Новото училиште „Св. Климент Охридски“ во Драчево е во тек на изградба
Проверката на факти покажа дека изградбата на ОУ Климент Охридски во с. Драчево во Општина Кисела Вода, ветена во предизборната програма на градоначалникот Орце Ѓеоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ, е започната во јуни 2024 и е во напредна фаза на реализација
Проверката на факти покажа дека изградбата на ОУ Климент Охридски во с. Драчево во Општина Кисела Вода, ветена во предизборната програма на градоначалникот Орце Ѓеоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ, е започната во јуни 2024 и е во напредна фаза на реализација
Во предизборната програма на градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓеоргиевски од 2021 година беше наведено и изградба на сосема ново основно училиште во Драчево, а по проверката на фактите реализацијата е во тек:
Ветување: ООУ „Св. Климент Охридски“ во с. Драчево е целосно девастирано со нарушена статика и го доведува во прашање образовниот процес, како и животот и здравјето на децата и сите вработени во училиштето. Веднаш по стапување на должноста ќе се подготви целокупната градежна документација за изградба на ново училиште. Со проектната документација ќе се бара негова изградба од Министерството за образование и наука и, доколку одбие, ќе се бараат средства од домашни и меѓународни донатори кои заедно со средства од Општината ќе овозможат изградба на ново основно училиште. Постојниот објект ќе биде претворен во креативно-едукативен центар.
[Извор: Предизборна програма на Орце Ѓеоргиевски за К. Вода – Ново училиште, стр.12; Датум– октомври 2021 год.]
Образложение:
Предизборните ветувања околу инфраструктурата во образованието заземаат голем дел од ветувањата на тогашниот кандидат за градоначалник Орце Ѓеоргивески, вклучувајќи и изградба на целосно новa зграда на основно училиште во с. Драчево, дел од Општина Кисела Вода.
Проверката на фактите околу ова ветување започна со проверка на Отчетот на градоначалникот за периодот 2021-2023 и 2021-2024, кои уредно, заедно со Програмата се достапни на веб-страницата на Општината. Дека ветувањето е во тек може да се види најпрво во Отчетот 2021-2024, каде што под 2024 година, на стр. 40 пишува:
После 100 години Драчево добива ново училиште. Новиот објект, ќе обезбеди просторна функционалност од околу 3.600 квадратни метри. На приземјето и двата ката ќе бидат распоредени 19 училници и 7 кабинети, со модерен хол, трпезарија со кујна, канцеларии, подрумски и сите други неопходни простории.
Активностите за реализација на ветувањето започнале во февруари 2024 година со најавата дека наскоро започнува изградбата на училиштето. При крајот на јуни 2024 година може да се најдат медиумските објави дека се поставува камен-темелникот на објектот, дека инвестицијата е вредна 1,5 милиони евра, дека ќе се обезбеди простор од 19 училници во кои ќе учат околу 500-титни ученици.
Истиот ден објава на својата веб-страница имаше и Министерството за образование, бидејќи и министерката Весна Јаневска била присутна на манифестацијата на започнување на изградбата. Од објавата може да се дознае дека изградбата треба да трае две години, значи би завршила јуни 2026 година.
Последна информација што можеше да се пронајде е на веб-страницата на Општина Кисела Вода од декември 2024 година и вест за изјава на градоначалникот Ѓеоргиевски кој присуствувал на одбележувањето на 100-те години од постоењето на старата зграда на училиштето, при што се наведува дека изградбата е во напредната фаза:
Изградбата на новиот современ училишен објект е во напредна фаза и ќе значи најдобри можности за раст и развој за сегашната и сите идни генерации…Со простор од 3600 квадратни метри, со 19 училници, 7 кабинети, и сите други неопходни простории, ова ќе биде најсовремено училиште кое ќе ги задоволи сите потреби на новите генерации ученици, изјавил Ѓеоргиевски.
Од погоре наведените аргументи може да се оцени дека ветувањето за изградба на сосема нова училишна зграда на Основното училиште Св. Климент Охридски во с. Драчево е во тек на реализација.
Извори:
- (2021 г.) Гарантираме за Кисела Вода – Орце Ѓеоргиевски – Ново училиште, стр.12 – [Проверено на 03.03.2025]
- (2021-2024) Веб на О. Кисела Вода – Отчет – [Проверено на 03.03.2025]
- (2024) МИА.мк – Почеток на изградба на училиште…– [Проверено на 03.03.2025]
- (2024) МОН – Поставен камен темелник …– [Проверено на 03.03.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар