Објава на Фејсбук отворено заговара неносење заштитни маски

Фото: Принтскрин

На социјалната мрежа „Фејсбук“ се шири објава којашто се залага за неносење заштитни маски и отворено заговара непочитување на мерките за заштита од коронавирусот, кои ги донесоа здравствените власти во земјава, а, исто така, е во спротивност и со препораките на Светската здравствена организација (СЗО)

 

На социјалната мрежа „Фејсбук“ се шири објава којашто се залага за неносење заштитни маски и отворено заговара непочитување на мерките за заштита од коронавирусот, кои ги донесоа здравствените власти во земјава, а, исто така, е во спротивност и со препораките на Светската здравствена организација (СЗО).

Станува збор за монтирана фотографија од два дела, при што на првиот е прикажана девојка со избезумен лик која носи маска, а на самата илустрација пишува: „Мојата маска те штити тебе, твојата маска ме штити мене“. На вториот дел од фотографијата се гледа машки лик со порака која има и вулгарен тон:

Тоа го**о не штити ни од прашина камо ли од вируси, и твоите господари го користат како психолошко оружје за да дознаат колкав дел од населението безпоговорно слуша наредби

И наспроти тоа што го сугерира оваа недолична содржина, која во моментот кога е пишуван текстот е споделена 139 пати, Владата на Република Северна Македонија уште на крајот на април донесе Уредба за задолжително носење лична заштита – маска, марама шал, на јавни места од отворен и затворен тип. Обврската за задолжително носење заштитни маски во сите јавни затворени простори какви што се: средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори, каде што нема можност за одржување дистанца од два метра, како што се: пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично, стапи на сила од први мај. Оттогаш за непочитувње на оваа мерка се изрекуваат казни во висина на 20 евра за македонски и за странски државјани.

Во изминатиот период на официјалната Фејсбук страница на министерот за здравство, Венко Филипче, постојано има објави во кои здравтвени работници апелираат да се носат заштитни маски.

Исто така, Светската здравствена организација (СЗО), која во почетокот на пандемијата препорачуваше дека маска не треба да носат здравите луѓе, туку само оние кои се болни и имаат симптоми, како и здравствените работници и оние кои се грижат за лица заразени со коронавирусот, во јуни го промени своето мислење за заштитните маски и соопшти дека тие треба да се носат во јавност за да се спречи ширењето на коронавирусот.

СЗО ги прошири своите препораки за користење маски и кажа дека на места каде вирусот може да се шири меѓу луѓето треба да се носат маски кога социјалната дистанца  е невозможна, како во јавен транспорт или продавници.

Во врска со ова генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус, изјави дека:

 Со оглед на новите докази, СЗО советува владите да ја охрабрат општата јавност да носи маски таму каде што има широко распространето пренесување и физичкото дистанцирање е тешко, како на пример во јавниот превоз, во продавници или во други ограничени или преполни средини.

Според Мариа Ван Керков од СЗО, организацијата ги донела дополнителните препораки по новите истражувања кои ги спровеле. Една од главните причини за новите насоки на СЗО се растечките докази дека коронавирусот се шири меѓу луѓето пред тие да развијат каков било симптом.

Ги советуваме владите да ја охрабрат јавноста да се носат маски. И тоа маска од ткаенина, односно немедицинска маска. Имаме нови истражувачки сознанија. Сега имаме докази дека ако се користи правилно, маската може да обезбеди бариера (…) за потенцијално заразните капки, смета експертот за Ковид-19 во СЗО, Марија Ван Керков.

За жал, спротивно на ваквите ставови, овој пост на Фејсбук ја манипулира и дезинформира јавноста околу важноста на заштитните маски во спречувањето на ширењето на Ковид-19 и сугерира да не се носат маски. А,со оглед на тоа колку брзо објавата се шири на социјалната мрежа, несомнено дека може да направи огромна штета.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција

2 Реакции
  1. Vlado :

    Производителите на маски на самите пакувања пишуваат дека не штита од Covid 19 за да не плаќаат обештетувања..што не ви е јасно со визирот има поголема заштита…

    1. Владимир Петрески :

      Почитувани,
      Само затоа што некој производител на заштитни маски решил да преземе чекор со цел да си ги подобри сопствените шанси при евентуална тужба во иднина не значи дека маските не пружаат никаква заштита. Со оглед на фактот што нивната употреба е толку многу раширена, дури и да се целосно ефикасни, не е невозможно некој и покрај тоа да поднесе тужба во надеж дека ќе се збогати. Но, тоа е е главното прашање. Тоа дали и колку маските штитат или не штитат е стручно, а не политичко прашање. И при евентуален судски спор на оваа тема, главен збор ќе го имаат експертските сведоци. Она што е важно за нас е фактот што сите стручни институции и кај нас (Институт за јавно здравје, Комисијата за заштита од заразни боолести) и во светот (Светската здравствена организација, Европскиот Центар за превензија и контрола на болести, Центарот за контрола и превенција на болести од САД) велат дека носењето на заштитни маски е корсно и помага во спречувањето на ширењето на заразата.