Новороденчињата во Општина Аеродром не ја добиваат ветената еднократна помош од 20.000 денари

Фото: Kimberly Vardeman, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Тимчо Муцунски како кандидат за градоначалник на општина Аеродром на локалните избори во 2021 година, меѓу останатите ветувања, гарантираше и зголемување на еднократната парична помош на секое новороденче во општина Аеродром на 20.000 денари. Од јуни минатата година Муцунски е министер за надворешни работи и надворешна трговија во владата на Христијан Мицкоски, но за време на неговото раководење со општина Аеродром, како и во тековниот мандат на вршителот на должноста градоначалник Дејан Митески, не е реализирано посоченото ветување, иако рокот за неговото остварување беше до 2022 година.

Тимчо Муцунски како кандидат за градоначалник на општина Аеродром на локалните избори во 2021 година, меѓу останатите ветувања, гарантираше и зголемување на еднократната парична помош на секое новороденче во општина Аеродром на 20.000 денари. Од јуни минатата година Муцунски е министер за надворешни работи и надворешна трговија во Владата предводена од Христијан Мицкоски, но за време на неговото раководење со општина Аеродром, како и во тековниот мандат на вршителот на должноста градоначалник Дејан Митески, не е реализирано посоченото ветување, иако рокот за неговото остварување беше до 2022 година

 

 

Во предизборната програма за локалните избори за градоначалници на општини што се одржаа на 17 октомври 2021 година, кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Тимчо Муцунски, меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“, на жителите им гарантираше дека ќе се залага за унапредување на социјалните услуги за семејствата и посебно поддршката на самохраните родители, жените и децата, па во програмскиот дел насловен „Грижа за сите од 1 до 101 – Здравствена заштита и грижа за социјално ранливи категории“, најави зголемување на еднократната помош на секое новороденче.

Ветување: Еднократната парична помош на секое новороденче во општина Аеродром ја зголемуваме на 20.000 денари. Ова претставува симболична поддршка од страна на општината во моментите на најголема среќа за секое семејство. Рок: 2022 година.

[Извор: Платформа „Гарантираме за Аеродром – Создади нова иднина“; датум: 17.10.2021]

 

Образложение:

На изборите за градоначалник на Аеродром (17 октомври 2021 г.) Тимчо Муцунски победи во првиот круг и беше на чело на општината до составувањето на новото владино мнозинство по спроведените парламентарните избори на 8 мај 2024. Неговиот избор за министер за надворешни работи и надворешна трговија во Владата предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, се случи на изгласувањето на Владата конституирана на 23.06.2024 година.

На 28.6.2024 година претседателот на Советот на Општина Аеродром, Дејан Митески официјално ја презеде функцијата заменик-градоначалник од Муцунски, додека на 15.7.2024 година на седница на Совет беше избран за вршител на должноста градоначалник на Општина Аеродром.

Муцунски беше градоначалник на Општина Аеродром во период од две години и осум месеци, во кој спаѓа и рокот (2022 година) што го вети за исполнување на предизборната најава за зголемување на еднократната парична помош за секое новороденче од дотогашните 8.000 денари на 20.000 денари. Сепак, до денес (31.01.2025) покачувањето на еднократната помош за новороденче, ветено во предизборната  платформата под главното мото „Гарантираме – Создади нова иднина“, не се оствари.

Мета.мк пред една година направи анализа на оствареното од предизборните ветувања на градоначалниците, точно на половина од нивните мандати, при што констатираше дека многу ветувања сè уште стојат во фиоките на градоначалниците. Тој период го опфаќа и управувањето со општинските политики на Муцунски како градоначалник, пред неговиот избор за министер.

Општина Аеродром на официјалниот сајт на 29.01.2025 објави дека и годинава доделува еднократна парична помош во висина од 8.000 денари за секое новороденче. Предлог-одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Аеродром  во 2025 година, беше на дневен ред на 52. седница на Советот на Општина Аеродром што се одржа на 27 јануари. 

Деновиве (30 јануари) опозициската СДСМ реагираше поради тоа што помошта за новороденче остана непроменета – 8.000 денари.

Советот на Општина Аеродром одлучи да не го зголеми износот на еднократната парична помош за новороденче на својата последна седница која се одржа неделава.

Во 2021 година Тимчо Муцунски заедно со Дејан Митески и ВМРО-ДПМНЕ излажаа дека ќе ја зголемат од 8.000 на 20.000 денари. Последната одлука на Советот на Општина Аеродром е само потврда дека до крајот на 2025 година еднократната парична помош останува со непроменет износ од 8.000 денари, се наведува меѓу другото во соопштението на СДСМ.

Во него социјалдемократите посочуваат и тоа дека:

Еднократна парична помош за новороденче во Општина Аеродром се доделува повеќе од 12 години на семејствата кои имаат новороденче, како симболична помош во моментите на нивната најголема среќа. Последното и единствено зголемување на помошта за новороденче во Аеродром се случи во 2018 година, кога СДСМ ја зголеми оваа помош од 5.000 на 8.000 денари,

Набрзо по реакцијата на СДСМ се огласи и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, исто така преку соопштение за медиумите, во кое се вели дека „СДС со најмизерни зборови ги напаѓаат Муцунски и Митески, Општина Аеродром посветено работи на подобрување на условите во кои растат и се развиваат децата“:

Семејствата со новороденче добиваат по 8 000 денари еднократна парична помош, за секое прваче се извојуваат по 3 500 денари, а на сите четвртоодделенци им се доделуваат таблети за полесно совладување на материјата и технологијата. За првпат по долги години во Општина Аеродром истовремено се градат детска градинка и основно училиште, што се два капитални проекти, а се работи и на проекти за изградба на нови градинки, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ не се спомнува зошто во Општина Аеродром не е исполнето предизборното ветување за зголемување на еднократната парична помош за секое новороденче од 8.000 на 20.000 денари, што го гарантираше Тимчо Муцунски како кандидат за градоначалник на општина Аеродром на локалните избори во 2021 година.

Иако од јуни минатата година Муцунски е министер за надворешни работи и надворешна трговија во Владата, за време на неговото раководење со Општина Аеродром, како и во тековниот мандат на вршителот на должноста градоначалник Дејан Митески, не е реализирано посоченото ветување, а рокот за неговото остварување беше до 2022 година

 

 

Оцени: Стојан Синадинов

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција