Објава ги реактуелизира бројните дезинформации за ковид вакцините

3Д илустрација на Ковид 19 Фото: HFCM Communicatie, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Бројни дезинформации коишто беа актуелни во текот на ковид пандемијата и на вакциналниот процес се повторуваат во оваа објава, со цел да се проблематизира нејзината безбедност и ефикасност наспроти медицинските и научните студии кои докажуваат дека вакцинираните имаат помал ризик од смрт споредено со невакцинираните лица.

Бројни дезинформации коишто беа актуелни во текот на ковид пандемијата и на вакциналниот процес се повторуваат во оваа објава, со цел да се проблематизира нејзината безбедност и ефикасност наспроти медицинските и научните студии кои докажуваат дека вакцинираните имаат помал ризик од смрт споредено со невакцинираните лица

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ако го прашате Вистиномер ке ви каже Владо е Теорија на заговор , не текстот, Владо !! Целта со чипувањето во рамо , прв ви ЈА објавив со која е цел со Рокфелеровата Корона – вметнување на графен оксид , затоа Ве молам не ми пишувајте за „графенизиранието во вашето семејство “ !!!!Целта ; – Графен оксидот во вакцината е вметнат како антена за контрола на умот. Или, уште пострашно е тоа што беше вакцината Pfizer ја менува ДНК-та во клетките на црниот дроб!!– Бидејќи ; – Владата во сенка инвестираше над милијарда долари во промоција ; наратив за вакцина – вакцина која содржеше девет страници со несакани реакции, вклучувајќи смрт за секое 17 вакцинирано лице. Иако, уште позагрижувачки беше 5G кој се забрзува со брзината на Светлината и Графен оксидот во вакцината!!! Моја благодарност до сите кои издржавме без чипување !! Ке продлжам и на ова тематика : Како да ја регенерираме ДНК во клетките на црниот дроб ??? Ама Вие Вистиномер го верувате ??

Не е точно дека „короната“ е на Рокфелер, ниту дека во вакцините има графен оксид „како антена за контрола на умот“. Исто така не е точно дека вакцината на Фајзер ја менува ДНК во клетките на црниот дроб. Не е точно дека секое 17 вакцинирано лице умира, ниту дека секој вакциниран ќе се соочи со „9 страници на несакани ефекти“ од ковид-вакцината. Исто така, 5Г мрежата не е на ниеден начин поврзана со ковид пандемијата ни со вакцината, ниту пак дека вакцинацијата е „чипување во рамото“ како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.

Проверувачите на факти на „Политифакт“ веќе го дебанкираа невистинитото тврдење дека извештај од 2010 година на фондацијата Рокфелер наводно „покажувал дека ковид пандемијата е планирана однапред барем 10 години“.  Извештајот ја истражувал улогата на технологијата во иднината на глобализацијата и презентирал 4 можни идни сценарија за тоа како светот би можел да се развива, вклучително и едно во кое се случуваат пандемија на инфлуенца и затворања. Сценаријата биле хипотетички и не се ниту предвидувања ниту планови.

Вакцините против ковид не содржат графен оксид и Вистиномер веќе го има дебанкирано широко распространетото невистинито тврдење кое особено се ширеше во текот на ковид пандемијата и вакцинацијата – дека наводно графен оксидот комуницирал со 5Г мрежата. Теоријата на заговор дека 5Г мрежата и некакви непостоечки микрочипови во вакцините се комбиниран напор да се контролира населението – каде се движи, што прави, што купува, па дури и идеите дека со непостоечките чипови ќе се контролира мисловниот процес на индивидуата која е вакцинирана, не e поткрепена со никакви факти и е невтемелена во реалноста. Таа особено се засили во време на ковид пандемијата.

Што се однесува до составот на вакцините против ковид и тврдењето дека тие содржат графен оксид, тоа исто така не е точно. Вистиномер и на оваа тема веќе има пишувано.

„Асошиејтед прес“ пред пет години извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.

Проверувачите на факти на Асошиејтед прес го дебанкираа тврдењето дека вакцината на Фајзер ја менувала ДНК во клетките на црниот дроб. Коренот на таа дезинформација лежи во погрешно толкување на студија изготвена од шведски научници.

Во објавата невистинито се тврди дека вакцината содржи 9 страници со несакани ефекти. Како што веќе пишуваа проверувачите на факти на Ројтерс, деветте страници со несакани ефекти се однесуваат на документ кој не докажува дека вакцината ги предизвикала тие состојби, туку претставува документ со пријави каде се наведени сите медицински проблеми што биле пријавени по примањето на вакцината за кои не е докажано дека се причинско-последични на вакцината.

Наспроти наведеното во објавата дека секое 17-то вакцинирано лице умира, ниедна научна база на податоци, здравствена агенција или рецензирана студија не го покажува тоа. Големи научни студии докажуваат дека вакцинираните лица против ковид имаат значително помал ризик од смртен исход споредено со невакцинираните.

Не е точно ниту наведеното дека со вакцината против ковид 19 се инсталира чип во рамото на вакцинираните. „Вистиномер“ веќе пишуваше дека и најмалата верзија на микрочипови е преголема за да може да помине низ иглата на вакцината.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција