Обезбедени средства за изградба на поликлиника во Бутел, се чека измена на ДУП-от

Фото: Принтскрин Слободна ТВ

 

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на поликлиника во Општина Бутел

[Извор: Изборна програма на Велимир Смилевски, градоначалник на Општина Бутел, стр.15: Рок: 2020 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, за изградба на поликлиника е во тек на реализација. Постапката за овој проект е започната – Владата веќе дала согласност за  поликлиниката, средтсвата за нејзината изградба се обезбедени и се чека измена на Деталниот урбанистички план (ДУП) за да може Општината да издаде одобрение за градба и да стартуваат работите.

Овој проект, инаку,  е дел од предизборната програма на Смилевски „Живот во Бутел! За сите!“, објавена пред локалните избори во 2017 година. Во програмата е наведено дека во интерес на превенција и заштита на здравјето на граѓаните, на територијата на општината има само еден објект кој е изграден во 1963 година, а кој работи само со двајца матични доктори.

Имаме три рурални средини каде нема амбуланти, а постојат услови за нивно отворање. Согледувајќи го сево ова произлегува дека идната општинска власт ќе мора да иницира соработка со Министерството за здравство изградба на поликлиника на територија на општина Бутел. Изградбата на поликлиниката е од витално значење на граѓаните од општината. Со самата изградба на објектот граѓаните ќе заштедат на време и ресурси, а здравствените услуги ќе бидат подостапни за нив, се вели во предизборната програма на Смилевски.

Ветувањето за изградба на поликлиника, Смилевски го најави и во текот на предизборната кампања, на 27.10.2017 година.

Кандидатот за градоначалник на општина Бутел од СДСМ, Велимир Смилевски, вети изградба на поликлиника во општината ако ја добие довербата на граѓаните на изборите што ќе се одржат следната недела, информира Макфакс.

На 28.01.2020 година, Владата на седница донесе одлука за итна изградба на поликлиника во општина Бутел.

На денешната седница Владата го разгледа и прифати барањето за итна изградба на поликлиника во општина Бутел врз основа на позитивното мислење на Министерството за здравство, со оглед дека во планираната фискална 2020 година за оваа намена се предвидени средства во буџетот на Република Северна Македонија, јави А1 он.

На седницата Владата донела заклучок да ѝ препорача на Општина Бутел да го донесе деталниот урбанистички план за изградба на поликлиниката.

На 04.02.2020 година, Смилевски во изјава за Слободна ТВ потврди дека изградбата на поликлиниката целосно ќе биде финансирана од Владата.

Рокот за изградба се надевам ќе биде многу брз бидејќи средствата ги имаме. Општината има еден горлив проблем бидејќи на цела територија на општина Бутел во изминатиот период се нема нацртано ниту амбуланта ниту поликлиника. Во моментот работиме на тоа и за брзо време ќе дадеме одобрение за градба, изјави Смилевски.

„Вистиномер“ го праша градоначалникот Смилевски, до каде е донесувањето на деталниот урбанистички план за изградба на поликлиниката. Тој ни одговори дека поради вонредната состојба со коронакризата, сите активности на општинско ниво биле стопирани, но според новите насоки од Владата, набрзо ќе продолжат со вообичаените активности:

Од Владата добивме указ дека не можеме да работиме поради епидемијата од коронавирусот и досега имавме застој во работата. Но, завчера добивме нов указ, според кој може да продолжиме со активностите, така што во тек сме на подготовка на јавната анкета за поликлиниката. Ние во ДУП-от немаме исцртано амбуланта, но мислам дека нема да биде проблем неговото донесување, бидејќи не правиме ништо друго освен што блокот го делиме на два дела, ништо друго не чепкаме. Средставата за изградба се обезбедени, сега е само до нас да го донесеме ДУП-от и тоа брзо ќе биде – ни изјави градоначалникот на Бутел. 

Имајќи  предвид дека се прават активности во правец на реализација на ветениот проект на Смилевски, според методологијата на  „Вистиномер“,  ова негово изборно ветување добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција