Ново манипулирано видео од Макрон циркулира во регионот

Фото: President.gov.ua, CC BY 4.0

Нов бран на манипулирана содржина со ВИ се шири низ регионот и Европа, кадешто се прикажува францускиот претседател Емануел Макрон како наводно се бакнува со маж. Оригиналната фотографија потекнува од таблоидот Voici и оттаму се презема и се креира лажното видео, што потоа се шири низ повеќе социјални медиуми и платформи и во еден куп држави

Нов бран на манипулирана содржина со ВИ се шири низ регионот и Европа, кадешто се прикажува францускиот претседател Емануел Макрон како наводно се бакнува со маж. Оригиналната фотографија потекнува од таблоидот Voici и оттаму се презема и се креира лажното видео, што потоа се шири низ повеќе социјални медиуми и платформи и во еден куп држави 

 

Во регионот повторно се шири видео од францускиот претседател Емануел Макрон, манипулирано со алатки засновани на вештачка интелигенција (ВИ), при што тој е прикажан како наводно бакнува маж за време на неговиот летен одмор.

Основните факти се следните. Францускиот претседател и неговата сопруга на 28 јули отпатувале на летување во Форт де Брегансон на француската ривиера. Неколку дена подоцна фанцускиот таблоид Voici објави слики од Макрон како се забавува на јахта во краток шорц за капење со уште неколку луѓе. Овие слики станаа дотолку вирални што беа искористени да се генерира лажно видео со помош на ВИ, каде што се прикажува претседателот како се бакнува со друго маж.

Фото: колаж, преземени слики од таблоидот Voici

Oва видео, како и содржините и објавите со истото, ги имаат проверено колегите проверувачи на факти од Хрватска, Црна Гора и Босна и Херзеговина, Бугарија, Грција, Грузија, Франција, Португалија, Турција. Дополнително, овие лажни слики и видеа може да се најдат на повеќе социјлни мрежи и платформи: Фејсбук, Тредс, Х (поранешен Твитер) и (целосното манипулирано видео на) Јутуб.

Во анализата на британската компанија за борба против дезинформации Лоџикали Фактс (Logically Facts), пишуваат дека иако не се знае точно кој го објавил иницијалното видео, првата вирална објава со видеото е на платформата Х. Без разлика што објавата има „белешка од заедницата“ (community note) каде се нотира дека објавата е направена со алатки базирани на ВИ и проверена од повеќе европски редакции кои велат дека видеото е манипулирано, објавата бележи над 6 милиони прегледи.

Фото: пропусти во манипулираното видео, принтскрин

Според Лоџикали Фактс, еден од елементите од видеото што ја издаваат „вистинитоста“ е раката на мажот кој наводно го бакнува Макрон, таа делува како во еден момент да минува низ телото на претседателот, а зглобот подоцна целосно исчезнува. Други индиции се неприродното движење на стомачните мускули и чудното искривување на лицето на Макрон пред „бакнежот“. А, исто така може да се забележи дека позадината не соодветствува со статичноста на камерата со која се прави снимката.

Критика на политичари и нивните политики е секогаш валидно користење на слободата на говор. Но, целта на ваквите објави е да се омаловажи лицето и да се поткопа неговиот углед и достоинство. Во таа смисла во објави на социјалните мрежи, се „докажува“ неоснованото тврдење дека Макрон крие дека е хомосексуалец, а тие наводно, го фаќаат „на дело“. Ефектот од овие објави е што и покрај доказите дека видеото е сосема лажно, луѓе сепак го користат како потврда на „тајната сексуалната ориентација“ на Макрон, гледајќи на тоа како нешто лошо, ем затоа што тој криел својот идентитет, ем затоа што е нетрадиционална хетеросексуална врска. Пример за ова се следните коментарите на Х најдени под објавата на лажното видео:  

ПреводТоа е лажно видео, но тоа не значи дека Макрон не е геј.

Не е прв, а (најверојатно) ни последен пат

Макрон е често мета на вакви хомофобични напади и Вистиномер има рецензирано повеќе слични вакви објави во минатото. На пример, циркулираше фотошопирана слика со него и канадскиот премиер Џастин Трудо како си ги допираат главите, лажирана слика од Макрон и украинскиот претседател Володомир Зеленски како се бакнуваат. Но, рецензиравме објави и содржини со кои се исмева неговата машкост така што го прикажуват во розови пижами или како танцува во диско клуб. Вакви напади имаше уште за време на претседателската трка во 2017 кога портали во сопственост на Русија почнаа да ги шират овие лаги, како што пренесува англискиот Би-Би-Си. 

Уште од самиот почеток на претседателска кампања и следствен мандат на Макрон, како неисцрпен извор за потсмев и ширење лаги беше и првата дама на франција Брижит Макрон. Бидејќи таа му била поранешна наставничка на претседателот и е воедно 20 години постара од него, оваа нетипична релација, како што пишуваше уште тогаш во англискиот Гардиајн, докажува една работа: ендемијата на ејџизам и сексизам опстојува. Во една теорија на заговор се тврди дека Брижит е всушност трансродово лице, теза што доби огромно внимание откако американски политички коментатори почаа да ја шират.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција