Објава дезинформира дека имало план за пандемија со хантавирус
Двата текста на кои се повикува објавата не докажуваат ниту планирање пандемија, ниту западна интервенција во зараза со вирус кој постои многу одамна.
Двата текста на кои се повикува објавата не докажуваат ниту планирање пандемија, ниту западна интервенција во зараза со вирус кој постои многу одамна. СЗО смирува дека ризикот за глобалната популација е низок и дека ќе продолжи да ја мониторира епидемиолошката ситуација, но следењето на вирусот и соработката на развој на вакцина се превентивни мерки и придобивки на современата медицина, а не планови за пандемија или „предвидување на истата“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Само одете во сатанскиот Запад, само напред. Гадој гнасосани. Еве ние теоретичарите на завера да ви кажеем колку ви е мизерен животот ваш. Мај 2021 предвидена нова ханта п(л)андемија. Мај 2022 соработка за ханта ваксајнс. И мај 2026 старт на п(л)андемијата и можни рестриктивни мерки за „наше добро“.
Во склоп на објавата има фотографии од два текста кои „Вистиномер“ ги пронајде на следните линкови овде и овде.
Првата фотографија се однесува на текст на Глобалната алијанса за вакцинација (ГАВИ) од 10 мај 2021 година. Во текстот со наслов „Следната пандемија? Хантавирус?“ од 2021 година се одговара негативно на прашањето дали хантавирусот (кој се шири од глодари на луѓе и е ендемски на многу континенти само со спорадичен пренос од човек на човек) има потенцијал да предизвика пандемија. Значи, не е точно дека од „сатанскиот Запад“ била предвидена пандемија или планирана пандемија со хантавирус, со оглед на тоа што самиот текст не ја предвидува, туку напротив, посочува дека е мала опасноста таа да се случи.
Опасноста од пандемија е ниска. Годишно се пријавени околу 200 илјади случаи со симптоми на хантавирус на светско ниво. Долгиот инкубациски период комбиниран со појавата на новите типови значат дека хантавирусите предизвикуваат растечка загриженост. Епидемии на пренос од човек на човек на вирусот „андес“ во Аргентина и Чиле, се индикатор дека може да еволуира за да одржи пренос од човек на човек, пишува во текстот на ГАВИ.
Текстот е всушност информативен и воопшто не предвидува пандемија, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Текстот содржи и препораки за намалување на ризикот хантавирусот да стане пандемија – на начин што ќе се избегнува ризикот на изложеност на начин што ќе се одржува добра хигиена во домаќинствата и храната ќе се чува затворена во кутии. Ако се појават глодари во домаќинството, важно е да се спроведе програма за контрола на глодари и да се исчисти изметот за да се спречи вдишување на аеросоли, се препорачува во текстот.
Како и за сите болести што се појавуваат, геномскиот и серолошкиот надзор се важни за следење на прогресијата на мутациите за да се спречи ширењето на позаразни видови хантавируси. Во областите подложни на појава на вирусот андес, здравствените системи треба да бидат подготвени да имплементираат стратегии за превенција за пренесување од човек на човек за да ги заштитат пациентите и здравствените работници, се вели во текстот на ГАВИ.
Така што, текстот е еден вид рекапитулар за сè што било познато во 2021 година и за глобалната состојба поврзана со хантавирусот. Текстот има едукативен и превентивен карактер за спречување, а не за „планирање“ на пандемија. Особено ако се земе предвид фактот дека хантавирусот постои од одамна, воопшто не е чудно да се види ваков рекапитулар на ГАВИ, односно колекција на сите јавно достапни факти за општо превентивно информирање на генералната популација.
Пандемискиот потенцијал не значи дека „наскоро ќе се случи пандемија“, туку дека истражувачите сметаат дека патогенот вреди да се следи, бидејќи има карактеристики поврзани со нови заразни болести. Проверувачите на факти на „Франс 24“ пишуваат дека една од дезинформациите кои се шират со појавата на новите случаи на хантавирус на крузерот, е таа дека „оваа пандемија е планирана“.
Глобалните јавноздравствени упатства, исто така, не предвидуваат дека е веројатна пандемија поради хантавирусот. Како што неодамна изјави Марија Ван Керхове, директорка за управување со епидемии и пандемии во Светската здравствена организација на брифинг: „Ова не е ковид, ова не е почеток на пандемија на ковид. Ова не е истата ситуација во која бевме пред 6 години. Не се шири на ист начин“, пишуваат проверувачите на факти на „Франс 24“.
И Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) го оценува ризикот од хантавирус како „екстремно низок“.
Вториот текст кој е на фотографијата во склоп на објавата е од 2024 година и во него се информира за соработка меѓу фармацевтската компанија „Модерна“ и Кореа Универзитетот за развој на вакцина против хантавирусот. Во фокусот е програмата на „Модерна“ која има за цел да го забрза развојот на нови вакцини во соработка со партнери ширум светот, за вакцини од следната генерација за запоставени инфективни болести. И во времето кога е почната оваа соработка имало вакцина против хантавирусот, но не е достапна насекаде и целта на програмата е да се подобри нејзината ефикасност. Како што во 2026 година информира „Вајрд“, соработката меѓу „Модерна“ и Кореа Универзитетот за нова мРНК вакцина против хантавирус е ветувачка, но финалниот производ нема изгледи да се појави на пазарот наскоро.
И според Школата за јавно здравје Харвард, нема опасност дека хантавирусот би можел да предизвика пандемија.
Објавата шири антизападен сентимент без аргументација, поточно, не се наведува зошто појавата на хантавирусот би била на некаков начин поврзана со „одењето кон Запад“. „Вистиномер“ претходно има дебанкирано бројни наративи каде Западот се сатанизира, како што се прави и во објавата што ја рецензираме.
Сумирано, двата текста на кои се повикува објавата не покажуваат ниту планирање пандемија, ниту западна интервенција во зараза со вирус кој постои многу одамна. СЗО смирува дека ризикот за глобалната популација е низок и дека ќе продолжи да ја мониторира епидемиолошката ситуација, но следењето на вирусот и соработката на развој на вакцина се превентивни мерки и придобивки на современата медицина, а не планови за пандемија или „предвидување на истата“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар