Објава на Фејсбук шири дезинформации за вакцините, економската криза и за климатските промени

Фото: The image was posted by Keith Johnston on Pixabay

Во објавата на Фејсбук се тврди дека вакцините против коронавирусот се експериментални, што е неточно. Вакцините пред да бидат одобрени за употреба имаат поминато повеќе фази на клинички тестирања. Понатаму, се продолжува со тоа дека постои извесно „запрашување од авиони“. Станува збор за уште една широко распространета дезинформација која што Вистиномер во неколку наврати ја дебанкираше. Притоа, се тврди дека нафтата и лебот се поевтини во Грција отколку во Македонија, што исто така е неточна информација, ако се земе предвид дека цената на лебот во Грција достигна и до две евра за векна леб

Во објавата на Фејсбук се тврди дека вакцините против коронавирусот се експериментални, што е неточно. Вакцините пред да бидат одобрени за употреба имаат поминато повеќе фази на клинички тестирања. Понатаму, се продолжува со тоа дека постои извесно „запрашување од авиони“. Станува збор за уште една широко распространета дезинформација која што Вистиномер во неколку наврати ја дебанкираше. Притоа, се тврди дека нафтата и лебот се поевтини во Грција отколку во Македонија, што исто така е неточна информација, ако се земе предвид дека цената на лебот во Грција достигна и до две евра за векна леб

 

 

Во вирална објава на социјалната мрежа Фејсбук споделени се дезинформации поврзани со различни општествени теми. Имено, се шират невистинити информации за вакцините против коронавирусот, за светската економска криза, а се тврди и дека луѓето се „запрашувани од авиони“. Сите овие тврдења претставуваат дезинформации.

Во објавата на Фејсбук се тврди:

Видете сега, почнаа со ковид, воведоа експериментални инекции, кои нити штитат од болеста, ниту имаат ефект, запрашување од авиони, ковидот ги осакати сите со трајни последици. Криза изрежирана кога нафта на платформите во Африка има како никогаш до сега, нафтата и лебот во Грција поефтини од Македонија и сега имаме контрола на времето насред лето да врне секој ден, ветер 200 на час, оркани, вртлози, олуи, град, бури, торнада во Македонија?? Ова е најстрашната војна до сега, која е поддржана од оние за кои сте дале глас и кои го претворија својот народ во експериментални глувци.

Во оваа објава на Фејсбук која е предмет на рецензија, се изнесуваат голем број невистини на различни теми.

Прво, се тврди дека вакцините против коронавирусот се експериментални. Ова е неточно тврдење. Вакцинацијата против ковид-19 не е глобален експеримент. Вакцините пред да бидат одобрени за употреба имаат поминато повеќе фази на клинички тестирања.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, објаснува дека повеќе неопходни чекори мора да бидат преземени секогаш кога ќе ѝ се презентира нова вакцина на генералната популација. Овие чекори вклучуваат развој на вакцината, клинички тестирања, одобренија од официјални медицински агенции, производство и дистрибуција. Секоја од овие набројани фази беше спроведена по појавата на коронавирусот, откако беше евидентно дека станува збор за светска пандемија, која засегна милиони луѓе буквално на сите континенти.

Светската здравствена организација (СЗО) внимателно го следи воведувањето на сите вакцини против ковид-19. Иако тие беа развиени во рекордно време, сепак, самиот процес – системите за тестирање, проценката на резултатите и одобрувањето на вакцината, не беше помалку ригорозен.

Вакцините против ковид-19 беа развиени брзо, затоа што научниците имаа добар почеток. Технологијата веќе постоеше и нејзиното користење за да се развие вакцина за нов вирус стана меѓународен приоритет, при што беа вложени милијарди долари за да се достигне нивна безбедна употреба со цел да се спасат илјадници животи.

Студија од регионалната канцеларија на СЗО за Европа, заедно со Европскиот центар за контрола и превенција на болести, објави проценка дека од почетокот на вакциналната кампања од декември 2020 година до ноември 2021 година, благодарение на вакцината, биле спасени 470 илјади животи во 33 држави ширум европскиот регион, и тоа само кај лицата повозрасни од 60 години.

Понатаму, во објавата на Фејсбук се тврди дека постои извесно „запрашување од авиони“. Станува збор за уште една широко распространета дезинформација која што Вистиномер во неколку наврати ја дебанкираше.

Оваа теорија на заговор е позната како „Кемтрејлс“ и е стара повеќе од две децении. Оваа невистинита теорија заснована на дезинформации го застапува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека кога патеката од авионите е видлива подолго време, таа мора да содржи некакви опасни дополнителни супстанци. Според ваквите верувања, нормалната трага од авионот треба брзо да се распрсне, па оттаму, облаците кои не исчезнуваат, мора да се полни со дополнителни, неоткриени супстанци – во случајов, отрови.

Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Не постојат никакви докази дека наводните хемиски патеки се различни од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови и се особено видливи на ведро и на сончево небо.

Уште една дезинформација која што е содржана во објавата на Фејсбук, предмет на оваа рецензија, е тврдењето дека нафтената криза е изрежирана.

Имено, растот на цените на горивата се должи на неколку причини, а една од нив е руската инвазија врз Украина. Цените започнаа да растат пред да започне војната во Украина во февруари годинава, а последиците од руската инвазија дополнително ја влошија ситуацијата. Па така, Русија е еден од најголемите светски извозници на нафта, но се соочува со санкции од европските земји, САД и други големи економии како резултат на нејзините воени акции врз Украина. Ова значи дека побарувачката за нафта од другите производители е зголемена, што автоматски носи и повисоки цени.

Притоа, се тврди дека нафтата и лебот се поевтини во Грција отколку во Македонија, што исто така е неточна информација. Иако во последните неколку месеци цените на нафтените деривати како и на голем број прехрамбени производи значително пораснаа, сепак не е вистина дека нафтата и лебот се поевтини во Грција.

Пресекот на цените на нафтените деривати на 29 август покажува дека во Македонија цената на бензинот изнесувала 1,461 евра за еден литар, а на дизелот 1,656 евра за литар. Истовремено, во Грција литар бензин чинел 2,066 евра, а литар дизел 1,955 евра.

Цената на лебот во Грција, но и во Македонија, зависи од повеќе фактори како на пример местото каде што се продава лебот, видот на лебот, количината, но и брендот. Сепак, податоците покажуваат дека цената на лебот во Грција во некои области уште во март годинава достигнала две евра за векна леб, односно нешто над 120 денари. Цените во Македонија за леб се многу пониски.

На објавата на Фејсбук, предмет на оваа рецензија, споделен е линк од медиуски напис во кој се известува за невремето што го погоди Скопје кон крајот на август годинава, кога беа поплавени голем број улици и објекти. Притоа во објавата тенденциозно се тврди дека некој (човечки фактор) го контролира времето. Ваквите временски неприлики не се директна последица на човекот односно се природна појава и се последица на климатските промени.

Поради сите погоренаведени факти, може да се заклучи дека постот што го рецензираме изнесува огромен број невистинити тврдења и шири повеќе теории на заговор кои имаат за цел да создадат паника и страв и да ја манипулираат јавноста.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција