Новите санкции на САД резултираа со забрана за плаќање со Виза картичките на бензинските на „Лукоил“

Бензинска пумпа „Лукоил“ - с. Лешок Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Новиот бран санкции врз двата гиганта на руската нафтена индустрија – „Лукоил“ и „Роснефт“ – се одразува и на мрежата на бензински станици на „Лукоил“ во земјата. Забрането е плаќање со Виза картичките, а можно е истото да биде и со Мастеркард

Новиот бран санкции врз двата гиганта на руската нафтена индустрија – „Лукоил“ и „Роснефт“ – се одразува и на мрежата на бензински станици на „Лукоил“ во земјата. Забрането е плаќање со Виза картичките, а можно е истото да биде и со Мастеркард

 

Веќе неколку дена е забрането плаќање со Виза платежните картички на мрежата бензински пумпи на „Лукоил“ во С. Македонија. Следејќи ја ситуацијата во соседна Србија, овие рестрикции на плаќања со платежните картички најверојатно ќе бидат проширени и на Мастеркард картичките. Но, плаќања сѐ уште ќе може да се вршат со готовина.

Причините зошто има вакви ограничувања во ланецот на бензинските на „Лукоил“, не само во државата туку секаде низ Европа, е заради новиот бран на американските санкции врз руската нафтена индустрија. Поточно санкциите директно ги таргетираат двете најголеми нафтени компании –Лукоил“ и „Роснефт“. Санкциите, поставени од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД, ефикасно ги ставаат двата најголеми руски производители на нафта на црна листа. Целта на овие санкции е да извршат притисок на Москва да ја прекине војната во Украина. 

Во изјава за ТВ 24, од нашата Влада велат дека не очекуваат овие санкции да имаат влијание врз снабдуавањето со нафтените деривати. Но, глобално како што посочуваат, може да имаат секундарен ефект, односно се очекува пораст на берзанските цени.

 

Што се случува со „Лукоил“?

Од „Лукоил“ соопштија дека ја прифатиле понудата на „Гунвор груп“ (Gunvor Group) за купување на меѓународна подружница „Лукоил Интернешнл“, односно нивните странски средства како производството, рафинериите, бензинските станици и останати трговски активности. Групацијата „Гунвор“ е мултинационална компанија со седиште во Кипар и е основана во 2000 г. од рускиот олигарх Генади Тимченко (близок до рускиот претседател Владимир Путин) во партнерство со шведскиот милијардер Торбјерн Торнквист, кој е и извршен директор на компанијата. Таа е четвртиот најголем трговец со сурова нафта на светот.

Торнквист изјави дека договорот за преземање на меѓународното портфолио на рускиот производител на нафта „Лукоил“ претставува „целосно одвојување“. Како што пренесуваат од Блумберг, Торнквист верува дека сите грижи околу продолженото руско влијание врз портфолиото на Гунвор ќе бидат надминати, и ја исклучи можност средствата повторно да бидат продадени назад доколку санкциите кон руската компанија евентуално бидат укинати.

Според официјалното соопштение на „Лукоил“, клучните услови на трансакцијата веќе се договорени, вклучувајќи и добивање дозвола од OFAC од страна на купувачот и обврзување на „Лукоил“ не преговара со други потенцијални купувачи.

Бидејќи „Лукоил“ ја поседува најголемата балканска нафтена рафинерија „Лукоил Нефтохим“ во Бургас, Бугарија и рафинеријата „Петротел“ во Романија, а ги снабдува со нафта Словачка, Унгарија и турската рафинерија „СТАР“, се очекува санкциите да имаат силно влијание и во регионот.

Во меѓувреме, од Софија ја разгледуваат можноста за поднесување на барање за исклучок од новите санкции на САД, пишува Политико, бидејќи се плашат дека мерките ќе предизвикаат сериозен недостиг на гориво и популистичка реакција низ целата земја.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција