Нови фабрикувани докази дека Зеленски поседува луксузни недвижнини вредни 1,2 милијарди долари

Фото: колаж направен во Канва,President Of Ukraine from Україна од Wikimedia Commons

Со измислени докази објавени во публикација која постои помалку од два месеца, обелоденети од непостоечка истражителка од украинското Националното биро за борба против корупција, се шири нова дезинформација дека Зеленски и други високи функционери поседуваат луксузни недвижнини вредни 1,2 милијарди американски долари

Со измислени докази објавени во публикација која постои помалку од два месеца, обелоденети од непостоечка истражителка од украинското Националното биро за борба против корупција, се шири нова дезинформација дека Зеленски и други високи функционери поседуваат луксузни недвижнини вредни 1,2 милијарди американски долари

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

По „купувањето“ на стан во Дубаи вреден 3.2 милиони долари, во регионот и пошироко повторно кружи нова дезинформација за украинскиот претседател Володомир Зеленски. Овојпат „истражителка“ од Украинската антикорупциска служба, наводно стигнала до „докази“ дека украинскиот претседател проневерил средства наменети за војната со Русија – во износ од 1,2 милијарди американски долари, за да купи луксузни недвижности низ цела Европа.  

Како и во сите претходни случаи, веста не е точна. „Лондонски Телеграф“, медиумот каде што за првпат се објавува оваа „вест“, нема импресум и постои помалку од два месецa, a страницата не е регистрирана на друга позната компанија. Фотографијата од новинарката којашто се користи во написот, фактички е украдена од фриленс новинарката Хелен Браун, која известува за Би Би Си, Скај Њуз, Индепендент итн.  Во самиот видеоприлог што дезинформира за наводните недвижности на Зеленски, може да се детектираат фотографии кои се искористени во медиуми за наводно криминално однесување во сосема други и неповрзани случаи, а има и „сток фотографии“, односно слики преземени од веб-страници каде се купуваат најразлични фотографии и видеоматеријали.

Оваа вест ја имаат проверено и колегите од: АФП (Франција), Истиномер (Србија), Делфи (Литванија), Демагог (Чешка), Еленика Хоуксес и Грција Фактчек, Раскринкавање (Црна Гора), Фактограф (Хрватска) и сите констатираа дека нема докази дека Зеленски поседува недвижен имот вреден 1,2 милијарди долари.

Дезинформацијата почнува да се шири преку следново видео:

Во оваа објава на „Х“ (поранешен Твитер) се посочува извесна „Олена К.“, наводно вработена во украинското Националното биро за борба против корупција, како свиркачот што ја обелоденува „информацијата“ дека Зеленски имал „империја од недвижности вредна 1.2 милијарда долари“. Како истражителка таа наводно предводела работна група што го следела движењето на финансиите на Зеленски и други високи украински функционери кои купувале луксузни недвижности низ цела Европа. И, заради „обелоденувањето“ на овие информации, Олена К. морала да пребегне во Европа. 

Како што може да се види во самото видео, оваа (дез)информација наводно се објавува за првпат на страницата на Лондонски Телеграф:

Фото: Скриншот од дезинформациската објава на „Лондонски Телеграф“

Според самото Национално биро за борба против корупција, кај нив не постои вработена личност со името „Олена К.“, пренесуваат колегите од АФП.

Понатаму, во написот на Лондонски Телеграф се наведува дека авторот на текстот е Шарлот Дејвис. Но, ако се искористи алатката на Гугл за пребарување на слики (revers Google image search), може да се утврди дека, всушност, фотографијата припаѓа на фриленс новинарката Хелен Браун, која пишува за Би Би Си, Скај Њуз, Индепендент. Браун дури беше интервјуирана за своето искуство, односно за тоа како нејзиното „лице заврши на руски пропаганден сајт“.

Ужасната сум што го гледам мојот профил [фотографија] киднапиран од непознати страни и поврзани со лажно име и лажна публикација. Никогаш не сум известувала за Зеленски или неговите финансиски работи[…]изјави Браун за АФП.

Самата веб-страница, исто така, содржи неколку сомнителни или нетранспарентни елементи. Најпрво, не може да се најде импресумот или други идентификациски информации за тоа кој стои зад публикацијата. Второ, страницата не е регистрирана со некоја позната медиумска компанија или организација од којашто може да се добие изјава или какви било  повратни информации. Трето, веб-страницата е регистрирана на 14.08.2025, само неколку недели пред да се објави оваа дезинформација. 

Оваа тактика на креирање на нови „медиумски веб-страници“ неколку недели пред да се објави дезинформацијата е добро позната тактика што повеќе пати сме ја забележале во нашите рецензии.

 

Монтирано видео, вештачки глас

Покрај Лондонскиот Телеграф, друг проблем во оваа дезинформација е тоа што во самото видео се користи сток материјали, на пример оваа позадина. Треба да се напомене дека користење на сток материјали е стандардна пракса и само по себе не е проблематичниот аспект на оваа лажна вест. Проблемот лажи во тоа што покрај сток материјалите се користи и фотографија од наводните документи што го „докажуваат“ коруптивното делување на Зеленски и неговите соработници. А, за таа фотографија знаеме дека е преземена, односно украдена од канцеларијата на Генералниот обвинител на Украина, поточно, во истрагата против пратеникот Федор Христенко.

Со други зборови, со „позајмување“ на вистинска слика од обвинителството и користење на сток материјали, се монтира лажно видео за да се даде привиден легитимитет на приказната, кога фактички сето тоа нема никаква врска со украинскиот претседател и останатите функционери. 

Друг проблем во видеоприлогот е фактот што кога ја проверивме аудиоснимката во видеото со помош на алатката дипфејк-тотал (создадена од институтот Фраунхофер за проверка на автентичноста на аудиоснимки), алатката покажа  97.3 отсто веројатност дека се работи за вештачки создадена снимка. 

Фото: Според deepfake-total.com моделот, со 97,3 отсто веројатност моделот покажува дека аудиоснимката е создадена со дипфејк.

Што стои во позадина на оваа дезинформација?

Изминатово лето, на 22.07.2025 г. во Украина беше донесен нов закон со кој директно се поткопува авторитетот токму на Националното биро за борба против корупцијата и Специјалното обвинителство за борба против корупција. Поточно, со законот се одзема независноста на овие тела така што ги става под директен надзор на Генералниот обвинител – позиција којашто ја назначува самиот шеф на државата, т.е. претседателот, со што оваа позиција може навистна да биде под влијание на Зеленски. 

Поради овој закон, првпат по започнувањето на војната беа организирани масовни протести. Не само поради домашниот, туку и поради притисокот од партнерите од меѓународната заедница, на 31.07.2025 г. Зеленски потпиша нов закон со кој се гарантира независност на двете тела кои се борат против корупцијата. 

Но и покрај тоа што е донесен нов закон, незадоволство на Украинците од претходното законско решение се злоупотребува за да се создаде целосно фабрикувана приказна со која одново и одново ќе се презентира Зеленски, неговото семејство и соработници како коруптивни – види тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, и тука

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција