Новите униформи за Армијата, помешани со старите дискурси за името

Пишува: Мирослава Бурнс

Рецензираме текст проблематичен уште во насловот кој гласи ,,Откако со Заев го смени името на АРМ, Шеќеринска до војниците: Да ја носите оваа униформа со чест и достоинство”.
Еден навидум протоколарен настан, за опремување на Армијата со нови униформи, во овој медиумски производ е искористен да се нападне министерката за одбрана Радмила Шеќеринска за името. Поради временскиот период во кој ова се прави, несомнено е дека ова е во функција на предизборната кампања. Насловот е тенденциозен и сугерира дека честа и достоинството на војниците имаат некаква врска со името на АРМ кое сега гласи Армија на Република Северна Македонија согласно Преспанскиот договор.
Веста и коментарот како два различни новинарски жанрови не се раздвоени, па во повеќе наврати може да се забележат коментаторски елементи.
Во дури пет наврати се споменуваат следните коментаторски квалификации: дека Радмила Шеќеринска ,,гордо учествувала во смената на името на АРМ”, ,,во нејзино време АРМ замина во историјата”, ,,не ја спомена Македонија ниту новосклопеното име на државата со зборот на буквата С”, ,,чие име оваа влада со новиот закон за одбрана го смени само зашто содржеше Македонија во себе”, ,,армијата која пред неа гордо го носеше името АРМ”.
Со тоа, членот 13 од Кодексот на новинарите кој налага новинарот да прави разлика меѓу веста и коментарот, фактите и мислењата е прекршен.
Исто така, се покажува ,,навивачки тон” за телевизиски дуел во кој што Шеќеринска учествувала претходниот ден, во кој што се фаворизира нејзиниот опонент во дуелот, Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ. Ова се прави, на начин што дуелот за Шеќеринска, медиумот го нарекува ,,неуспешен”. За успешноста на дуелот одлучува публиката.
Ова е на само еден ден од неуспешниот дуел со Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, по кој видно вонемирената Шеќеринска, откако и падна маската на земја, ја подигна од подот и повторно си ја стави на лице, реакција која предизвика вистинска бура на социјалните мрежи.
Настанот за новите униформи на армијата, воопшто нема никаква врска со името на државата – политички тон кој се провејува низ целиот дискурс.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција