Објава на Фејсбук неосновано тврди дека ковид вакцините се штетни и смртоносни

Фото:Spencer Davis on Unsplash

Објавата изнесува неколку тврдења во врска со пандемијата и вакцините против ковид-19, но за таквите тврдења не нуди никакви докази. Спротивно на тоа, доказите говорат дека пандемијата беше реална и дека вакцините против ковид-19 не се штетни, не влијаат врз плодноста, ниту ја зголемиле смртноста кај луѓето

Објавата изнесува неколку тврдења во врска со пандемијата и вакцините против ковид-19, но за таквите тврдења не нуди никакви докази. Спротивно на тоа, доказите говорат дека пандемијата беше реална и дека вакцините против ковид-19 не се штетни, не влијаат врз плодноста, ниту ја зголемиле смртноста кај луѓето

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува неколку дезинформации.

Документите на Фајзер откриваат злосторства против човештвото! Д-р Наоми Волф: Глобалистите ја уништуваат популацијата со Ковид „боцките“ и масовното увезување „лекарства“ од земји кои ги игнорираат граѓанските права и уставните слободи на луѓето, тврди меѓудругото објавата.

Тука објавата споделува напис кој се повикува на видео поставено на веб-страницата на колеџот Хилсдејл на 7 март, во кое американската авторка Наоми Волф тврди дека мРНК вакцините ковид-19 се складираат во различни органи во нашето тело и дека внатрешните документи на Фајзер откриваат оти вакцините против ковид-19 не функционираат.

Таа понатаму тврди дека материјалите од вакцината, „индустриски масти обложени со полиетилен гликол“, се таложат во органи како мозокот и јајниците. Волф наведува и разни други органи.

Значи, каде одат овие состојки? Тие одат во мозокот. Некои од вас забележале промени во личноста на саканите кои ја примиле оваа инјекција. Ако сте жена, тие влегуваат во вашите јајници. Вашата прва инјекција, дел оди во вашите јајници. Вашата втора инјекција, поголем дел оди во вашите јајници, вели таа во видеото.

Сепак, нема докази за кои ќе го поддржат тврдењето на Волф дека вакцината се депонира во човечки органи.

Волф, која е познат теоретичар на заговор и шири дезинформации за вакцините, неколкупати во минатото се повикувала на наводните внатрешни документи на „Фајзер“ за да изнесува неосновани тврдења, пишува сајтот за проверка на фактите Лоџикали фактс.

И во конкретното видео во кое зборува за наводни документи на „Фајзер“, таа ниту еднаш не ги покажува документите.

Во 2021 година профилот на Волф на тогашниот Твитер (сега Х) беше отстранет поради ширење дезинформации за вакцините против ковид-19. Нејзините наводи беа проверувани повеќепати во минатото кога изнесе вчудовидувачки тврдења дека тестирањата на вакцините се поврзани со спонтани абортуси кај речиси 44 проценти од жените.

Понатаму, објавата го изнесува следното тврдење:

Во 1993 година, Џорџ Сорос напиша есеј за НАТО и невладините организации како алатки за насочување на светот кон Новиот светски поредок или свет на „отворени општества“. Отвореното општество според концептот на Сорос е општество без морален компас, односно општество, кое е во контраст со “затвореното општество”, кое се карактеризира со јасни закони, морални кодекси на однесување или религиозни доктрини. Уште и ова, отвореното општество на Сорос е водено однадвор (од светската елита), а не од демократски избрани власти во една држава. Па, ако општеството тоа не го прифати доброволно – треба да биде принудено со употреба на воена сила (како што е НАТО)!

Тука погрешно се интерпретира есеј на Џорџ Сорос од 1993 година, кој може да се најде и на неговата официјална веб-страница. Есејот е насловен: „Кон нов светски поредок: иднината на НАТО“ и во него тој дискутира за геополитичките ризици од распадот на Советскиот Сојуз.

Сорос истакнува дека доколку западните лидери (особено САД) рано сфатиле дека Михаил Горбачов навистина сака да соработува и го искористиле тоа, Советскиот Сојуз можеби би останал голема сила, а заедно со САД би можеле да заземат водечка улога во ОН – не како противници од Студената војна, туку како сојузници кои соработуваат.

Но, Советскиот Сојуз се распадна, а со тоа и биполарниот светски поредок по Втората светска војна. САД останаа единствена суперсила, а Советскиот Сојуз беше заменет со вакуум – оттука и повикот на Сорос за нов светски поредоканализира Телекс.ху.

Фразата „нов светски поредок“ денес има многу поинакво значење отколку пред 30 години. Денес, оваа фраза најчесто се среќава во теориите на заговор и антизападните Фејсбук групи, најчесто во иста реченица со Бил Гејтс, големото рестартирање, глобалистите, депопулацијата, ковид пандемијата и вакцините, масоните и Евреите. Ова го посочува и ReMix во својот напис, но од друг агол: дека мејнстрим медиумите го третираат терминот како теорија на заговор, иако е очигледно дека Сорос отворено го користи. (Вистиномер има дебанкирано многу дезинформации поврзани со „новиот светски поредок“).

Во есејот, Сорос зборува и за улогата што НАТО би ја играл во овој светски поредок. Тој признава дека организацијата е формирана за еден вид решение, воено, но тврди дека тоа не е она што е потребно по распадот на Советскиот Сојуз. Наместо тоа, според Сорос, неопходно е да се поддржи развојот на новите демократии и отворените општества.

Затворено општество, според Сорос, е она во кое постои централна моќ која ни кажува која е универзалната, единствена вистина, додека отворените општества не прифаќаат такво нешто – туку го признаваат правото и суверенитетот на државите. Во овие општества државата не се заснова на догма и државата не го угнетува општеството. Владата е избрана од народот, но може да се замени, а малцинствата и малцинските мислења се почитуваат. Затвореното општеството е поригидно и постабилно, но не може да се развива, додека отвореното општество се развива ефективно, но затоа е поранливо на колапс.

Повеќе на оваа тема прочитајте тука.

Објавата го тврди и ова:

Чешка студија открива пад од 30% на стапката на наталитет кај жените вакцинирани од Ковид, откривајќи ја кризата со плодноста, игнорирана од мејнстрим медиумите.

Објавата притоа не нуди линк до наводната чешка студија која наводно докажала некаква поврзаност меѓу ковид-вакцините и намалената плодност кај  жените.

Вистиномер досега има  пишувано за тоа дека нема докази оти вакцините против ковид-19 влијаат врз плодноста кај мажите или жените.

Во тој контекст се тврди и следното:

Група холандски научници откри дека глобалните податоци за стапките на смртност од сите причини биле фалсификувани за да се покаже дека „в-цините“ против Ковид mRNA се многу безбедни.

И тука не е понуден линк до наводното откритие, тврдењето е само произволно нафрлено. Вистиномер неодамна дебанкираше слична информација, дека норвешки научници откриле оти се прикриваат податоци за зголемена смртност меѓу вакцинираните против ковид-19.

Фактите говорат дека не е точно оти вакцините против ковид предизвикале зголемена смртност.

Вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи, откри една обемна американска студија. Истражувачите ги разгледаа „несаканите настани“ од речиси 300 милиони дози вакцини дадени во САД меѓу декември 2020 година и јуни 2021 година.

Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание Лансет:

Од податоците на ВАЕРС, ЦДЦ прими повеќе од 340.000 извештаи за несакани настани по вакцинацијата, при што 92 отсто се регистрирани како благи.

Најчести несакани ефекти биле главоболки, замор и треска.

Од повеќе од 22.000 настани евидентирани како сериозни, најчест е отежнато дишење.

ЦДЦ уште во октомври 2021 година информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот:

Нема зголемен ризик за смртност кај примателите на вакцини против ковид-19. Ова откритие го зајакнува безбедносниот профил на моментално одобрените вакцини против ковид -19 во Соединетите држави. Сите лица на возраст од над 12 години треба да примат вакцина против ковид-19. 

Наспроти тврдењето во објавата, фактите говорат дека ризикот за смрт од коронавирусот е многу поголем кај невакцинираните во однос на вакцинираните.

Поврзаните податоци за вакцинација и смртност покажуваат дека и покрај промените во циркулирачките варијанти на SARS-CoV-2 со текот на времето, кај постарите возрасни лица на возраст над 65 години, невакцинираните лица продолжуваат да имаат многу поголем ризик да умрат од ковид-19 отколку лицата вакцинирани со најмалку примарна серија. Овој заштитен ефект на вакцинацијата против ковид-19 беше забележан кај сите возрасни групи. Дополнителните бустер дози обезбедуваат дополнителна заштита. Во август 2022 година, возрасните на возраст од ≥50 години со најмалку 2 засилувачки дози имале 3 пати помал ризик да умрат од ковид-19 отколку возрасните на иста возраст со една засилена доза, стои во официјалниот извештај на ЦДЦ.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција