Новопредложениот министер за земјоделие не е дефектолог
Борче Серафимовски, предложен од ЗНАМ при реконструкцијата на Владата за нов министер за земјоделие, е дипломиран дефендолог, а не дипломиран дефектолог.
Борче Серафимовски, предложен од ЗНАМ при реконструкцијата на Владата за нов министер за земјоделие, е дипломиран дефендолог, а не дипломиран дефектолог
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Новиот министер за Земјоделие бил ДЕФЕКТОЛОГ ! Значи, тамам му е погоден ресорот !
Не е точно дека новиот избор за министер за земјоделие, предложен од ЗНАМ при реконструкцијата на владата е дефектолог. Како што соопшти претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, на министерската позиција во Министерството за земјоделство, ќе биде предложен Борче Серафимовски, кој е актуелен државен секретар во ова министерство.
Серафимовски пак, како што е видливо од неговата биографија не е дефектолог како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.
Биографијата на Борче Серафимовски во делот за неговото образование открива дека тоа нема никаква поврзаност со медицината и дефектологијата, туку е поврзано со Филозофскиот факултет и Институтот за одбранбени и мировни студии.
Серафимовски е дипломиран дефендолог, а не дипломиран дефектолог.
Како што е наведено на страницата на Институтот, во 2002 година Институтот за одбрана се преименува во Институт за одбранбени и мировни студии со дефинирани и верификувани студиски програми на европско и светско ниво.
Во учебната 2009/2010 година на Институтот за одбранбени и мировни студии стартуваше и новата студиска програма за прв циклус на студии за насоката безбедност со што Институтот ја комплетираше својата комплексна дејност во трите значајни научни сфери – безбедност, одбрана и мировни студии. Новата трансформација неминовно ја наметна потребата за промена на називот на Институтот во Институт за безбедност, одбрана и мир, пишува на страницата на високообразовната установа.
Дипломираните студенти на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Скопје, својот професионален ангажман го остваруваат во сите институции на извршната и на судската власт на Републиката на централно и на локално ниво – нивниот ангажман првенствено се остварува во Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, во АРМ, Агенција за разузнавање, Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во Царината, на сите нивоа на образовниот процес, како и во останатите структури на владиниот и невладиниот сектор во државата.
Некои од дипломираните студенти на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Скопје активо се вклучени во определени мисии на меѓународните организации во земјата и во странство. Институтот за безбедност, одбрана и мир остварува плодна меѓународна соработка со голем број престижни институти, факултети и воени академии – членки на меѓународниот Конзорциум од оваа сфера. Исто така, значајна е и сорабоката со разни тела и органи на НАТО, ЕУ, ОБСЕ и други меѓународно и европски безбедносни организации и институции.
Како што дополнително може да се види од биографијата на Серафимовски, тој дипломирал и бизнис менаџмент на Варненски Слободен Универзитет “Црноризец Храбар” Варна, Бугарија. Станал магистер по меѓународни односи на Југозападен Универзитет “Неофит Рилски” Благоевград, Бугарија, и докторант по организациски науки на Великотрновски Универзитет “Св.Св.Кирил и Методиј” Велико Трново, Бугарија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар