Објава без аргументи обвинува за „инсталирана шарена револуција во Србија“

Нема докази за наведеното во објавата дека на Вучиќ му се прави „обоена револуција“ – а има многу показатели дека протестите се организирани поради внатрешни прашања и незадоволство на граѓаните на Србија. Медиумите од странство тоа го нотираат во своите извештаи и колумни, затоа што изминатиов месец протестите во Србија ескалираа поради судири со полицијата.

Нема докази за наведеното во објавата дека на Вучиќ му се прави „обоена револуција“, а има многу показатели дека протестите се организирани поради внатрешни прашања и незадоволство на граѓаните на Србија. Медиумите од странство тоа го нотираат во своите извештаи и колумни, затоа што изминатиов месец протестите во Србија ескалираа поради судири со полицијата. Инаку, руски официјални лица исто така, без докази, ја промовираат тезата „дека протестите во Србија можеби се дел од обид за обоена револуција“.

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува линк од видео на Јутјуб и пишува:

„Фајненшал Тајмс” рекол дека Вучиќ мора да си иде … И „Ле Монд” ….Ке дигнела ЕУ раце од него ….Ке се убиеш од зборење дека му прават “Обоена револуција” , а они ти викаат “Гледаш во Србија бојкотираат марќети , искачаат на улица ради сиромаштија … : ….Не почитувани пријатели , преку медиуми и аѓентури пробуваат да им насадат “Мјау – марионета” , и тоа ке го прават дур сте “магариња” … За да имаш држава , предуслов е да не си глуп …

Во склоп на објавата во видеото се коментира напис на Фајненшал тајмс со наслов „Време е да престанеме да му се додворуваме на авторитарниот претседател на Србија“. Написот претставува мислење (op-ed) на уредничкиот колегиум на Фајненшал тајмс, во кој се коментира најнапред дека општо, повеќето авторитарни лидери после повеќе од една деценија на власт се соочуваат со крстопатот дали да воведат реформи како што бара опозицијата или да ја интензивираат репресијата и да ги заземат остатоците од независните медиуми. Според уредничкиот коментар на „Фајненшал Тајмс“, се додава дека Александар Вучиќ го одбира второто.

Во прилогот на РТЛ пак, чие видео се споделува, се нотира тоа дека повеќе западни медиуми коментираат за автократско владеење на Вучиќ и зголемен интензитет на протестите во Србија кои се случуваат долго време, сè од падот на натстрешницата во Нови Сад на 1 ноември 2024 г.

Уредничките коментари и текстови во светските медиуми наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме не претставуваат „обид за насадување на мјау-марионета“. Странските медиуми не се оние што поставуваат власти во држави, туку се тие што следат известуваат за настани и пишуваат за ситуации кои веќе се случуваат на теренот. Конкретно, во Србија протести и отпор кон власта има со месеци, не само во Белград туку и во други градови, на универзитети, улици, булевари, постојано се случуваат блокади, судири меѓу демонстрантите и полицијата, а светските медиуми сето тоа го следат и за него известуваат. Тоа известување не претставува „агентура за насадување на мјау марионета“. Граѓаните на Србија се тие што протестираат и бараат справување со корупцијата и дел од нив бараат промена на власта. Медиумите од странство за тоа само известуваат. Оттаму е неосновано и невистинито дека „граѓаните (инаку илјадници на број) се магариња“ а странски агентури се обидуваат да им ја раководат државата.

Конкретно, антивладините демонстранти кои со месеци протестираат, бараат одговорност за смртта на 16-те загинати при падот на натстрешницата во Нови Сад. Критичарите на власта во Србија, тврдат дека еден од главните проблеми во земјата е нефункционирањето на институциите и за тоа ја обвинуваат партијата „Српска напредна странка“. Последниов месец зачестија демолирањата на партиските простории на СНС.

Демонстрантите во Србија бараат распишување на избори. Не постојат никакви докази дека некој во Србија „прави обоена револуција“, пропаганден наратив за да се дискредитираат и да му се припишат на невидлив надворешен непријател сите домашни тензии, протести и барања за промени и демонстрации во различни земји. Овие немири, потекнуваат од внатрешни барања за промени, демократизација, функционирање на институциите – односно потекнуваат од внатрешно незадоволство на дел од граѓаните. Таков е случајот со Србија каде може да се забележат илјадници собрани луѓе на улиците кои што се од хетерогена природа и протестираат со месеци. Овие луѓе се најразлични и по возраст, образование но со истото незадоволство и не може да се контролираат од еден центар, а најмалку надворешен.

Конкретната причина поради која настанаа протестите во Србија беше трагедијата со падот на натстрешницата која што многумина ѝ ја припишаа на корупцијата и негрижата во инфраструктурните проекти кои ги води државата. Студентското движење се фокусираше на барање да се распишат вонредни избори наместо редовните планирани за 2027 година. Покрај изборите, демонстрантите бараат изборни реформи – проверка на избирачките списоци, рамноправен пристап во медиумите на сите политички актери, мерки против купување гласови, реформа на образованието, законско признавање на студентските тела, осигурување на фер плата за сите работници. Иако Србија формално бара членство во Европската унија, а Вучиќ јавно заговара проевропски курс, неговите критичари му замеруваат на продлабочени врски со Русија и Кина, нешто што се споменува и во колумната од „Фајненшал Тајмс“.

Нема докази за наведеното во објавата дека на Вучиќ му се прави „обоена револуција“ – а има многу показатели дека протестите се организирани внатрешно поради внатрешни прашања и внатрешно незадоволство на граѓаните на Србија. Медиумите од странство тоа го нотираат во своите извештаи и колумни, затоа што изминатиов месец протестите во Србија ескалираа поради судири со полицијата. Исто како што ги бираат своите влади, граѓаните имаат и право да им укажат со демонстрации и протести дека нивните политики не им се допаѓаат. Инаку руски официјални лица исто така ја промовираат без докази тезата „дека протестите во Србија можеби се дел од обид за обоена револуција“.

Нема докази дека „некој од надвор сака да инсталира мјау-марионета во Србија“. Граѓаните со месеци бараат распишување на избори. Во Србија имаше и бојкот на маркетите поради незадоволство од високи цени на производите, но примарните барања од протестите не се само економијата, туку и справување со корупцијата, функционирање на институциите и демократизација. Вакви бојкоти на маркетите имаше и во други балкански држави.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција