Новинарска лекција: РЕПОРТАЖА

„Зимско чудо - Галичник без снег“ - репортажа на Утрински весник (рецензирано овде)
„Зимско чудо – Галичник без снег“ – репортажа на Утрински весник (рецензирано овде)

Репортажата е плод на новинарската инспирација која најчесто доаѓа од почетната, основната новинарска форма, вест или информација. Ако имаме вест и ако новинарот со сите свои сетила ја доживее, ја почувствува и знае од неа да извлече повеќе, може да се впушти во авантура од неа да направи репортажа.

Пишува: Александар Писарев

Репортажата е најубавата но воедно и најсложената новинарска форма во која настанот се прикажува низ приказната. Бара сериозна подготовка, многу труд, учество во настанот,  забележување на сите детали, енциклопедиско знаење… ја сместуваат во паракнижевност, таа е личен печат на новинарот според кој и без потпис  читателите го препознаваат неговиот стил.

РЕПОРТАЖАТА НЕМА КЛИШЕ

Репортажата е плод на новинарската инспирација која најчесто доаѓа од почетната, основната новинарска форма, вест или информација. Ако имаме вест и ако новинарот со сите свои сетила ја доживее, ја почувствува и знае од неа да извлече повеќе, може да се впушти во авантура од неа да направи репортажа. Според поделбата на новинарските форми репортажата влегува во паракнижевност, во белетризираните форми. Некои теоретичари дури слободно велат дека репортажа е книжевна врста која некој настан, проблем, ситуација ја опишува со новинарски стил- едноставно, лесно и интересно. Тоа е всушност публицистичко прикажување на некој реален  настан со помош на книжевните алатки каква што е, пред  сѐ, нарацијата.  Репортажата е слика на настанот онака како што авторот го доживеал. Она што репортажата ја прави да биде  уметничка новинарска форма е артистичко, наративно редење  и поврзување на податоците и фактите. За разлика од другите новинарски форми, (од коментар, на пример) репортажата не смее отворено да го убедува читателот во ставот кој го презентира, ниту смее да биде мобилизаторска.

Нејзината функција е да предизвика емоции кај аудиториумот кон многубројните субјекти кои учествуваат во репортажата. Затоа е репортажата е полифониски новинарски жанр.

За пишување на репортажа, за разлика од другите новинарскуи форми, не постои модел или клише. Таа е одраз на новинарската инспирација и соживување со темата, настанот, актерите на настанот.  Добра репортажа по правило би требало да ги содржи елементите на драмска творба: вовед, заплет, кулминација, рапслет, разврска и на крајот порака или поука, но не морализација, придика или наровоучение.

…„Ова е приказна што се роди на скопските улици. Станува збор за средношколци помеѓу 15 и 17 години со веќе изграден став за животот. Треба да се заработат многу пари, бргу, сега и тука. Тоа се малолетни дилери на дрога кои за еден ден заработуваат повеќе него нивните родители за цел месец. Поминав неколку дена мегу нив во Градскиот парк, на Водно, меѓу старите и напуштени вагони помеѓу населбите Кисела Вода и Пролет, во Маџари, порта Влае“…ТИНЕЈЏЕРИ СТАНАА НАРКО ДИЛЕРИ

Најголемата опасност при пишување на репортажата е  авторот да не западне во патетика или мелодрама.

„После интензивно зелената преселка на пролетта, природата добива доминантно жолта боја. Сонцето ја разлева својата боја врз земјата и растенијата, импресионирајќи не со секакви нијанси на жолто-зелени и бледникави бои. Сепак, тоа не важи за зеленото срце на нашата убава Македонија“. ДЕМИРХИСАРСКИТЕ УБАВИНИ

Репортажата е хармоничен состав кој има свој вовед во кој најавуваме одредена тема за која ќе пишуваме, заплет низ кој влегуваме во проблемот, кулминација во која кај читателот создаваме напнатост и исчекување на најбитното во настанот, расплет во кој го разјаснуваме заплетот и порака со која ја завршуваме приказната.

 

„Ристе владее со Андора, Марко со Малта, а Мартин со Сан Марино“ - репортажа на Нова Македонија (рецензирано овде)
„Ристе владее со Андора, Марко со Малта, а Мартин со Сан Марино“ – репортажа на Нова Македонија (рецензирано овде)

 

Тематски репортажите можат да бидат од најразлични подрачја на животот (социјална, воена, патеписна) или поврзани со разни настани (несреќи, елементарни непогоди, спортски натпревари, јубилеи).  Може да биде документарна во која се прикажуваат настани од минатото кои се актуелизираат. Притоа, новинарот мора  добро да ја познава темата, да ги проучи документите.

Меѓутоа, репортажата не е само личен впечаток на новинарот. Таа во себе мора да синтетизира  истражувачки и уметнички елементи на текстот. На тој начин она станува  читлива а воедно укажува на проблемот, предупредува, се бори и низ автентичните факти прикажува некоја општествена ситуација.

…„Штом слушнале дека  нуклеарната депонија ќе биде изградена на нивната  територија и тоа во близина на населбата, граѓаните жестоко реагираа. Веќе не постоеше никаква сила која би можела да ги спречи да не излезат на улица и да протестираат поради нејзината изградба во Петровец“… РАДИО АКТИВЕН ОТПАД

БЕЗ ПРИТИСОК ОД РОКОВИТЕ

Репортажата е единствената новинарска форма која не се работи под притисок на роковите и времето. Таа се пишува подолго, постудиозно и истражувачки.

Она по што репортажата е специфична, е потреба новинарот да се соживее со неа, бидејќи тоа е преусдно за добрата приказна, но како и кај вест и извештајот, потребно е да постои повод за пишување.

Кога авторот знае за што ќе пишува, време е да направи мало истражување на темата. За репортажа не постојат рокови, ниту добра репортажа може да се напише набрзина. Тоа истражување се сведува на  собирање на информациите, фотографиите, разговор со луѓето кои се важни за приказната, запишување или аудиозаписот на нивните изјави и човечки приказни, консултирање со експертите или надлежните служби и институции. Потребно е да се контактираат сите заинтересирани страни во приказната за да се добие објективна и поширока слика за настанот што е предмет на приказната.  Кога ќе се собере доволно матерјал, мора да се селектира, да се реши што од сѐ она што е собрано ќе биде искористено а што не. Ретко кога новинарот  при пишување на репортажата го искористува целиот собран матерјал.

Односот на собраниот и употребениот матерјал најчесто е еден спрема десет, па некогаш дури и еден спрема сто. Практично, од собраниот матерјал во медиумот влегува една десетина, влегува она што е најважно и најинтересно за публиката.

За еден новинарски производ да го оцениме како репортажа, тој текст треба да има во себе драматургија-вовед,  заплет, кулминација, расплет, порака.  Заклучокот, наравоучението или поуката се битни одлики според кои репортажата се разликува од обичната вест или извештај. Важно е и авторот да остави свој личен печат, белег, стил, според кој ќе го препознаваат, а тоа не го може секој. Потребно е да се внимава и да не се претера во личните коментари и ставови поврзани со приказната, па да се изгуби она што е најважното – објективноста.

„Во 1964 Скопје беше пред времето“ - спој на рецензија и репортажа, Вест (рецензирано овде)
„Во 1964 Скопје беше пред времето“ – спој на рецензија и репортажа, Вест (рецензирано овде)

Колку е репортажата ценет и почитуван новинарски жанр, најдобро покажува податокот дека на сите новинарски фестивали, или конкурси, репортажата е сместена во посебна категорија.

Често се поставува прашање дали одредени теми се за репортажа. Ајде да се присетиме на славните новинари и писатели како што се Хемингвеј, Егон Ервин Киш и Џон Рид, кои од своите репортажи од воените жаришта направиле врвни уметнички дела  на светска книжевност.

Патеписните репортажи се, на пример, права книжевна форма во која успешно се докажале многу познати писатели.

…„Пред два викенда седев во Солун на Платија Аристотелу. Пиев Метрија фрапе со малку млеко и размислував за преубавата Хелена и принцот Парис поради кои избила Тројанската војна. Загледан во морската широчина на Егејот, се запрашав: „Зошто секое летување во Грција мора да започне и да заврши во Солун“… СОЛУН Е ПОЧЕТОК И КРАЈ

МАЛИТЕ ЛУЃЕ ВО ГОЛЕМИТЕ ПРИКАЗНИ

Репортажите од секојдневието на обичните мали луѓе се посебен предизвик,  бидејќи пред новинарот се поставува задачата во нив да ја откријат темата која ќе го привлече вниманието и ќе ги заинтересира читателите, ќе ги разбуди нивните чувства и ќе ги наведе на емпатија со ликовите во репортажата . Тоа не е нималку едноставна задача. Многу е полесно да се направи репортажа за „големата тема“ – војна, значаен историски настан, патопис од некој непознат крај. И токму во тоа е предизвикот за новинарите кои се спремни да се впуштат во авантурата наречена репортажа и истражувачка работа надвор од редакцијата и надвор од однапред организираните и институционализираните настани како што се седници, конференции, конгреси…

„…Го барале луѓето три дена, а мајка му сирота плачејќи го колнела животот. Четвртиот ден поминале овчарите терајќи ги последните стада кон реката. Со нив, еве, едно вакво, големо кучиште. Запрело во дворот да се напие вода и се загледало во расплаканата жена. Залајало двапати и ја повлекло за престилката. На еден час одење од селото кучето го пронашло Стевчета, скриен под папратите, полусмрзнат, заедно со овцата што тргнал да ја бара“ПЕС КОЈ ЗАСЛУЖИЛ ОРДЕН

„Риболовството извор на егзистенција за многумина велешани“ - репортажен прилог/актуелна репортажа - портал Дума.мк (рецензирано овде)
„Риболовството извор на егзистенција за многумина велешани“ – репортажен прилог/актуелна репортажа – портал Дума.мк (рецензирано овде)

Во репортажата , за разлика од белетристиката, имаме конкретен настан кој постои  или постоел, имаме конкретни односи меѓу луѓето, вистинит амбиент и вистинита атмосфера во која нешто се случило или се случува.  Како и секоја друга новинарска форма и репортажата се базира на факти, само што начинот на нивното прикажување е наративен, интересен и по него често го препознаваме стилот на новинарот. И тоа е известување, собирање факти и нивна презентација на јавноста преку медиумот, но е и книжевна творба која некој настан го прикажува преку интересен новинарски стил.

…„Репортажата за Источна македонија ја продолжуваме во виничкото село Блатец, симбол на иселувањето во последните 20-тина години. На патот го среќаваме свештеникот Орце Пешов. Истиот ден требаше да ја изврши најнепопуларната церемонија во христијанството, да погреба една постара  жителка. „Од почетокиот на годината досега во селата Блатец, Липец, Пеклани… погребав 17 жители, а крстив само три деца“… ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА  МАСОВНО НА ПЕЧАЛБА

ЧУВСТВО ЗА ОДГОВОРНОСТ

Секоја репортажа почнува на свој начин и со сопствениот стил на авторот. Елементите кои ја обликуваат добрата репортажа се: автентичност, документираност и конкретност. Сигурни податоци, мера и рамнотежа во оценките, одговорна употреба на податоците и информациите, мерка и вкус во опис на атмосферата и претставување на амбиентот во кој настанот се случува или се случил. Репортажата мора да биде објективна, а новинарот не смее да ја загуби реалноста во извлекување на заклучоците. Авторот на репортажата мора да има истенчено чувство за општествено-политичка одговорност. Нарацијата и изразот мора да бидат едноставни и разбирливи. За репортажата е многу важен насловот, бидејќи тој треба да го привлече читателот со внимание да ја прочита. Може, но и не мора да ги има комплетниот насловен блок. Но, зависно од должината, важни се меѓунасловите кои мора да бидат внимателно и креативно обликувани: ТИНЕЈЏЕРИ СТАНАА НАРКО ДИЛЕРИ. Елементите кои репортажата ја прават да биде  уметничка новинарска форма се креативно, уметничко редење и поврзување на податоците и фактите. За разлика од сите други форми на новинарски производ, (коментар, информација) репортажата не смее отворено да убедува во пласираниот став, не смее да мобилизира. Нејзината основна функција е преку презентирање на интересни моменти, кои се однесуваат на субјектите присутни во неа, кај читателот, кај аудиториумот да предизвика емоции. Затоа, репортажата е полифониска новинарска творба.

Кога се во прашање електронските медиуми, посебно телевизијата, која  има документарен код, составен дел на репортажата е, или може да биде кратка новинарска приказна од обичниот живот. Таа е важна затоа што на репортажата и дава печат, потврда и непобитни докази за некој настан, или нечие мислење и може да биде од пресудна важност во наративниот контекст на приказната. Исто како и веста, и репортажата, особено кога се работи за документарна репортажа, мора да се базира на факти, на вистински локации, а не на измислена уметничка креација.

Кратка приказна на човек кој е во репортажата, провоцира на размислување и таа е од јавен интерес, бидејќи  се занимава со луѓе и настани, појави кои се врзани за квалитетот на животот. Кратка новинарска приказна  како составен дел на репортажата не се занимава со светски проблеми, таа е поврзана со секојдневниот живот, со локалната заедница: ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА  МАСОВНО НА ПЕЧАЛБА. Таа е најчитаниот или најгледаниот дел од репортажата, делот кој се гледа, чита памети и препознава. Само така може да предизвика цел репертоар социо-психолошки реакции на публиката.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција