Обезбедени доволно пари за превенција и борба против ХИВ и Сида
Важноста на ова ветување во делот на превенцијата и лекувањето од ХИВ и Сида е мошне голема, бидејќи Република Македонија од минатата година беше оставена без донации од странство и требаше сама да ги покрие трошоците за оваа намена. До крајот на 2016 година заврши поддршката што Македонија ја добиваше цели 14 години од Глобалниот фонд за борба против ХИВ, при што секоја година добиваше значителни финансиски средства, кои требаше да се комбинираат со средставата од Буџетот на РМ. (За 14 години фондот за оваа намена во Македонија изнесувал 34 милиони евра, при што значителен број од овие средства биле донации од Глобалниот фонд)
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), во предизборната програма „План за живот во Македонија“ го има дадено следното ветување што го оценуваме како исполнето во делот на превенцијата и лекувањето од ХИВ:
Ветување: Обезбедување на финансиски средства и соодветен простор за здруженијата на граѓани од областа на здравствената заштита, како и на клубовите и здруженија на болни (шеќерна болест, хемодијализа, хипертензија, карцином на дојка, ХИВ инфекција)… При изборот на лекови и распишувањето на тендер за истите во телата ќе учествуваат и претставници од соодветните здруженија. На тој начин државата ќе биде контролирана токму од крајните корисници и ќе се обезбеди избор на квалитетни лекови и лекарски помагала, по најдобра можна цена.
[Извор: СДСМ- План за живот во Македонија, датум: крај на 2016 г.]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ова ветување на СДСМ е дадено во програмата за предвремените парламентарни избори во 2016 година на стр.141, во делот здравствена заштита. Истото подоцна е влезено во Програмата за работата на Владата на РМ во периодот 2017-2020 година на стр.35.
Важноста на ова ветување во делот на превенцијата и лекувањето од ХИВ и Сида е мошне голема, бидејќи Република Македонија од минатата година беше оставена без донации од странство и требаше сама да ги покрие трошоците за оваа намена. До крајот на 2016 година заврши поддршката што Македонија ја добиваше цели 14 години од Глобалниот фонд за борба против ХИВ, при што секоја година добиваше значителни финансиски средства, кои требаше да се комбинираат со средставата од Буџетот на РМ. (За 14 години фондот за оваа намена во Македонија изнесувал 34 милиони евра, при што значителен број од овие средства биле донации од Глобалниот фонд).
На овој проблем уште во 2016 година укажуваа невладините организации кои делуваат во оваа област – превенција и заштита од ХИВ. Тие, при крајот на 2016 алармираа дека тогашната Влада издвоила и испланирала во Буџетот на РМ за 2017 година значително помалку средства од неопходните. Во проверка на вистинитоста на тврдењето на тогашните официјални лица дека средствата се доволно и дека се издвоени дури и повеќе, „Вистинимер“ оцени дека станува збор за невистина, зашто вкупните средства за превенција и за лекови во испланираниот буџет за ХИВ изнесуваа само 27 милиони денари, додека другите 25 милиони беа за спроведување на Програмата за здравствена заштита за лица со болести од зависности.
На Министерскиот состанок на земјите од Југоисточна Европа на тема: „Одржлив одоговр за ХИВ и туберкулоза“, што започна на 07.05.2018 во Скопје, ресорниот министер за здравство на РМ, Венко Филипче, ја информираше јавноста дека Македонија во 2018 година, во целост ќе може да одговори на потребите за превенција и лекување од ХИВ, зашто во буџетот се испланирани 95 милиони денари за оваа намена или околу 1,5 милиони евра, плус 30-тина милиони за туберкулоза:
На предлог на Владата, Собранието на Република Македонија усвои буџет од 95 милиони денари (1,5 милиони евра) за програмата за превенција, третман, грижа и поддршка за ХИВ и 30 милиони денари (половина милион евра) за програмата за контрола на туберкулозата во Република Македонија. Исто така, на почетокот на годинава е објавен втор оглас за граѓанските организации, а договорите беа потпишани во февруари, со вкупно 15 организации, кои ги имплементираат превентивните активности кај клучните популации за ХИВ…
…Во партнерство со граѓанскиот сектор и претставниците на заедниците, во текот на оваа година работиме на изнаоѓање долготраен и одржлив механизам за финансирање на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза. Со тоа ќе воспоставиме институционална рамка и ќе гарантираме финансиска одржливост во иднина, за да одговориме на предизвикот за одржување ниска стапка на ХИВ и на туберкулозата – изјави Филипче, кој додаде дека државата обезбедила во тие рамки и доволно пари за продолжување на набавката на антиретровирусна терапија, и за имплементација на новите политики за програмите за превенција.
Речиси истата содржина ја повтори и премиерот Зоран Заев на 09.05.2018 година на завршниот состанок на Одборот на Глобалниот фонд за превенција и борба против Сидата.
Задоволство изрази и директорот на Глобалниот фонд, Питер Сандс, кој изјави дека состанокот на Одборот бил закажан во Скопје, токму бидејќи Фондот ја потенцира Македонија во ЈиЕ како добар пример, особено во тоа што Владата ја дава важноста на превенцијата и ги рапсределува парите со невладините организации кои делуваат на ова поле.
Поради погоре изложените факти може да се оцени дека ветувањето на СДСМ дадено во предизборната програма на крајот од 2016 година за превенција и лекување на ретките боолести, во делот на превенција и лекување на ХИВ, како и за соработката со невладиниот сектор во овој дел – е реализирано, т.е исполнето.
ИЗВОРИ:
- СДСМ – План за живот во Македонија – [проверено на 09.05.2018]
- Влада на РМ – Програма за работата на Владата 2017-2020 – [проверено на 09.05.2018]
- Влада на РМ – Веб сајт, Медиа центар – [проверено на 09.05.2018]
- А1 ОН – Отворен 39. состанок на Одборот на Глобалниот фонд…– [проверено на 09.05.2018]
- Плус Инфо – Заев:Ќе обезбедиме средина која… – [проверено на 09.05.2018]
Оцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар