Објава дезинформира дека се урнал авион во Македонија и имало многу жртви
Во С. Македонија немало „авион кој се урнал“, ниту пак, имало „многу жртви“. Фотографијата во објавата е од руски воен транспортен авион од типот „Илушин“ Il-76MD, кој пламнал за време на полетување од аеродром во главниот град на Таџикистан -Душанбе, во 2023 година.
Во С. Македонија немало „авион кој се урнал“, ниту пак, имало „многу жртви“. Фотографијата во објавата е од руски воен транспортен авион од типот „Илушин“ Il-76MD, кој пламнал за време на полетување од аеродром во главниот град на Таџикистан – Душанбе, во 2023 година
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук (која се повторува овде и овде) во која пишува:
(ВО ЖИВО) Се урна авион во Македонија има Многу жртви – Погледни повеќе во коментар.
Објавата е дезинформација. Не се урнал авион во Македонија на 11 и на 12 март кога истата се прошири на три фејсбук страници и стана вирална со над 100 споделувања и стотици коментари кумулативно во трите објави. Во ниту еден од линковите споделени во коментарите не се известува за наводната авионска несреќа туку тие водат кон повеќе страници кои се менуваат секогаш кога ќе се кликне на линкот. Најчесто линковите водат кон продавница за продажба на кинески производи од различен вид на големо и на мало.
Во склоп на објавата што ја рецензираме за поголем ефект на манипулација и дезинформирање се злоупотребува и фотографија од авионска несреќа. На ваков начин се очекува корисниците на социјалните мрежи да се „уверат“ во вистинитоста. Мислејќи дека епилог од авионска несреќа се емитува во живо, се создава илузија односно се дезинформира дека ситуацијата е толку алармантна и дека навистина е географски блиска до степен што новинарски екипи стигнале на местото веднаш (со други зборови, се дезинформира дека несреќата се случила во С. Македонија).
Ова е сериозна манипулација и крајно неетичка пракса, со оглед на тоа што кога настаните за кои се информира се географски блиски (на пример во конкретниот случај се дезинформира за несреќа во С. Македонија) тогаш граѓаните се најзаинтересирани за истите и ќе кликнат на линкот. Особено кога невистинито се презентира дека се работи за трагедија со уривање на авион, којашто е инаку ретка ситуација во Северна Македонија, многумина би кликнале на линкот да дознаат повеќе детали.
„Вистиномер“ ја пребара фотографијата којашто е објавена во склоп на објавата на која се гледа авионот. Пронајдовме повеќе текстови за настан за уривање на руски авион од 2023 година, а фотографијата од тој настан се ширела на Телеграм канали па била преземана и во медиуми како што е случајот овде.
Имено, во текстот од 21 октомври 2023 се наведува дека руски воен транспортен авион од типот „Илушин“ (Il-76MD) пламнал за време на полетување од аеродром во главниот град на Таџикистан – Душанбе. За настанот прво се информирало ноќта меѓу 19 и 20 октомври преку руски Телеграм канали. За време на полетувањето едно тркало од авионот експлодирало, што довело до пожар. Потоа авионот излетал од пистата и се запалил. Според иницијалните извештаи, имало 8 лица во екипажот кои останале неповредени.
Особено е манипулативно и неетички што објавата дезинформира дека имало многу жртви и целта ѝ е да предизвика емоционална реакција на граѓаните и да ги натера да кликнат на линкот за да дознаат повеќе. Ваквите кликбејт објави имаат за цел само да измамат клик врз основа на невистинита, измамничка информација, да донесат поголем сообраќај на надворешна страница базирано на потребата на граѓаните да знаат за настани од нивниот регион играјќи си со нивната емотивна реакција.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар