Објава дезинформира дека ковид вакцините предизвикале енормна смртност кај спортистите
Ненаучно, без да се цитираат медицински студии со точно утврдена и строга методологија – во објавата само се сугерираат бројки и тоа базирано на извештаи од медиуми. Научници и професори по медицина објаснуваат дека ваквите методи не може да се користат за да се сугерира зголемена смртност кај спортисти поради ковид вакцината. Дополнително, меѓу случаите што се наведуваат во финалната бројка од 1.598 лица, има и такви кои починале од карцином, а биле на возраст од 70 или 80 години, што значи дека не можеле да бидат активни спортисти
Објавата не цитира медицински студии со точно утврдена методологија, туку само сугерира бројки и тоа базирано на извештаи од медиуми. Научници и професори по медицина објаснуваат дека ваквите методи не може да се користат за да се сугерира зголемена смртност кај спортисти поради ковид вакцината. Дополнително, меѓу случаите што се наведуваат во финалната бројка од 1.598 лица, има и такви кои починале од карцином, а биле на возраст од 70 или 80 години, што значи дека не можеле да бидат активни спортисти
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Ефикасноста на боцката е забележителна.
Потоа се споделува текст на англиски јазик кој преведен гласи:
Од 1970 до 2020 година (временски период од 50 години) 1.312 атлети имаа кардијак арест и починаа. Од 2021 до 2022 година (временски период од 1 година) 1.598 атлети имаа срцев удар и починаа.
Од каде потекнуваат овие бројки?
Проверувачите на факти на Асошиејтед прес пишуваат дека втората бројка, од 1.598 атлети кои наводно починале за само една година (со што се инсинуира дека вакцинацијата против ковид е причинителот за ова, без никакви докази), всушност потекнува од обично писмо, а не од некаква издржана медицинска студија.
Во писмото се тврди дека 1.598 атлети имале срцев удар, а од нив 1.101 завршиле со смртни последици меѓу јануари 2021 година и крајот на 2022 година, но писмото во „поткрепа на оваа бројка“ цитира блог goodsciencing.com. На блогот има компилација од извадоци од вести, за неодамнешни смртни случаи и медицински итни случаи и вклучува случаи кои воопшто не се поврзани со кардијак арест. Некои смртни случаи во листата од блогот, на пример, се од карцином, пишува Асошиејтед Прес.
Во листата исто така се вклучени инциденти од целиот свет и меѓу луѓе од сите возрасти – вклучително и некои во нивните 70-ти и 80-ти години.
На пример, листата вклучува случај за 71-годишна жена која починала дома во Канада во декември, од непознати причини, а во поменот се наведувало дека кој сака може да донира во хуманитарна организација која се бори за каузата борба против карцином. Исто така, во листата има и прес-клипинг од новинарска сторија за 61-годишен италијански тренер кој починал набрзо откако му била дијагностицирана леукемија.
Ова не е истражување. Кој било може да напише писмо до уредникот и потоа да цитира некакви текстови кои немаат академска длабочина, вели за „Асошиејтед Прес“ доктор Метју Мартинез, директор за спортска кардиологија во Медицинскиот центар во Атлантик Хелт Систем.
Доктор Џонатан Ким, шеф за спортска кардиологија на Универзитетот Емори, факултет за медицина и кардиолог на „Атланта НФЛ“ тимот, на сличен начин изјавил дека „шокантно е што се искористиле вакви цитати“.
Ова е научно ѓубре, не можете само да извлекувате заклучоци од куп медиумски извештаи. Во некои случаи, клинички одредената причина за смрт или здравствениот проблем не се откриваат зашто се работи за приватна лична медицинска информација, вели тој.
Во објавата што ја рецензираме, се тврди дека од 1970 до 2020 година 1.312 атлети „имале срцев удар и починале“. Со пребарување на интернет содржини не може да се пронајде оваа бројка на ниедно место освен во мемиња на социјални мрежи без извор.
Типично, истражувањето и научните податоци се прегледани од медицинската заедница и во нив се користи многу ригорозен процес за да се евалуираат методите кои се користени за да се дојде до податоците и да се изведе анализата. Ова е важно поради повеќе причини, меѓу кои и да се осигури дека податоците се точни, ослободени од непредвидени пристрасности и потенцијално погрешни, вели доктор Нил Чокши, медицински директор на програмата за спортска кардиологија и фитнес на Пен Стејт.
Тој додава дека презентираните податоци не го поддржуваат тврдењето дека вакцините предизвикале раст во смртноста.
Вистиномер и претходно има рецензирано тврдења кои непоткрепено прават корелација меѓу вакцината против ковид и смрт кај спортисти.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар