Објава на Фејсбук шири познати теории на заговор за контрола и затворање на луѓето
Tеоретичарите на заговори кои тврдат дека пандемијата била лажна, постојано го ширеа наративот за некаков план да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, да се намали популацијата, но и да се измамат за да веруваат во „непостоечка пандемија“. Антиваксерите, како дел од поголемата група поддржувачи на теоритачирате на заговори, упорно тврдат и ден денес дека вакцините против ковид-19 биле измислени за да се спроведе злосторство, односно геноцид на човештвото. Токму и објавата што ја анализираме ја шири и оваа теорија на заговор
Tеоретичарите на заговори кои тврдат дека пандемијата била лажна, постојано го ширеа наративот за некаков план да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, да се намали популацијата, но и да се измамат за да веруваат во „непостоечка пандемија“. Антиваксерите, како дел од поголемата група поддржувачи на теоритачирате на заговори, упорно тврдат и ден денес дека вакцините против ковид-19 биле измислени за да се спроведе злосторство, односно геноцид на човештвото. Токму и објавата што ја анализираме ја шири и оваа теорија на заговор
Анализираме објава на Фејсбук која шири неколку теории на заговор, тврдејќи дека се „крчка“ некаков нов светски поредок.
НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК
Во САД наголемо се поставуваат посебни уреди за следење и контрола на однесување на граѓаните, поточно возачите, кои навечер светат како светилки, со сина светлина. „Никнуваат“ бавно и затоа не предизвикуваат внимание, ама веќе се поставени во огромен број. Нивните способности се во најситни детаљи да го скенираат лицето на возачот (и совозачот) и со тоа да се има контрола, кој од граѓаните какви навики и рутини има на движење. Друга способност е да испраќа сигнали во мозокот (преку одредени фреквенции, кои што ги испушта), при што може да влијае на возачки способности на човекот (да предизвика гадење, несвестица) и со тоа да го натера возачот да го сопре возилото и да излезе од него.
Ова е составен дел од Агендата 2030 на ООН, при што, меѓу другото, се планира воведување на “паметни градови”, што подразбира поставување камери на сите делови од градот, особено раскрсниците, заради наводно олеснување на гужвата во сообраќајот, како и редот и безбедноста во градовите (И кај нас во Скопје масовно почнаа да ги поставуваат, по раскрсниците!). Ова се препознава како дел од транс-хуманистичката агенда, која со засилено темпо се турка врз човештвото од страна на Обединетите нации, Светската здравствена организација, Светскиот економски форум и други тела на глобалистите.
Обидот за контрола на светското население со првата пандемија не успеа, па затоа сега се инсталираат други уреди, со неинвазивни методи (без вбризгување на „нешто“ во телото), ама со истата цел – контрола и манипулација!
Во иднина можеме да очекуваме не само вакви перфидни обиди за следење на движењето на светското население, туку и нов бран на пандемии, како што ОН и го најавија според Планот за пандемии на СЗО!
Теоријата на заговор за нов светски поредок во кој ќе има една влада, една религија и една војска, не е непозната и за неа Вистиномер досега има пишувано.
Во контекст на оваа теорија на заговор се ширеа дезинформации дека е претставена извесна „агенда на Обединетите нации од 2021 до 2030 година“, упатувајќи на Агенда 21 и Агенда 30 на Обединетите нации, која се спомнува и во објавата која е предмет на нашата анализа.
Како што веќе пишуваше Вистиномер, Агенда 21 е еден од документите кои произлегоа од конференцијата на ОН за животната средина и развој одржана во Рио Де Женеиро. Во агендата има 31 точки кои ги адресираат глобалните социјални и економски проблеми, зајакнување на улогите на жените, децата и работниците, како и предложени методи за имплементација. Во овој документ ги нема термините како „валута, војска, сувренитет…“, кои би упатувале на некаков нов светски поредок, како што тврди објавата што ја анализираме.
Агендата за развој 2030, пак, е резолуција усвоена од ОН во 2015 година, фокусирана на 17 цели кои треба да се постигнат за 15 години. Тоа се:
Да заврши сиромаштијата во сите форми секаде, заедно со гладот, да се обезбеди сигурност дека ќе има храна и подобра исхрана и да се промовира одржлива агрикултура, да се овозможи здрав живот и добросостојба во сите возрасни групи, да се осигури инклузивно и квалитетно образование и можности за доживотно учење за сите, да се постигне еднаквост меѓу половите, да се охрабрат и зајакнат жените и девојчињата, да се обезбеди добар менаџмент на водата, да се осигури достапност на евтин, сигурен и модерен систем за енергија, да се промовира економски раст, достоинствена работа за сите, да се изгради отпорна инфраструктура, да се намали нееднаквоста меѓу земјите, да се направат градовите инклузивни, безбедни и одржливи, да се преземат итни дејства за борба против климатските промени и нивните ефекти, да се конзервираат океани, мориња и марински ресурси за одржлив развој, да се заштитат терестријалните екосистеми, да се менаџираат шумите, да се промовираат мирни и инклузивни општества, да се овозможи правда за сите, да се изградат инклузивни институции на сите нивоа.
И во оваа агенда нема термини кои би потврдиле дека се заговара нов светски поредок со една влада, една религија и една војска.
Сините светилки се предизвикани од дефекти на ЛЕД светилките
Што се однесува до тврдењето во објавата дека во САД масовно се поставувале сини светилки со цел следење и контрола на луѓето, тоа не е точно. Точно е дека вакви светилки се појавиле во некои држави во САД, но причината не е следење и контрола на луѓето, туку едноставен дефект на ЛЕД светилките. Како што пишува Ју-ес-еј тудеј, нијансата на светилките не е намерна – таа е резултат на спектакуларен, дефект на некои од ЛЕД чиповите, што се случува со години во уличнито осветлување ширум САД. Карактеристичниот виолетов сјај се појавил, а потоа исчезнал, низ целата земја, бидејќи светилките полека откажувале и се заменувале. Виолетовата нијанса е резултат на раслојување на фосфорно-силициумскиот слој во ЛЕД чиповите на уличните светилки.
Она што истражувачите го откриле е дека кај некои од модулите, жолтеникавата мешавина од фосфор и силициум што ја филтрирала сината светлина за да ја направи бела, почнала да пука и да се дели, на крајот паѓајќи и дозволувајќи сината светлина под сјајот да помине низ неа, пишува Ју-ес-еј тудеј.
Во објавата која ја анализираме се спомнуваат и некакви паметни градови (кои најчесто се поистоветуваат со 15-минутните градови), за контрола на луѓето.
Вистиномер веќе има пишувано за концептот на „15-минутните градови“ и тој не претставува никакво заклучување или ограничување на движењето и потребите на граѓаните, како што теоретичарите на заговор сакаат да го прикажат. Оваа теорија на заговор особено се засили по пандемијата со ковид-19.
Постои идеја за „15-минутни градови“, но нејзината цел не се никакви климатски заклучувања, ниту пак, изградба на некакви логори, како што тврдат теоретичарите на заговор.
„15-минутниот град“ е град во кој услугите се во близина, го олеснуваат животот и им служат на граѓаните, вели креаторот на концептот, професорот Карлос Морено за Euronews Next.
Објавата шири дезинформации и дека поставувањето камери на сообраќајниците во Скопје е со цел некаква контрола на луѓето. Станува збор за системот „Безбеден град“ кој има за цел да се казнуваат сообраќајни прекршоци и да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и на граѓаните воопшто. Како што информираа од МВР, камерите ќе регистрираат неколку сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање.
Во објавата се спомнува и некаква трансхуманистичка агенда која за време на пандемијата на ковид-19 се доведуваше во корелација со вакцините против коронавирусот. Вистиномер има пишувано и за оваа теорија на заговор според која, преку вакцините на луѓето им се вбризгуваат некакви нано чипови кои имале за цел да ја менуваат човечката ДНК и да ги контролираат луѓето. Нема докази и дека на луѓето кои се вакцинирани, ниту сега, ниту во иднина ќе им бидат одземани човековите права или, пак, дека ќе им се промени „човечноста“. Ова лажно тврдење најверојатно се темели на погрешното разбирање на науката користена во развојот и дејствувањето на ковид-19 вакцините.
Објавата дезинформаира и дека пандемијата на ковид-19 била намерно испланирана за контрола на луѓето. Оваа дезинформација не е нова.
Теоретичарите на заговор кои тврдат дека пандемијата била лажна постојано го ширеа наративот за некаков план да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, да се намали популацијата, но и да се измамат за да веруваат во „непостоечка пандемија“. Антиваксерите, пак, упорно тврдат и ден денес дека вакцините против ковид-19 биле измислени за да се спроведе злосторство, односно геноцид на човештвото. Токму и објавата што ја анализираме ја шири и оваа теорија на заговор.
Вистиномер досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број објави на социјалните мрежи кои пишуваа дека коронавирусот и пандемијата се измислени. За оваа теорија на заговор, за којашто нема никакви докази, не постојат ниту научни студии кои го потврдуваат тоа. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја, одзема многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар