Објава дезинформира дека снег направил хаос во С. Македонија

Минатата недела во С. Македонија имаше обилни врнежи од дожд кои на некои места предизвикаа излевање на реките и поплави. Но, од она што може да се забележи, како на терен, така и од медиумските извештаи, никаде не падна снег и не направи хаос

Минатата недела во С. Македонија имаше обилни врнежи од дожд кои на некои места предизвикаа излевање на реките и поплави. Но, од она што може да се забележи, како на терен, така и од медиумските извештаи, никаде не падна снег и не направи хаос, како што тоа сака да го прикаже оваа објава. Дополнително, фотографијата што ја користи објавата, а на која се гледаат побелени автомобили, на Пиксабеј е објавена пред 10 години

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Невремето направи ХАОС во Македонија, СНЕГ во Македонија и голема количина дожд – повеќе на линкот во коментар.

Објавата споделува и фотографија на која се гледаат побелени од снег автомобили. Понуден е и линк до веста која кога ќе ја отворите, ќе видите дека нема никаква врска со снег.

Паднати обилни врнежи предизвикаа проблеми во Македонија – следуваат нови дождови и пад на температурите. Во изминатите денови, Македонија се соочи со обилни врнежи од дожд, кои на повеќе места предизвикаа поплави, застој на сообраќајот и оштетувања на локалната инфраструктура. Невремето создаде проблеми особено во источните и северните делови на земјата, каде водостојот на реките значително се зголеми. Според најновите прогнози, периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд ќе продолжи и во следните денови, пишува во текстот.

Веста никаде не спомнува снег, туку само обилни врнежи од дожд.

Точно е дека минатата недела во Македонија имаше обилни врнежи од дожд кои на некои места предизвикаа излевање на реките и поплави. Но, од она што може да се забележи, како на терен, така и од медиумските извештаи, никаде не падна снег и не направи хаос, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме.

Всушност и самата објава, преку веста што ја постира, се демантира самата себе.

Очигледно е дека целта на објавата е да привлече што е можно повеќе кликови преку ширење „бомабстична вест“ дека снегот направил хаос во С. Македонија, иако снег не врнеше.

Дополнително, фотографијата што ја користи објавата, а на која се гледаат побелени автомобили и улица, на Пиксабеј е објавена пред 10 години, односно на 14 јануари 2015 година, што во никој случај не може да биде доказ за некаков „хаос предизвикан од снег деновиве во Македонија“.

Поради сето ова објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција