Објава ги шири добро познатите теории на заговор на движењето „Кју Анон“
Објавата е вистинска каша попара и шири повеќе неповрзани инфромации за кои не нуди апсолутно никакви докази или линкови до сериозни написи. Сите тврдења се произволни и истресени од ракав. За дезинформациите пласирани во објавата Вистиномер има пишувано во неколку наврати
Објавата е вистинска каша попара и шири повеќе неповрзани инфромации за кои не нуди апсолутно никакви докази или линкови до сериозни написи. Сите тврдења се произволни и истресени од ракав. За дезинформациите пласирани во објавата Вистиномер има пишувано во неколку наврати. Вистиномер ја има дебанкирано теоријата на заговор за некакви тунели во кои се чуваат киднапирани деца уште пред пет години. Ги дебанкиравме и теориите на заговор за адренохромот и биолошките лаборатории на САД во Украина
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
DALI I PREMIEROT I MINISTEROT KE IMAAT JAJA DA VLEZAT VO HACIENDITE NA MAVROVO, VODNO, ZLOKUKJANI, OHRID, STRUMICA ITN. KAKO NIVNITE KOLEGI KAJ STRATESHKIOT PARTNER …
.” Рациите во Фаза V вклучуваат:
- Беверли Хилс: Пукање на имот поврзан со Дизни. Се уриваат тунелските системи.
- Скриени Хилс: Откриени сатански комори и биометриски пристап до гости.
- Форт Флорида Галф: Врска за собирање органи поврзана со музички директори.
- Седиште на Менхетен: Запленети се шифрирани дискови со манифести за трговија со луѓе и видеа за уцена.
Адренохолид НЕ Е Адренохром
Лабораториите на ниво на DARPA за време на вториот мандат на Обама направија биоинженеринг на нов серум – Адренохолид – направен од траума кај малолетници, кој ја подобрува функцијата на мозокот, заблудите за егото и животниот век. Беше финансиран преку грантови од NIH и заразни болести. Погодете кој се пријави? Украинската лабораториска мрежа на Хантер Бајден, поддржана од изведувачи на Пентагон..”
Објавата е вистинска каша попара и шири повеќе неповрзани инфромации за кои не нуди апсолутно никакви докази или линкови до сериозни написи. Сите тврдења се произволни и истресени од ракав. За дезинформациите пласирани во објавата Вистиномер има пишувано во неколку наврати.
Прво, објавата ја шири добропознатата теорија на заговор за некакви тунели во САД во кои елитите чуваат киднапирани деца за трговија со органи и за производство на адренохром што тие го пијат за подмладување.
Оваа теорија на заговор првенствено почнаа да ја шират поддржувачите на актуелниот американски претседател Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат. Станува збор за припадници на движењето „Кју Анон“, крајно десно конспиративно сајбер-движење во САД на поддржувачи на Трамп, кои продуцираат обвинувања за неговите политички противници, а ги величаат неговите потези како претседател. Токму движењето „Кју Анон“ континуирано лиферува разни обвинувања на истакнати јавни личности, пред сè, политичари, бизнисмени, (Барак Обама, сопружниците Клинтон, Џорџ Сорос и други) па дури и холивудски актери блиски или од кругот на Демократската партија на САД и има стекнато одредена популарност кај поддржувачите на ултрадесничарските политики и ставови на Трамп.
Вистиномер ја има дебанкирано теоријата на заговор за некакви тунели во кои се чуваат киднапирани деца уште пред пет години, кога се пласираше веста за 100.000 малтретирани деца во Њујорк спасени од канџите на педофилските сатанисти, наводно поврзани со поранешната државна секретарка на САД и некогашна прва дама Хилари Клинтон.
Откако аферата „Пицагејт“ од 2016 година спласна, а случајот со обвинетиот американски финансиски магнат Џефри Епстејн заврши кога тој се самоуби во својата ќелија во њујоршкиот затвор, каде што го очекуваше продолжетокот на судењето за организирање малолетничка проституција, „Кју Анон“ го презема наративот за поврзаноста на американската либерална политичка, холивудска и бизнис-елита со педофилија и сатанизам, а Трамп е претставуван како големиот спасител на децата од канџите на злото.
Веста дека американските специјални сили извадиле тела и најмалку 100 живи деца од системот на тунели под Белата куќа и Капитол хил во Вашингот е лажна, а тоа го потврдија од Министерството за одбрана на САД.
Ве уверувам дека тоа е грешна информација, изјавил портпаролот на Министреството за „Политфакт“, сајт за проверка на фактите.
Што се однесува до теоријата на заговор за екстракција на адренохром од деца, таа исто така е актуелна од поддржувачите на „Кју“ движењето во САД години наназад. Никогаш со докази не е потврдено дека постои таква пракса. Според оваа теорија на заговор, адренохромот е супстанца која е еликсир на младоста и мора да се извлече од жив организам, а потоа жртвата да почине. Така, се тврди дека богати луѓе и елитисти ширум светот, киднапираат и мачат деца за да го земат адренохромот од нивните тела додека се живи, а потоа го конзумираат за да останат млади.
Но, адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Се користи како лек во форма на негови деривати за лекување на загубата на крв како хемостатик. Тврдењата дека има својства против стареење немаат никаква основа во реалноста и фактите.
Како што потенцираат проверувачи на факти од Грција, адренохромот е достапен за истражувачите во синтетичка форма. Според нив, идејата дека супстанцата мора да се извлече од жив организам за да има својства против стареење, освен што нема научна основа, се базира на филмот „Страв и омраза во Лас Вегас”, во кој еден од протагонистите продава адренохром и вели дека за да има ефект адренохромот мора да се извади од жив човек.
Иако адренохромот не е измислен, туку е состојка која што се добива со оксидација на адреналин, сепак не е точно дека деца се киднапирани за да се добие оваа состојка од нивната крв. Адренохром нашироко се употребува за да се намали загубата на крв кај отворени рани и повеќето продавачи потенцираат дека е синтетички.
Може да се нарача на интернет од повеќе добавувачи, но само за истражувачки цели, на пример овде.
Да се зема од живи луѓе не е логично, бидејќи жлездата на детето би можела да даде само половина милиграм, дури и кога би постоел процес за прочистување, вели доктор Стивен Мителман од УКЛА за „Лид сторис“.
Објавата ја шири и познатата теорија на заговор дека САД имаат некакви биолаборатории во Украина. Руската инвазија на Украина донесе лажни тврдења на социјалните мрежи дека рускиот претседател Владимир Путин ги гаѓа лабораториите за биолошко оружје управувани од САД во неговата соседна земја.
Лажните тврдења од Русија за наводна употреба на биооружје од страна на САД не се нови, а наводите за мрежа од такви лаборатории долж границата со Русија беа споделени во руските државни медиуми во неделите пред инвазијата, пишува сајтот за проверка на фактите Политфакт.
Во Украина нема американски воени лаборатории, вели Енди Вебер, член на Управниот одбор на директори на Здружението за контрола на вооружувањето и поранешен помошник секретар за одбрана за програми за нуклеарна, хемиска и биолошка одбрана.
Напротив, Програмата за заедничко намалување на заканите на Министерството за одбрана на САД му обезбедува техничка поддршка на украинското Министерство за здравство од 2005 година за подобрување на лабораториите за јавно здравје, чија мисија е аналогна на американските центри за контрола и превенција на болести, изјави Вебер за Политифакт.
Според „Политифакт“, оваа програма почнува после падот на Советскиот Сојуз во 1991 година за да се намали опасноста од постоечките оружја за масовно уништување, односно за да се неутрализира биолошкото оружје произведено во постсоветските земји. Програмата е позната како „Нун-Лугар“ (според имињата на двајцата сенатори кои го предложија нејзиното основање) и се наоѓа во Агенцијата за намалување на опасности во Министерството за одбрана.
Овој лажен наратив, промовиран од руската влада, циркулира со години, пишува EUvsDisinfo. Ова тврдење е употребено во различни временски периоди, како, на пример, за време на извештаите за труења извршени од руски агенти, како што беше труењето на Скрипал, за да се одвлече вниманието на јавноста од сопствената употреба на хемиско оружје од страна на Русија.
Тврдењата дека САД развива биолошко оружје во Украина се стари барем од 2018 година.
Вистината е дека на територијата на Украина нема биолаборатории во сопственост на САД, а ова во неколку наврати е дебанкирано, како од светските сервиси за проверка на факти, така и од Вистиномер.
Објавите погрешно го толкуваат Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат. Според Службата за безбедност на Украина – главната безбедносна агенција во земјата, лабораториите за коишто се говори на социјалните мрежи се во сопственост и финансирани од украинската влада.
Оваа агенција и амбасадата на САД во Украина во неколку наврати рекоа дека ваквите тврдења се лажни. Медиумските извештаи покажуваат дека оваа теорија е поврзана со повеќегодишната руска кампања за дезинформации, чија цел е да ги дискредитира САД.
Според Договорот од август 2005 година, украинската и американската влада се согласиле да соработуваат за „да го спречат ширењето на опасни патогени и поврзаната експертиза и да ги минимизираат потенцијалните биолошки закани“.
Лабораториите во Украина се со цел да превенираат ширење на заразни болести и се дел од Развојна програма за намалување на ризиците и опасностите од болести, како што „Вистиномер“ веќе пишуваше.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар