Нови правила во „Промедиа“ за поголем ред во онлајн информирањето

Од консултативниот состанок на он-лајн медиумите. Фото: СЕММ/веб

Неодамна во организација на повеќе професионални он-лајн медиуми се одржа координативен состанок на кој беа усогласени повеќе нови правила за членство во Промедиа, првиот доброволен национален регистер на онлајн медиуми. Во пресрет на новите донесени и очекувани директиви на ЕУ за медиумите, ова е сериозен обид да се стави поголем ред во онлајн сферата преку саморегулативни методи, процес на кој и Европската унија смета и очекува од него да даде повеќе резултати. Инаку тоа се совпаѓа и со основната идеја на саморегулацијата, бидејќи секогаш е подобро редот да се прави со саморегулација отколку со регулација

Неодамна во организација на повеќе професионални онлајн медиуми се одржа координативен состанок на кој беа усогласени повеќе нови правила за членство во Промедиа, првиот доброволен национален регистер на он-лајн медиуми. Во пресрет на новите донесени и очекувани директиви на ЕУ за медиумите, ова е сериозен обид да се стави поголем ред во онлајн сферата преку саморегулативни методи, процес на кој и Европската унија смета и очекува од него да даде повеќе резултати. Инаку тоа се совпаѓа и со основната идеја на саморегулацијата, бидејќи секогаш е подобро редот да се прави со саморегулација отколку со регулација

 

Пишува Теофил Блажевски

Втор координативен состанок на повеќе онлајн медиуми во земјава – членки на Промедиа.мк се одржа неодамна во Клубот на новинар при ЗНМ, при што беше усогласена листа на нови правила кои треба да важат во он-лајн сферата со цел да се стави поголем ред и придонес кон професионалното новинарство.

Вреди да се напомене дека онлајн медиумите сами се организираа и го прифатија ваквиот начин на правила и членување во регистерот, со што промените добиваат уште повеќе на тежина, затоа што се донесени во сериозни дебати меѓу претставниците на онлајн медиумите.

Тоа го истакнува и Катерина Синадиновска, Претседател на УО на Советот за етика на медиумите во Македонија(СЕММ), која запрашана за одлуката ни изјави:

„Идејата ни беше да ги послушаме критиките за досегашното функционирање на Регистерот во смисла дека критериумите се прелабави и на овoј начин дополнително да се помогне во филтрирањето на чlенките на Промедиа.мк. Уште подобро е што тоа си го направија самите онлајн медиуми. На овој начин се покажува дека Промедиа фунционира, а и СЕММ дополнително се збогатува, зашто во новиот УО ќе има место за еден нивни член што веќе го избраа и сега се отвора процес каде што претставници на Промедиа, заедно со УО на СЕММ влегуваат во процес на имплементација на овие препораки и прочистување“-вели Синадиновска.

Промедиа.мк е прв добровелен национален регистер на он-лајн медиуми формиран во 2019 година со цел преку процесот на саморегулација да се оддели професионалното од непрофесионалното новинарство и медиумите во кои работата новинарите што пишуваат и објавуваат он-лајн.  Формиран со 67 членки потписнички под покровителство на СЕММ и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), како и со поддршка од Стопанската комора на Македонија, регистерот Промедиа нарасна на околу 150 членови во овие три изминати години.

15 задолжителни правила за членките

Промедиа мк. и досeга имаше правила што важат за членките и тие беа поделени како задолжителни и пожелни. Со новите правила што беа усвоени, условите за членство во Промедиа се прецизираат и омасовуваат, а некои критериуми стануваат и построги. Еве го списокот на нови правила што е објавен и на страницата на СЕММ, како правила кои мора да бидат испочитувани за еден онлајн медиум да биде членка на Регистерот:

  1. Имаат МК домејн.

(Оние кои имаат сериозна активност, а немале мк домеин, се согласиле паралелно да отворат и мк домеин-му беше појаснето на „Вистиномер“)

  1. Имаат наведено веродостоен импресум (име и презиме на главен односно одговорен уредник и состав на редакцијата), адреса и други неопходни податоци за контакт.
  2. Редовно објавуваат информативни содржини од јавен интерес.
  3. Го наведуваат датумот и часот на објавување на своите содржини.(ново)
  4. Имаат регистрирано деловно активно трговско друштво или деловно активнo здружениe на граѓани кое не учествува на пазарот на комерцијално и политичко рекламирање и огласување. (подвлечените делови од реченицата се новина)
  5. Транспарентно ја декларираат сопственоста и начинот на финансирање согласно со законите, а на барање на СЕММ и на promedia.mk, да презентираат и податоци неопходни за ажурирање на членството. (подвлeченото е новина)
  6. Имаат по двајца вработени во редакцијата, согласно со Законот за работни односи (подвлеченото е новина).
  7. Редовно објавуваат авторски содржини, со почитување на авторските права во согласност со законот и во согласност со Основните правила на преземање содржини меѓу членките на promedia.mk (подвлеченото е новина).
  8. Имаат објавено ценовници за рекламирање (ново).
  9. Видливо ги означуваат платените комерцијални содржини (ново).
  10. Ги почитуваат Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ.
  11. На својата страница ќе постават банер со кој се обврзуваат дека ги почитуваат Кодексот на новинарите и принципите на саморегулацијата.
  12. Ги објавуваат одлуките на СЕММ и се вклучуваат во процесот на медијација.
  13. Го прифаќаат правилото според кое медиумот се исклучува од членство по 3 одлуки на Комисијата за жалби во рок од 3 месеци, во коишто е утврдено прекршување на Кодексот на новинари, при што Управниот одбор на СЕММ го зема предвид однесувањето на медиумот во текот на процесот, учеството во медијација и поправката на стореното прекршување.
  14. Прифаќаат редовно ажурирање на регистарот promedia.mk на секои 3 месеци, од страна на СЕММ и ЗНМ, во координација со Комисија на promedia.mk (новина, комисијата е веќе формирана).

Некои од овие правила беа и досега како услов за членство, со тоа што на пример, правилото за  да има еден главен уредник, односно најмалку двајца постојано вработени новинари беше пожелно, а не задолжително. Освен ова, новина е и прифаќањето на оние онлајн медиуми кои немаат мк домeин, но се обврзуваат да го отворат, покрај нивниот досегашен, а новина која е значајна е дистинкцијата помеѓу деловните друштва што издаваат медиум и здруженијата на граѓани, со тоа што овие вториве се обврзуваат да немаат реклами и да не учествуваат во процесот на платено политичко рекламирање

Нови правила и за почитување на авторството и против копи пејст новинарството

На вториот консултативен собир што го имаа он-лајн медиумите покрај главните правила за членство во Промедиа.мк, беа дефинирани и нови правила за преземање на содржината од друг медиум, членка на Промедиа.мк.

Овие основни правила досега не постоеjа, туку беа генерално покриени со Кодексот на новинари на Македонија, конкретно со член 12, кој вели дека „Плагијаторството е неприфатливо“ и дека „Цитатите не смеат да се употребат без да се нагласи изворот или авторот“.

Еве ги новите основни правила за преземање соdржина од друг медиум член на Промедиа.мк:

  • Професионалните онлаjн медиуми членки на promedia.mk и СЕММ ги почитуваат авторството и авторските права согласно со законот, како еден од клучните етички и професионални стандарди на новинарската професија.
  • Под поимот содржини во контекст на овие Основни правила, се подразбираат текстови со различни жанровски особености, фотографии, видеа и други мултимедијални содржини, со кои медиумите известуваат за настани и појави од најразлични области, како и мислења во различни жанровски облици.
  • При преземање содржина од друг онлајн медиум, задолжително е во насловницата (во наднасловот, поднасловот, или во насловот, а по исклучок кога нема поднаслов, во лидот односно во првата реченица на веста) да се наведе од кој медиум е преземена содржината.
  • Покрај правилото од точка 3, при преземање содржина од друг онлајн медиум, потребно е на соодветно место да се објави хиперлинк до изворната содржина.
  • На начинот опишан во точките 3 и 4, дозволено е преземање најмногу до 20 отсто од оригиналната содржина.
  • Секој медиум за одделни содржини, за кои смета дека имаат карактер на ексклузивност, може да постави дополнителни услови за преземање (ембарго за преземање и слично), при што дополнителните услови ги објавува за секоја содржина, со јасен и видлив текст или со друг вид јасна и разбирлива ознака.

Новите правила усогласени на состанокот на 15-ти ноември со кој претседаваше новинарот Бранко Героски, се квалитативен исчекор за да се засили процесот на саморегулација во пресрет на веќе донесени директиви на ЕУ, како што Digital act и оној што се очекува Media freedom act. Героски очекува да имаат ефект и ни соопшти за следните чекори:

„Онлајнот е доминантен сегмент на медиумската индустрија, што се потврдува и со последното истражување на Еуростат и граѓаните најмногу се информираат онлајн. Ние што сме во оваа индустрија со сериозни намери, имаме намера да се однесуваме токму така-сериозно. Патем, ова е единствениот сегмент на индустријата кој во овој момент не ужива поддршка од државата и донесовме заклучок да побараме и средба со премиерот, пред се за да му се претставиме, кои сме ние, а не за да бараме пари. Освен ова, ние сме производителите на содржина, а во он-лајн се повеќе се бара содржина и затоа сакаме да имаме средби и со бизнис секторот и со агенциите за пи-ар за да им го посочиме истото и за да можат да направат разлика помеѓу сериозни и и читани он-лајн медиуми и агрегатори на вести или блогови“ – ни изјави Героски.

Меѓу поддржувачите на процесот на саморегулација нема дилеми дека секогаш е подобро е повеќе саморегулација отколку регулација, па од тука, сите активни учесници во процесот на саморгулација очекуваат дополнителен импулс од новите правила за членство во Промедиа.мк, чија имплементација веќе се одвива.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција