Објава лови интеракции со непостоечка вест

Клик бејт објавата води до Али Експрес, но и нуди да симнете спакувана непозната содржина

Клик бејт објавата води до Али Експрес, но и нуди да симнете спакувана непозната содржина. Иако ваквите објави можат привремено да го зголемат досегот и ангажманот, нивното влијание врз корисниците на социјалните мрежи често е негативно, бидејќи создаваат чувство на разочараност, ја намалуваат довербата во медиумите и придонесуваат за површно информирање

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се тврди:

Вонредно Македонија: Вистинска драма откако автомобил со патници излета во река – погледнете на линкот во коментар.

Објавата за повеќе информации нуди линк во коментар, но овој линк не ве води до најавената вест.

Имено, кога ќе кликнете на него, наместо информација во врска со „вистинската драма“, линкот ве води на надворешна страница Али Експрес.

Кога втор пат кликнавме на линкот, тој повторно не одведе на друга страница, наместо до најавената вест за автомобил кој излетал во река.

Вистиномер и трет пат кликна на понудениот линк но и овојпат не однесе на страница Али Експрес, но со поинаков дизајн од претходната.

Од ова станува јасно дека објавата не нуди никаква информација, иако најавува „вонредна вест“, туку станува збор за кликбејт објава.

Кликбејт објава е вид на содржина што е намерно дизајнирана да привлече што е можно повеќе кликови, прегледи или интеракции, најчесто преку сензационален, претеран или двосмислен наслов кој не ја открива целосната суштина на информацијата. Главна карактеристика на кликбејтот е користењето емоционално набиен јазик што предизвикува љубопитност, шок, страв или возбуда, како и намерно изоставување клучни информации со цел корисникот да биде „принуден“ да кликне за да дознае повеќе. Целта на кликбејт објавите е манипулација со емоции преку користење привлечни слики или видеа што не секогаш се директно поврзани со содржината.

Иако ваквите објави можат привремено да го зголемат досегот и ангажманот, нивното влијание врз корисниците на социјалните мрежи често е негативно, бидејќи создаваат чувство на разочараност, ја намалуваат довербата во медиумите и придонесуваат за површно информирање.

Патем, објавата е од први јануари, а на 2 јануари, во медиумите беше објавена вест за автомобил што излетал во реката Радика кај Бигорскиот манастир, при што две лица го загубија животот.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција