арапски јазик и вели: „Вести. Украинскиот претседател Володимир Зеленски…“. Но, по неколку секунди, наместо неговиот глас може да се чуе „преводот“ на англиски јазик што, всушност, е генериран од алатка базирана на вештачка интелигенција. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно купил луксузен стан во прочуената Бурџ Халифа во Дубаи како подарок за роденден за неговата мајка, Рима Зеленскиова го „преведува“ вештачки генерираниот глас.

Фалш аудио, фалсификувани документи

Сепак, кога се обидовме да го побараме овој видеофрагмент или каков било напис на оваа тема на каналите на Ал-Арабија, таму не можевме да најдеме ништо за луксузниот стан – наводниот подарок од Зеленски за неговата мајка. Но го најдовме видеото од каде што е земен првичниот сегмент во кој се споменува Зеленски на Јутјуб каналот на Ал-Арабија.

Во сегментот емитуван на 23 февруари 2025 г., водителот на вестите на Ал-Арабија го дава истиот вовед како во фабрикуваното видео, на временската ознака 43м:20с, каде вели: „Вести. Украинскиот претседател Володимир Зеленски […]“. Но, за разлика од лажното видео, во оригиналното видео не продолжува да зборува за купување имот, туку кажува дека Зеленски рекол дека: „[…] е подготвен да се повлече од претседателската функција во замена за влезот на неговата земја во НАТО“. 

Исто така, колегите од АФП го анализираа гласовниот дел од дезинформациското видео, користејќи алатки за детектирање на дипфејк гласови, што покажа дека англискиот „превод“ најверојатно е генериран од ВИ. 

Не само тоа, туку колегите од АФП ја контактирале раководителката на медиумските операции на Ал-Арабија, Дина Нимер, која им потврдила дека „ видеото е лажно“. 

Тоа го истакнува и Шајан Сардаризаде, член на Би Би Си Верифај (BBC Verify) тимот кој мониторира и проверува вирални дезинформации:

Ново вирално видео со логото на саудискиот медиум Ал Арабија лажно тврди дека претседателот Зеленски купил стан од 3,2 милиони долари во Бурџ Калифа во Дубаи за својата мајка.

Видеото е лажно и не е објавено од Ал Арабија. Веројатно е дело на долгогодишната руска дезинформациска кампања која произведува лажни видеа со логоа на големи медиумски куќи за да шири лажни приказни за Украина и нејзината влада.

Дека станува збор за лажни информации соопштија и од Центарот за борба против дезинформации, работно тело на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина:

На X се шират лажни информации во кои се тврди дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, наводно купил стан во Бурџ Калифа „за својата мајка“ за 3,2 милиони долари.


Па, иако видеоинсертите од прилогот во видеото се автентични, односно се преземени од саудиската новинска агенција, аудиото е вештачки создадено. Тактика што е речиси иста со претходниот обид на дезинформирање кога наводно Зеленски купил рудник за платина.

Централниот доказ, пак, на којшто се потпира цела оваа дезинформација, како што споменавме погоре во текстот, е фалсификуван купопродажен договор. Наводниот купопродажен договор меѓу агенцијата за недвижнини и Рима Зеленска, мајката на украинскиот претседател, не само што не е соодветен за типот на имот што се купува (луксузен стан), туку катастарскиот број што е наведен е за објект во сосема друга населба, и нема никакви податоци дека сопствениците на станот некогаш биле поврзани со Володомир Зеленски.

Фото: Принтскрин од фалсификуваниот договор

Дезинформации во кои се оцрнува Зеленски имаме рецензирано многу пати – види тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, и тука. Проверките покажуваат дека ниту една вест што тврди дека украинскиот претседател Зеленски се луксузирал со парите и средствата наменети за справување со руската инвазија, не е точна.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција