Нови дезинформации за Зеленски – овој пат за луксузна вила на Карибите

Фото: Колаж во Канва и President Of Ukraine from Україна, Public domain, via Wikimedia Commons

Украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно повторно купил нова луксузна вила со подземен бункер вредна 17.8 милиони евра, но овој пат на островот Св. Вартоломеј што е дел на Француските прекуморски територии. Компанијата што ја продава вилата потврди дека купувачот нема никаква врска со Украина или Зеленски, ниту пак, се градел бункер под истата. Инаку, оваа дезинформација е проширена на руската дезинформациска мрежа Правда

Украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно повторно купил нова луксузна вила со подземен бункер вредна 17.8 милиони евра, но овој пат на островот Св. Вартоломеј што е дел на Француските прекуморски територии. Компанијата што ја продава вилата потврди дека купувачот нема никаква врска со Украина или Зеленски, ниту пак, се градел бункер под истата. Инаку, оваа дезинформација е проширена на руската дезинформациска мрежа Правда

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Речиси три години по Руската инвазијата врз соседна Украина, дезинформациската војна не покажува знаци на успорување. Како и во многу претходни наврати, централна мета на дезинформациите на Кремљ останува украинскиот претседател Володимир Зеленски, за кого повторно се шират неосновани обвинувања за корупција и злоупотреба на странската помош. Зеленски наводно повторно купил нова луксузна вила вредна 17.8 милиони евра, но овој пат на Карибите, поточно островот Св. Вартоломеј што спаѓа на Француските прекуморски територии. А, под вилата наводно тој градел подземен букнер.

Како и во сите претходни случаи, тврдењето не е точно. Компанијата која управува со имотот официјално потврди дека купувачот нема никаква врска со Украина, ниту пак, се градел бункер под истата. Веста ја рецензира колегите проверувачи на факти од Еленика Хоуксес (Грузија), Митдетектор (Грузија), СтопФејк, Јунајтед24 и Дизинфо Кроник (Украина), Делфи (Естонија), 15мин (Литванија), како и Оупен и Факта (Италија).

Оваа лажна содржина беше проширена на добро познатата руска дезинформациска мрежа Правда – реобјави може да се најдат на Англиската, Грчката, Кипарксата, Француската, Германската, Молдавската верзија на Правда. Но, содржината ја има и на други руски портали (тука, тука, тука и тука). 

Содржината на сите места е скоро иста, но сумирана е во видеото прикачено на Правда:

На кратко, Зеленски наводно ја купил вилата од 436 м2 на островот Св. Вартоломеј преку офшор компанија „Алдоранте ЛТД“ (Aldorante LTD), регистрирана во Кипар. Всушност, се тврди дека официјалните документи се потпишани од една долгогодишна пријателка на Зеленски, Светлана Пашкина. Во написот се тврди дека трансакцијата од 17,8 милиони евра вклучува градежни работи на локацијата што ќе ги води компанијата „Манчар“, која има задача да изгради подземен бункер.

Фото: Наводниот договор за купување на вилата „Стела“
Фото: Наводниот договор за купување на Вилата „Стела“

На сликите се подвлечени „Алдоранте ЛТД“, името на Светлана, датумите на склучување на овој договор, како и останатите детали околу имотот и сумата. Иако документите се напишани на француски, со преведување на истите може да се издвојат неколку заклучоци. Прво, иако навидум делуваат како да се вистински документи, валидноста на документите не може да потврди, особено затоа што не е првпат да се случил да се манипулираат вакви документи. Второ, и доколку се вистински, тие не содржат податоци што ја докажуваат вмешаноста Зеленски во оваа „зделка“.

Понатаму, пребарувајќи ги сликите од самата вила, може да се најдат јавно достапни објави на Фејсбук каде што компанијата за недвижнини „Сибарт“ (архивирано тука) ја најавуваат продажбата на вилата на 11 октомври 2024 г.. Огласот за оваа вила – „Вила Стела“, може да се најде и на нивниот веб-сајт (архивирано тука). 

Колегите од Митдетектор ја контактирале компанијата „Сибарт“, од каде што им споделиле дека вилата ја купила француска компанија чиј сопственик нема врска со Украина.

Ви благодариме што ни го укажавте ова. Потврдуваме дека „Сибарт“ ја спроведе трансакцијата на „Вила Стела“ и дека информации што циркулираат се целосно лажни. Купувачот не е  „Алдоранте ЛТД“, туку француска компанија со француски акционери, кои немаат никакви врски со Украина. Понатаму, пријавената цена е неточна, а можеме да потврдиме дека на куќата не се работи [за изградба на бункер], спротивно на инсинуациите, пишуваат од компанијата за недвижнини „Сибарт“ за Митдетектор

Затоа што се наведува дека „Алдоранте ЛТД“ е регистрирана во Кипар, пребаравме неколку отворени регистри на компании да видиме дали може да се најдат некои јавно достапни информации околу улогата на Пашкина, пријателката на Зеленски, но и самиот претседател. Во регистрите може да се види дека навистина постои „Алдоранте“, но не е јасно во чија сопственост е компанијата. На пример, на две места се наведува Светлана Пашкина како директор на компанијата, а на трето се споменува и Зеленски во истата улога.

Фото: скриншот од профилот на „Алдоранте“ на сајтот Компанис Реџистри (Регистар на компании)
Фото: скриншот од профилот на „Алдоранте“ на сајтот Хаус Компанис Сајпрус (Кипарски компании)
Фото: скриншот од профилот на „Алдоранте“ на сајтот Сајпрус Реџистри (Кипарски регистар)

Во видеото што се шири во објавите на Правда и другите медиуми, како и во претходни објави на речиси истата тема, нараторот говори на француски јазик. Пребарувајќи на француски јазик не може да се најде ниту ниеден напис од угледните и реномираните француски медиуми. Дополнително, видеото каде се презентираат деталите за наводната трансакцијата е достапно само на руски извори и пропагандни телеграм канали.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција