Објава без докази ги поврзува вакцинацијата и „сатанистичкиот заговор“

Вакцина на „Фајзер“ Фото: U.S. Secretary of Defense, Public domain, via Wikimedia Commons

Централните тврдења во објавата за вакцините, наночиповите, бројот 666 и наводниот глобален план за депопулација не се поткрепени со никакви докази и се спротивни на достапните научни и официјални информации.

Централните тврдења за вакцините, наночиповите, бројот 666 и наводниот глобален план за депопулација не се поткрепени со никакви докази и се спротивни на достапните научни и официјални информации

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Глобалистите, масоните и екуменистите, слуги на Сатаната, се за вакцинирање на луѓето и децата и сакаат што поскоро да започнат трета светска војна за да убијат што е можно повеќе луѓе според нивните сатански желби.

Тие сакаат да создадат најголем геноцид врз луѓето и нивните души затоа што сакаат да убијат пет до шест милијарди луѓе и сакаат на секој човек да му го доделат името и бројот на Антихристот 666. преку електронски документи, пластични картички и да ги жигосаат луѓето преку лукава ласерска биометрија, дигитална лична карта и задолжителни вакцини со наночипови и да ги чипираат сите луѓе.

Тие сакаат да ја започнат третата светска војна за преку големо страдање нивниот лукав глобалистички и екуменистички бог на лаги, Антихрист, да ја преземе целата власт во светот, додека самиот Антихрист го смислил и го зготвил сето ова, но тој ќе се претстави како невин и добар, ќе каже насекаде преку глобалните медиуми дека е против војната, гладот ​​и немирите и ќе се преправа дека е голем миротворец и љубител на човештвото и противници на војните и за жал многу луѓе кои всушност сакаат рај на земјата, удобен и богат живот ќе му веруваат на лагите и на крајот ќе го прифатат како глобален владетел и дури тогаш, кога ќе ја добие власта во целиот свет, ќе го покаже своето ѓаволско лице и ќе започне страшен прогон против сите оние православни христијани кои не му се поклонија, туку го разоткрија пред сите, проповедајќи дека тој не е миротворец, бог и цар, туку дека е син на пропаста, црниот антихрист.

Објавата тврди дека „глобалистите, масоните и екуменистите“ се „слуги на Сатаната“, дека преку задолжителни вакцини со наночипови, дигитални лични карти и електронски документи сакаат да ги „чипираат“ луѓето, да им го доделат бројот 666 и да предизвикаат Трета светска војна со цел да уништат пет до шест милијарди луѓе.

Ниту едно од овие тврдења не е поткрепено со докази. Станува збор за комбинација од теории на заговор, религиозни толкувања и дезинформации кои со години циркулираат на интернет, а кои досега повеќепати биле демантирани од научни, здравствени и меѓународни институции.

Една од главните тврдења во објавата е дека задолжителните вакцини содржат „наночипови“ преку кои луѓето ќе бидат следени и контролирани.

Оваа теорија се појави за време на пандемијата на ковид-19 и беше предмет на бројни проверки на факти ширум светот.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) наведува дека вакцините против ковид-19 не содржат микрочипови, електронски уреди или технологии за следење на луѓето.

И Светската здравствена организација (СЗО) нагласува дека вакцините не се средство за електронско следење или контрола на населението, туку медицински производи чија цел е заштита од заразни болести.

Тврдењата за микроскопски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните, експерти по имунологија ги нарекуваат чиста фантазија и бесмислица.

Професорот на Универзитетот Квинсленд, Кит Чапел вели дека тврдењето за нанотехнологија во вакцините е смешно.

мРНК вакцините содржат наночестички ама тие се состојат од липиди и молекули на холестерол. Овие се слични на микроскопски точки од масти коишто ја носат вакцината во клетките. Ова дефинитивно не се електронски компоненти и ова нема смисла на ниедно ниво, изјави тој.

Во објавата се тврди дека електронските документи, пластичните картички и дигиталните лични карти претставуваат воведување на бројот 666.

Не постојат никакви докази за такво нешто.

Дигиталните лични документи се административни решенија кои ги воведуваат многу држави со цел да ги модернизираат јавните услуги, да ја подобрат безбедноста на документите и да го намалат административниот товар.

Европската Унија, на пример, веќе неколку години работи на развој на дигитален идентитет за користење на јавни и приватни услуги.

Во официјалната документација никаде не се споменува бројот 666, религиозни симболи или каква било поврзаност со библиски пророштва.

Во објавата се тврди дека постои заговор чија цел е убивање на пет до шест милијарди луѓе.

За ова тврдење не се нудат никакви документи, сведоштва, официјални планови или проверливи докази и истото Вистиномер досега го има дебанкирано во неколку наврати.

Ваквите тврдења со години се појавуваат во различни варијации на интернет и најчесто се поврзуваат со теории за „Нов светски поредок“, „депопулација“ или „глобалистички заговор“.

Ниту Обединетите нации, ниту Светската здравствена организација, ниту која било државна институција немаат документи или политики што потврдуваат постоење на ваков план.

Тврдењата остануваат на ниво на шпекулации без фактичка основа.

Вистиномер досега ги има анализирано тврдењата дека глобална елита планира да воведе единствена светска власт преку вакцини, микрочипови или дигитални документи.

Во сите случаи заклучокот е ист — не се пронајдени докази што ги потврдуваат овие наводи.

Делот од објавата што се однесува на Антихристот претставува религиозно толкување и верување, а не проверлив факти затоа Вистиномер нема да го анализира.

Централните тврдења за вакцините, наночиповите, бројот 666 и наводниот глобален план за депопулација не се поткрепени со никакви докази и се спротивни на достапните научни и официјални информации.

Поради тоа, објавата која ја анализираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција