Објава дезинформира за Светскиот економски форум

Седиштето на СЕФ во Женева Фото: Alexey M., CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Не е точно дека СЕФ има агенда за тоталитарен систем, грабеж на приватната сопственост и осиромашување на народите, ниту се прославил со пораката до сите народи во светот „дека ќе немаат ништо и ќе бидат среќни“.

Не е точно дека СЕФ има агенда за тоталитарен систем, грабеж на приватната сопственост и осиромашување на народите, ниту се прославил со пораката до сите народи во светот „дека ќе немаат ништо и ќе бидат среќни“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

На кратко, за СЕФ? Светски Економски Форум е приватен КАРТЕЛ на психопати, криминалци, педофили, извршители на АГЕНДАТА за инсталирање на комплетен тоталитарен систем. Тоа значит, осиромашување на народите, грабеж на приватната сопственост, дигитализација, забрана на правото на говор, мисла, факти, на СЕ спротивно на наративот на системот. СЕФ се прослави со пораката до сите народи во светот – (слика) – КЕ НЕМАТЕ НИШТО И КЕ БИДИТЕ СРЕЌНИ- Сеуште мислите дека СЕФ со владините кловнови гости на форумот, мислит за доброто на луѓето?
Не е точно дека Светскиот економски форум е „приватен картел на психопати, криминалци, педофили и извршители на агендата за инсталирање комплетен тоталитарен систем“. Светскиот економски форум е меѓународна непрофитна организација која ги обединува лидерите од владите, бизнисот, академската заедница и граѓанското општество за да разговараат и да работат на најважните глобални прашања, како што се економијата, климатските промени, технологијата, здравството и геополитиката. Најпознат е по својот годишен состанок во Давос, Швајцарија.

СЕФ собира политичари, големи корпорации и влијателни академици, но наспроти изнесеното во објавата не е картел, ни компанија, не контролира пазари. Тоа е форум за дебата и соработка и нема правна моќ да налага закони или да диктира економски политики. Во СЕФ нема криминалци, педофили, ниту некои што инсталираат агенда за тоталитарен систем.

СЕФ е форум а не власт. Нема суверенитет, војска, полиција, судови, ниту право да донесува или спроведува закони! Следствено, без овие алатки тоталитарен систем е невозможен. Тоталитаризмот бара присилна државна моќ. Тоа што некои политичари учествуваат на форум, не значи дека извршуваат наредби зашто тие одговараат пред своите парламенти, устави и избори. Ако спроведат непопуларни и неуставни политики губат избори или паѓаат влади и ниту еден документ не покажува командна хиерархија од СЕФ кон држави.

Со фондацијата управува Одбор составен од истакнати светски претставници од бизнисот, политиката, академскиот свет и граѓанското општество. Светскиот економски форум има 1.000 членки, а тоа се големите светски компании со годишен промет над пет милијарди долари. Значи, СЕФ не е некаква меѓународна организација во која членуваат држави и влади, па според тоа не може држави да се обврзуваат на некакви договори или документи излезени од СЕФ.

Фразата „нема да поседувате ништо и ќе бидете среќни“ потекнува од есеј од данска политичарка Ида Аукен од 2016 година и беше ставена во содржина на сајтот на СЕФ од 2018 со предвидување за 2030 година. Проверувачи на факти и СЕФ изјавија дека форумот нема експлицитна цел да ги натера луѓето „да не поседуваат ништо“ до 2030 година, пишуваат проверувачите на факти на „Фактуали“.

СЕФ подоцна ја вклучиле таа фраза во кратко видео со наслов „8 предвидувања за светот во 2030 година“, што претставуваше моментот кога оваа реченица се претвори во меме и стана цел на невистинити сценарија. Дебанкирани се и тврдењата што му се припипува на Клаус Швабдека тој наводно рекол дека „нема да поседувате ништо и ќе бидете среќни“.

На годишниот состанок на СЕФ кој се одржува во Давос не се појавуваат „кловнови како гости на форумот“, туку светски лидери од владите, бизнисот, граѓанското општество и академскиот свет. Состанокот во Давос се одржува за да се вклучат во дискусии насочени кон иднината за решавање на глобалните прашања и поставувањето приоритети. Повикот за храбра колективна акција го прави состанокот особено релевантен.

Не е точно дека СЕФ има агенда за тоталитарен систем, грабеж на приватната сопственост и осиромашување на народите ниту се прославил со пораката до сите народи во светот „дека ќе немаат ништо и ќе бидат среќни“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција